Како се рефлектираше пандемијата Ковид 19 врз електроенергетските системи и какви мерки презедоа регулаторите од Европа за да го заштитат потрошувачите се дел од темите на третиот трилатерален состанок организиран од Советот на европски регулатори на енергија (CЕЕR), Одборот на регулатори на Енергетската заедница (ECRB) и Здружението на медитерански регулатори на енергија (MEDREG) .

Регулаторите се сложија дека во изминатиот период поради концентрираната работа од дома потрошувачите го зголемиле интересот за своите права кога станува збор за квалитетот на испорачаната енергија и понудената услуга од снабдувачите.

Заштитата на потрошувачите е главната цел кон која се насочени сите активности во Одборот на регулатори на Енергетската заедница– посочи Бислимоски кој во улога на претседател на Одборот на регулатори на Енергетската заедница учествува на состанокот. Порача дека фер договори за потрошувачите и обезбедување на висок стандард во квалитетот на снабдување се правила кои мора да се гарантираат и за кои не смее да има отстапување.

„Како регулатори, нашата главна цел е да обезбедиме либерализација и енергетска транзиција што подразбира замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија и тоа е за доброто на граѓаните. Имплементацијата на таканаречениот Пакет на регулатива за зелена енергија претставува предизвик за нас. Имаме за цел да ги мотивираме потрошувачите активно да се ангажираат и да бидат запознаени со процесите и новите технологии со кои ќе им се овозможи флексибилност при употребата на достапните системи “ изјави Марко Бислимоски, претседател на Одборот на регулатори на Енергетската заедница.

Осврнувајќи се на годината што ја одбележа пандемијата регулаторите посочија дека дигитализацијата се покажа како успешен мост кој значително ја замени физичката наплата и обезбеди да не се загрози ликвидноста на енергетските компании

Во текот на денешниот ден европските и медитеранските регулатори продолжуваат со дискусија во однос на креирањето на механизми за да се поттикне поголемо учество на потрошувачите на пазарите што ќе влијае врз зголемување на конкуренцијата и подобрување на понудата.