Првиот човек на Комерцијална банка Хари Костов купил 3.500 обични акции од банката.
За оваа информација банката ја извести инвеститорската јавност преку Македонската берза.
„Согласно Глава 6 од Правилата за котација, известуваме за следната ценовно чувствителна информација: Комерцијална банка АД Скопје известува дека г-н Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор, се стекна со 3.500 обични акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје“, се вели во објавената ценовно чувствитерлна информација.
Овој чин следува откако Советот на Народната банка донесе Одлука за укинување на привременото ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките.
Со овие новокупени акции Костов зголемува својот и акционерски капитал во Комерцијална банка.
Инаку, Комерцијална банка ги информираше акционерите дека Надзорниот одбор на Банката, врз основа на член 7 од Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивиденда за 2020, донесена од Собранието на Комерцијална банка, донела Одлука за утврдување точни датуми на исплата на дивиденда за 2020 година, согласно која е утврден следниот ДИВИДЕНДЕН КАЛЕНДАР за датумите на исплата на дивиденда за 2020 година:
Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2020 година е 09.08.2021 година.
Прв ден на тргување без право на дивиденда за 2020 година е 10.08.2021 година.
Датумот на евиденција, според кој се определува листата на акционери кои имаат право да добијат дивиденда за 2020 година, е 11.08.2021 година.
Исплатата на дивиденда за 2020 година ќе започне на 24.08.2021 година.
Исплатата на дивиденда на правните лица ќе се врши со пренос на средствата на нивните сметки во Комерцијална или во друга банка.
Согласно Законот за данокот на личен доход, Комерцијална банка, како исплатувач на доход по основ на дивиденда, пресметката и плаќањето на данокот на доход и исплатата на дивидендата на физички лица ќе ги врши со поднесување електронска пресметка за бруто-доходот и за данокот по одбивка (е-ППД) до Управата за јавни приходи преку системот е-Персонален данок.