Home КОЛУМНИ Физика во економија: Акција, реакција и популистички мерки за еднократна употреба

Физика во економија: Акција, реакција и популистички мерки за еднократна употреба

0
Физика во економија: Акција, реакција и популистички мерки за еднократна употреба
frontbhdp

Изминативе денови медиумите се преплавени со наслови за замрзнување на цените на основните продукти, и секако, вечно актуелната тема, зголемување на минималната плата. На прв поглед можеби некој и ќе си рече дека тоа е одлично, конечно конкретни чекори за намалување на негативните ефекти од здравствено-економската криза, која во последно време збогатена уште и со инфлација и енергетска криза. Но, она што јас сакам да го поставам како прашање е дали во овие министерства и институции има економисти кои учествуваат во креирање на меркиве, пред истите да бидат бомбастично најавени? Не зборувам за луѓе со диплома од економска област, туку економисти кои имаат, или барем некогаш имале допир со реалниот сектор и животот на обичните смртници.

Но, ако размислам подлабоко, а имајќи предвид дека кај нас не се вработуваат луѓе поради компетенциите кои ги поседуваат, туку согласно партиската припадност, дали можеби има барем некој физичар?? Пред да се откажете од читање понатаму, дозволете ми да ви ги одговорам прашалниците во глава. Во физиката постојат закони, кои ги објаснуваат појавите. Еден од тие закони е и третиот Њутнов закон кој го објаснува принципот на заемното дејствување, односно дека за секоја акција (примена на сила), се јавува еднаква, но спротивна по насока, реакција. Па така, во контекст на горенаведените мерки, ќе имаше кој да им објасни дека нештата никогаш не се еднострани, и како такви не смеат да се третираат без да се разгледа ефектот кој ќе се предизвика на другата страна.

Од една страна се замрзнуваат продажните цени на основните прехранбени продукти, што изгледа како супер потег за спречување на дополнително осиромашување на граѓаните, но, во отсуство на мерки за регулирање на набавните цени ударот на крајот повторно ќе биде по истите граѓани, само од другата страна. Секојдневно растат цените на суровините, горивата, а во најава е и поскапување на електричната енергија (доколку ја има воопшто), и во такви услови државата очекува дека производителите и трговците ќе продолжат со својата дејност дури и кога тоа ќе значи директна загуба за нив. Или, просто кажано, да произведуваат/набавуваат за 100 денари, а да продаваат за 80, а притоа да не задоцнат ниту ден со плати, придонеси, даноци и сите останати надоместоци кон државата. Ваквата еднострана акција, ќе предизвика реакција во вид на недостаток на истите основни прехранбени продукти чија цена е замрзната, а во втората етапа и затворање на десетици компании и илјадници нови невработени, на кои замрзнатите цени нема да им значат ништо, зашто ќе немаат пари за да си ги дозволат.

И вториот наслов кој се користи секогаш кога има потреба од лесно прибирање на дневно политички поени, е покачувањето на минималната плата. Повторно, и тоа како звучи примамливо и добро, во секој случај и потребно, но повторно не може да се имплементира еднострано како што е замислено. Иако на краток рок можеби ќе помогне за полесно живеење, на среден и долг рок повторно ќе се вратиме на истиот резултат како погоре – затворени компании и нови невработени. Зашто, зголемување на минимална плата не значи само зголемување на минимална плата. Значи зголемување на придонеси, покачување и на останатите плати согласно систематизација: ако оној што земал 250 евра сега зема 300, логично е оној што земал 300 сега да зема барем 350, зар не? И сето тоа додека две години сеуште сме во криза. Но, еве и да имаат моќ компаниите да го издржат тоа, од кои 98% се микро и мали, претежно фамилијарни компании, дали ова ќе значи и зголемување на ефикасноста и продуктивноста? За жал, не, но тоа никој не го зборува.

Наместо вакви екскурзии од кои повторно само поединци ќе профитираат, потребни се издржани мерки за заздравување на економијата. За да имаме забрзан економски раст, потребно е прво да имаме економија. Справување со сива економија (реално, а не на хартија), санкционирање на оние кои го злоупотребуваат системот и работниците за лични интереси, регулирање на цени на суровини преку активирање на државни резерви, стабилизирање на цени на енергенски преку намалување на акцизите, субвенционирање на придонеси, унапредување на пазарот на трудот преку доквалификација и преквалификација, укинување на стотиците парафискални давачки кои непотребно ги оптеретуваат компаниите, намалување на непродуктивни расходи на државни институции и пренаменување на средства за создавање услови за рамномерен локален економски развој, се само дел од мерките кои можат да се крееираат и имплементираат. Ако не знаете како, прашајте, има такви кои знаат.
Не треба да имате 3 магистерски и 2 докторати за да разберете како еден систем треба да функционира. Само погледнете две деца додека се забавуваат на клацкалка. Во одреден момент едното е горе (компаниите), другото доле (работниците), па потоа обратно. Но најубаво е кога ќе постигнат баланс. Доколку во одреден момент едната страна натежнува, а другата исплашено прета обидувајќи се повторно да осети тло под нозете, тука е родителот (државата) да помогне, не за овојпат другиот да го изгуби тлото под нозете, туку за повторно да се постигне совршената рамнотежа. Впрочем, тоа е и улогата на државата, да биде родител на сите свои деца, зарем не?

Пишува: Александра Андреева