Економијата на Република Северна Македонија заздравува, оцени мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која се одржа од 6-17 мај. Тие посочуваат дека добрите политики и владиниот стимул го амортизирале ударот од Ковид-19 кризата врз нашата економија и посочуваат дека фискалната политика треба и понатаму да биде насочена кон поддршка на стопанството и граѓаните. Станува збор за редовна мисија на Фондот во земјава, а истата беше предводена од Бергјот Баркбу. Во рамки на мисијата беа остварени повеќе состаноци со претставници од Министерството за финансии, вклучително и со министерот за финансии Фатмир Бесими, на кои беа дискутирани актуелните состојби и очекувањата за економијата.

Од Меѓународниот монетарен фонд проектираат растот на бруто домашниот производ на земјава во 2021 година да порасне за 3,8%, со нагласок дека проекцијата може да претрпи нагорна корекција доколку се продолжи со забрзување на темпото на имунизација.

Фискалната политика треба да продолжи да биде поддршка за заздравување на економијата, поттикнување на отворање нови работни места и зачувување на социјалната стабилност, посочуваат од Фондот. Тие нотираат дека Владата и во 2021 година продолжила со поддршката на фирмите и граѓаните и истакнуваат дека доколку има потреба Владата треба и понатаму да продолжи со мерки кои ќе придонесат за заздравувањето.

Меѓународниот монетарен фонд оценува дека владиниот план за инвестиции е амбициозен и дека и понатаму треба се настојува да се унапреди ефикасноста на јавното трошење. Посочуваат дека напорите за подобрување на наплатата на давачките ќе креираат поголем фискален простор и дека тие средства можат да се насочат кон клучни области како здравство, образование и инфраструктура, а од друга страна ќе придонесат и зачувување на стабилно ниво на долг.

Од Фондот нотираат дека проекцијата за стапката на инфлација во 2021 година, како резултат на глобалниот раст на цените на храната и енергенсите, бележи нагорна ревизија, но е на умерено ниво од 2,2%.