По повторното воведување на мерките за карантин во Европа, економистите предвидуваат враќање на европската економија во рецесија. Овој пат, економскиот пад ќе биде нешто поблаг од минатата пролет, но веќе постојат навестувања дека Европа може да биде најголемиот губитник во пандемијата во споредба со Кина и Соединетите држави.

По рекордниот раст на БДП во третиот квартал, Европа ризикува да се врати во рецесија, бидејќи строгите мерки на воздржаност насочени кон сузбивање на вториот бран на вирусот корона брзо доведуваат до крај на веќе кревкото закрепнување, посочува Си-Ен-Ен.

Бруто домашниот производ на Европската унија (БДП) порасна за 12,1 процент во периодот од јули до септември, објави неодамна статистичката агенција Евростат, додавајќи дека во 19 земји што користат еврото, БДП се зголеми за 12,7 проценти.

Во Франција веќе започна „вториот пад“, по рекордното зголемување на БДП за 18,2 проценти во третиот квартал, а изгледите за значително закрепнување во 2021 година „нагло паѓаат“, велат експертите. Германската економија порасна за 8,2 проценти во периодот јули и септември, но е за 4,2 проценти помала во споредба со истиот квартал лани. Во Шпанија, каде БДП порасна за 16,7 проценти во третиот квартал, економијата беше за 8,7 проценти помала отколку во истиот период во 2019 година, додека во Италија, економијата скокна за 16,1 проценти во третиот квартал, но за 4,7 проценти помалку од минатата година.