Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Грција. Пендаровски ќе биде првиот македонски претседател кој ја посетил официјална Атина во последните 30 години, односно од осамостојувањето на државата.

Денеска претседателот Пендаровски во придружба на сопругата Елизабета Ѓоргиевска ќе биде пречекан од претседателката на Хеленската Република, Катерина Сакеларопулу на официјална церемонија со државни и воени почести, во Претседателската палата во Атина.

– Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски ќе положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред Парламентот на Хеленската Република. За време на церемонијата е предвидено интонирање на националните химни на двете држави од страна на воениот оркестар. Пендаровски  ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе оствари средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Хеленската Република, Џефри Пјат.

За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на Лина Мендони, министерка за култура и спорт на Хеленската Република – соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Шефот на македонската држава ќе одржи тет-а-тет средба со грчката претседателка Сакеларопулу, а ќе се одржи и пленарен состанок на делегациите на двете држави.

Претседателот Пендаровски ќе оствари средба и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, како и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис кој во чест на нашиот претседател приредува свечена вечера.