Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција во Владата најави дека годинава ќе биде воспоставен нов електронскиот систем за инспекција, т.н. Е-инспектор.

Системот, нагласи Николовски, е една од алките во борбата против корупцијата. Ќе претставува ефикасен контролен механизам преку кој ќе се намали секое субјективно влијание на инспекторите при вршењето на нивните контроли.

Е-инспектор електронски ќе ги поврзе сите 28 инспекциски служби под капата на Инспекцискиот совет.

Годинава почнуваме со воведување на електронскиот систем за инспекција, Е-инспектор, кој ќе ги поврзе сите 28 инспекциски служби под капата на Инспекцискиот совет. Со овој систем ќе се намали субјективното влијание на секој инсектор, дали, каде и каква контрола ќе врши, нагласи Николовски.

Тој потсети дека се зголемија надлежностите на инспекциските служби за да бидат поддршка на полицијата и на останатите контролни служби.

Се покажа дека измените ја оправдуваат целта. Се намалуваат прекршоците на законите, на протоколите и на мерките и повторно нема недопирливи. Сите што ги прекршуваат протоколите сега инспекциските служби имаат алатки за санкционирање и изрекување конкретни казни, рече вицепремиерот.

Николовски на прес-конференцијата „Акција 21 – европските стандарди дома“ најави решавање на случаите за кои постои сомнеж за висока корупција, транспарентни институции во служба на граѓаните и целосно рестартирање на економијата. Оваа, 2021-ва, рече, ќе биде антикорупциска година, секој што го прекршил законот ќе сноси одговорност, а недопирливи не смее да има. Никој не е над законот, порача Николовски.