Според финансиската анализа за работата на државните претпријатија во период од 2015 до 2019 година, 30 најголеми претпријатија основани од државата и локалната самоуправа оствариле вкупен приход од 45 милијарди денари. Просечната стапка на профитабилност за анализираните пет години изнесува шест проценти, а за 2019 година профитабилноста покажува извесно подобрување од 6.5 проценти.
Во анализата на 138 страни, што ја спроведе Центарот за граѓански комуникации, покрај генералните наоди за 30-те најголеми државни претпријатија, обработени се и податоци за секое претпријатие поединечно.
Кај дел од претпријатијата податоците потврдуваат дека состојбите се алармантни и дека биле алармантни и претходно. Тоа што е исклучително важно е дека со ваквите темелни и експертски анализи не само што се алармираат состојбите туку самите претпријатија подлежат под ваков мониторинг, што влијае на намалување на ризиците од корупција, посочи Наташа Стојановска.
Програмската директорка во Центарот за граѓански комуникации, Сабина Факиќ истакна дека државните претпријатија се значаен сегмент во македонската економија, особено во дејностите на кои припаѓаат. Според истражувањата на Центарот за граѓански комуникации во нашата држава има вкупно 145 претпријатија во целосна сопственост на централната и локалната Власт. Годишните приходи на овие претпријатија во 2019 година изнесувале околу 810 милиони евра, со што бруто домашниот производ изнесува над седум проценти, а вработени се 29.000 луѓе.
Со цел да се обезбеди квалитетно извршување на јавните услуги, неминовно е да се обезбеди добро управување со претпријатијата што се во државна сопственост. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации спроведени во изминатите две години, во рамки на проектот „Интегритет и антикорупција во бизнис секторот“ покажаа многу слабости во управувањето со државните претпријатија во нашата земја, вели Факиќ.
Таа истакна дека слабостите се манифестираат преку отсуство на јасна и транспарентна постапка за селекција на членовите на управните и надзорните одбори на претпријатијата што отвора голем простор за политичко влијание и поставување несоодветни лица на раководните функции во претпријатијата, отсуството на систем за следење и оценка на перформансите на работата во државните претпријатија. Како дел од листата на слабости, Факиќ го издвои и ограниченото ниво на транспарентност и отчетност на овие претпријатија.
Според истражувањето, спроведено на крајот од минатата година, 30те најголеми претпријатија објавуваат само 41 процент од извештаите и документите што треба да ги објавуваат. Но во однос на 2018 година, кога процентот на објавени информации изнесувал само 28 проценти, може да се забележи дека има значително подобрување.
Фрик Јанмат, член на ЕУ Делегацијата во Северна Македонија, истакна дека од аспект на Европската Унија, државните претпријатија се важни за малата економија, бидејќи обезбедуваат вработувања, ги заштитуваат и управуваат со главните ресурси и обезбедуваат суштински ознаки за јавноста.
Јанмат посочи дека се ранливи на корупција, што е причина за важноста на интегритетот во нивното работење. Целта на подобрувањето на транспарентноста и отчетноста не е само да се биде во согласност со етичките, важна е и за цели на ефикасност.
и приоритетот поради кои се основани јавните претпријатија е обезбедување на услуги за граѓаните. Тоа треба да бидат квалитетни и навремени услуги, кои го олеснуваат и даваат квалитет на животот на граѓаните на нашата земја, a еден од показателите за тоа дали ја исполнуваат својата примарна цел се финансиските резултати.
Земајќи ги предвид податоците кои произлегуваат од анализата, фактот што поголемиот број од претпријатија кои се во сопственост на државата во 2019 година имаат многу поголема ефикасност и ефективност во нивното работење во споредба со претходните години е доказ дека политиките на Владата и преземените мерки за подобрување на состојбата во овој сегмент на државното функционирање полека но сигурно ги даваат своите резултати, потенцираше вицепремиерот Битиќи.
Битиќи ги повика и охрабри граѓанските организации и целиот невладин сектор и понатаму да бараат високи стандарди за отчетност и транспарентност од јавниот сектор, вклучително и од јавните претпријатија.
Заедничка цел кон која сите работиме е јавни претпријатија кои работат ефективно и ефикасно со цел граѓаните да ги добиваат услугите кои ги заслужуваат кои креираат повисок стандард во нашето секојдневно живеење, заклучи Битиќи со своето излагање.
Целото истражување е достапно за јавноста на следниот линк.