Агенцијата за вработување објавува јавен оглас за обуки за побарувани занимања, на кој може да се пријават евидентираните невработени лица кои се корисници на гарантирана минимална помош.

„Се повикуваат евиденираните невработени лица корисници на гарантирана минимална помош кои се заинтересирани за учество во обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот, да се пријават во работните клубови на центрите за вработување каде се евидентирани како невработени лица најдоцна до 22.10.2020 година“ , се вели во објавата на Агенцијата за вработување.

Обуките ќе се спроведуваат од страна на верификувани спроведувачи на обуки и се однесуваат на следните занимања и градови:

  1. Автомеханичар – Битола, Тетово, Скопје, со завршено минимум основно образование
  2. Асистент за нега на лица со деменција – Алцхајмерова болест и интелектуални попречености – Скопје, со завршено минимум основно образование
  3. Бравар – Неготино, со завршено минимум средно образование
  4. Готвач – Тетово, Велес, со завршено минимум основно образование
  5. Изработувач на мебел – Тетово, со завршено минимум основно образование
  6. Козметичар – Струмица, Скопје, со завршено минимум основно образование
  7. Личен асистент на лица со попреченост – Скопје, со завршено минимум средно образование
  8. Маникир/педикир – Струмица, Скопје, со завршено минимум основно образование
  9. Монтер за греење, ладење и климатизација – Скопје, со завршено минимум тригодишно средно стручно образование
  10. Неговател/ка на стари и немоќни лица – Македонска Каменица, Берово, Куманово, Битола, Тетово, со завршено минимум основно образование
  11. Слаткар – Тетово, Гостивар, Битола, со завршено минимум основно образование
  12. Вилушкарист – Битола, со завршено минимум основно образование
  13. Ракувач со градежна механизација – Неготино, Тетово, со завршено минимум средно образование
  14. Службеник во сметководство / книговодство –Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, со завршено минимум средно образование
  15. Фризер – Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, со завршено минимум основно образование
  16. Шивач –Тетово, со завршено минимум основно образование

Обуката ќе се реализира во период од 2 месеци, а по завршување на обуката кандидатите ќе изведуваат секојдневна практична работа во реални услови кај работодавачи во времетраење од 1 месец. Доколку спроведувачите на обука се приватни компании (работодавачи) практичната работа во времетраење од 1 месец може да се изведува кај истата приватна компанија (работодавач).

Лицата вклучени во обуките ќе добијат месечен надомест од 9.000,00 денари, со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионалнa болест и данок на личен доход за времетраењето на обуката.

Невработените лица кои ќе ја завршат обуката, практичната работа и успешно ќе го положат предвидениот испит, ќе се стекнат со Сертификат издаден од верификуваните спроведувачи на обука.

По завршување на обуката, спроведувачите на обука имаат можност да обезбедат 30-50% вработување за кандидати кои успешно ја завршиле обуката и се стекнале со Сертификат. Минималниот период за вработување на определениот број на обучени лица е три последователни месеци во период од еден месец по завршување на обуката со полно работно време.

Вклучените евидентирани невработени лица кои се корисници на паричен надоместок или користат право на парична помош од социјална заштита, за времетраење на обуката не го губат ова право.

Обуките ќе се спроведат доколку има доволен број на пријавени кандидати.

Во обуките не може да учествуваат лица кои предходно биле вклучени во оваа мерка.

Детални информации можат да се добијат во работните клубови на 30-те Центри за вработување, на веб страната на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија www.av.gov.mk, веб страницата на АВРСМ www.av.gov.mk како и на FB страната на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

ПРЕТХОДНА ВЕСТЦентралниот регистар со нов портал
СЛЕДНА ВЕСТГувернерката претседаваше на конференција организирана од Холандската централна банка