Александра Андреева има само 29 години, а веќе во Велес успеала да застане на стабилни нозе сопствено сметководствено биро. Насмеана и позитивна вели дека не е лесно, но сепак успеала да се избори за место под сонцето и засега од она што го работи може пристојно да живее. За „Економист“ таа раскажува како од матурантка во јазична гимназија се развила во одличен сметководител и како од работата во домашни услови направила фирма со одлично реноме. Интересно за оваа млада претприемачка е и тоа што на своите вработени им го остварила работничкиот сон кој и светските компании уште го тестираат, да работат со скратено работно време, односно дома да со одат час и половина порано.

Сметководството кај вас бил фамилијарен бизнис, кој се работел во скромни услови како дополнителна работа. Со колку фирми почнавте, a колку правни субјекти водите сега и колку време постои вашата фирма?

Сметководството почнав да го учам и работам веднаш по завршувањето на средно училиште, покрај член од семејството. Во тоа време, пред 11 години, почетоците беа како и кај повеќето. Во домашни услови, со полуприлагодена „канцеларија“, и со не повеќе од пет клиенти. За кратко време, целејќи кон професионалност и квалитет во работењето, со работа продолживме партнерски со друга колешка, а мојата самостојна фирма со свои деловни простории постои пет години. Од скромните почетоци дома, низ сите трансформации до денес, бројката на клиенти е многукратно зголемена, но, тоа и не е толку важно. Најважно од се, е дека клиентите го препознаваат и ценат квалитетот на понудената услуга, што всушност е и најдобра реклама за да може едно сметководствено биро да расте и да се развива.

Колку вработени имате и како успевате се да завршите во работни време од 8.30 до 15 часот?

Покрај мене, имам вработено уште три лица, а секако имам и надворешна соработка со правници и други стручни лица со цел обезбедување на професионална услуга за клиентите. За мене, најважното за унапредување на бизнисот е тимот. И од првиот момент на доаѓање на ново лице мојот стремеж е да се вклопи во „семејството“. Понатаму, се е многу полесно. Со позитивна и пријатна работна атмосфера, флексибилност, соодветни услови за работа, и правилна распореденост, каде секој ќе си ги знае своите обврскии ќе сноси одговорност за истите, навременото и точно завршување на работата е неизбежно. Па затоа и работното време е за нашиве простори скоро па и незамисливо – од понеделник од петок од 8.30 до 15 часот, со вклучена пауза. И морам да признаам, дека ако постои нешто како совршен тим, јас го имам.

Работите ли по тарифникот на ИСОС и како одеше неговото воведување, наидовте ли на голем отпор кај фирмите, изгубивте ли некои од клиентите?

Генерално да, се водам според тој тарифник, акт, нормално, со соодветни прилагодувања онаму каде што има потреба, во зависност од обемот на работа или потребите на клиентот. За жал, во помалите места, па и во цела држава, секојдневно слушаме или се соочуваме со смешно ниски цени за водење сметководство. Но, секој за себе како сака да си го вреднува трудот. Воопшто не беше едноставно прилагодувањето, поминав неколку месеци во преговарање и договарање со клиентите, но, на крајот, сите, освен двајца кои преминаа кај колега/шка за пониска цена, ја сфатија важноста и вредноста на услугата што ја добиваат, па до денес функционираме без проблем по ова прашање.

Сметководството важи за професија во која претежно работи повозрасна популација, односно кај младите не постои интерес да влезат во тој бизнис. Сепак вие сте исклучок од тоа правило. Дали додека студиравте планиравте да се занимавате со сметководство или тоа се случи подоцна? Може ли да пристојно да се живее од сметководството во Велес, односно во Македонија?

Кај мене лично малку поинаку беа подредени нештата. По завршување на средно образование не бев во можност веднаш да се запишам на студии, туку веднаш започнав со работа. За мене тоа беше целосен пресврт. Од јазична гимназија, влегов на сосема непознат терен. Но, моменталните услови беа такви. И покрај тоа, за кратко време навлегов во проблематиката, и се пронајдов, па по неколку години, за целосно усовршување на моите знаења и лични достигнувања, се запишав на студии на Економскиот факултет во Скопје, департман Сметководство и ревизија. Од денешна перспектива, воопшто не жалам за овој тек. Како тинејџери ретко вистински знаеме да одбереме професија која ја сакаме. И тој сплет на околности, во комбинација со мојот карактер и темперамент, со сите доблести и недостатоци, ме доведоа навистина да можам да обезбедам пристоен живот за мене и моето семејство, како и за моите вработени. Не беше ниту лесно, ниту едноставно да се изоди тој пат, посебно бидејќи не ретко наидував на потценување од повозрасните колеги поради мојата младост, но, одговорно тврдам, доколку знаеме пред се да се цениме самите и да го вреднуваме соодветно нашиот вложен труд, ќе научат да не ценат и клиентите.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во работата?

За мене лично, тоа е непочитувањето од страна на институциите, и континуираното наметнување на обврски кои никако не треба и не спаѓаат во опис на нашите работни обврски. Постојано се соочуваме со нефункционални системи на УЈП во нормално работно време, „продолжени“ рокови за достава на извештаи и обрасци за викенд или празник. Од друга страна никаква заштита од нелојалната конкуренција при доставување на годишните сметки или даночни пријави. Неретко се наоѓаме во ситуации каде треба да сме и правници, и информатичари, и што ли уште не, бидејќи низ годиниве некако најлесно е за се` да им се рече на клиентите „Прашај си го сметководителот“.

Но, најмногу од се, што оној кој според Закон требаше да е наш заштитник, и да се залага и бори за нас пред сите релевантни институции, за ситуации како погоре спомнатите, Институтот на сметководители и овластени сметководители, веќе повеќе од 2 години е блокиран со работењето. Десеткувани органи (разрешени, во оставки, со истечен мандат), ЗВСР кој не функционира за ништо друго освен за КПУ и вештачко зголемување на регистрите, секако, и за редовна наплата на чланарини, без никаква контрола и заштита на терен. А секако, тука е и ресорното Министерство за финансии кое никако не најде време да проговори што и да е во врска со нашите проблеми, а од чиј став и мислења и те како зависиме, по било кое прашање за да се отплетка Гордиевиов јазол во кој сме заплеткани.

Што сметате дека треба најитно да се уреди во сметководствената дејност?

Да имаме квалитетен закон, функционален ИСОС, со органи кои ќе работат на заштита на нашите интереси, ИСОС кој ќе соработува со сите релевантни институции и ќе се избори за соодветен третман од истите, и ИСОС кој ќе работи за сузбивање на нелојална конкуренција и сива економија, најпрво во нашите редови, а со тоа и државата ќе има бенефит на ниво на целокупно стопанство. Со други зборови, да станеме ФЕЛА, во вистинска смисла на зборот. Бидејќи, како што веќе рековме, старосната структура во оваа професија е далеку од поволна, за 10 години ќе се соочиме со недостиг на сметководители, младите едноставно не гледаат иднина со ваква ситуација која трае веќе долго време. Па дури и јас самата, со своите 29 години, иако веќе со изградено биро, на моменти се прашувам дали ако продолжи ваквата ситуација можам да се надевам да дочекам старост во оваа професија. Затоа, клучно е да тргнеме од тука, за што повторно ни треба ресорното Министерство да се произнесе по сите прашања, а понатаму бенефитите ќе си дојдат постепено, вклучително и членството во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC).

ПРЕТХОДНА ВЕСТРоза Алексова: Правната заштита со медијација, есенцијална за градење доверба во бизнисот
СЛЕДНА ВЕСТМ-р Славе Младеновски: Медијацијата носи голем потенцијал за развој и напредок на бизнисот