Рускиот гасовод Северен тек 2 денеска ќе започне со полнење на првата линија со природен гас, соопшти Гаспром. Наведено е дека се уште се во тек работите за поставување цевки за втората линија на Северен тек 2. Против овој гасовод се САД и бараат да биде запрен за да не се дојде во ситуација Германија да биде зависна од рускиот гас, односно тој да биде злоупотребен за политички цели на Кремљ.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека гасоводот е против интересите на Европската унија и го предупреди Берлин за можни санкции во врска со проектот. Деновиве беше објавено дека Вашингтон и Берлин преговараат за решавање на недоразбирањата со гасоводот, кој оди под Балтичко море, а со тоа се заобиколува снабдувањето на Европа преку територијата на Украина.