Комисијата за доделување субвенции за странски организиран туристички промет одобрила субвенции за 2.112 посетители, најмногу од Малезија, Бугарија и од Турција

Македонија загубила 144 милиони долари девизен прилив од странските туристи поради пандемијата во 2020. Годишниот извештај на Агенцијата за поддршка на туризмот покажува дека минатата година биле остварени 252,05 милиони долари од странските посетители, додека една година претходно сумата била 395,92 милиони долари, пишува Фактор.

Од земјите каде што Македонија најмногу се промовира како туристичка дестинација, огромен пад е забележан кај шпанските туристи. Дошле само 972 и оствариле 1.747 ноќевања. Падот е 90 отсто. Десеткратно е намален бројот на туристи од Словенија, Турција. Кај Бугарија има пад од 80 отсто и дошле само 10.443 туристи од оваа соседна земја и притоа оствариле само краток престој. Слична е и ситуацијата со Хрватите. Земјата ја посетиле 2.748 Полјаци кои оствариле околу 10 илјади ноќевања, за разлика од 2019 кога нивниот број бил над 120.000.

– Поради кризата со коронавирусот карантините и затворањето на границите во 2020 година, забележан е пад на туристите од -84,4 отсто и ноќевањата од -84 отсто споредбено со 2019 година што се одразува со пад на девизниот прилив од туризам од -36,3 отсто, споредбено со истиот период во 2019 година, односно 252,05 милиони долари – се вели во извештајот.

Иако засега ситуацијата не укажува на тоа дека состојбата ќе се промени на подобро во однос на лани, од Агенцијата потврдуваат дека за тоа е потребно отворање на границите.  Инаку, Комисијата за доделување субвенции за странски организиран туристички промет одобрила субвенции за 2.112 посетители, најмногу од Малезија, Бугарија и од Турција.