Следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде пред 15 јуни кога ќе се разгледува можноста за укинување на полицискиот час.
Болниците полека се празнат од ковид-пациенти, епидемиолиошката состојба е стабилна и се помал е бројот на новозаразени со Ковид-19. Доколку продолжи ваквиот тренд надлежните најавуваат дополнителни олеснувања на рестриктивните мерки од 15 јуни. Дотогаш во сила е полицискиот час кој започнува на полноќ и трае до 4 часот изутрина.
„Следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде пред 15 јуни, а дотогаш ќе работиме со организаторите на разни настани, концерти за да се донесат соодветните протоколи“, најави министерот за здравство, Венко Филипче. Владата неодамна укина дел од рестрикциите кои се однесуваа на носењето маска на отворено, а дозволи и повторно да се одржуваат свадби на отворено. За таа цел беа донесени и специјални протоколи кои предизвикаа незадоволство кај угостителите. Незадоволни од протоколите се и музичарите кои на пладне излегуваат на протест пред Владата. Поголемиот дел од естрадните уметници не се согласуваат со одлуката жива музика да смее да има само на свадби, а не и во кафулиња и други локали.