Paypal Holdings ќе им овозможи на клиентите услуга за купување, продавање и држење биткоин и други виртуелни пари што ќе можат да ги користат за плаќање во продавниците. Оваа услуга во Македонија не ја користат многу луѓе, тие што ја користат се со странски сметки.

Лани Народната банка објави дека македонските граѓани и фирми можат да отвораат и да користат сметки во странски електронски сервиси за платежни трансакции какви што се „Пејпал“, „Скрил“ и другите и во делот на примањето пари. До тој момент, во земјата „Пејпал“ и другите сервиси функционираат само за плаќање.

Тогаш од Народна банка соопштија дека им излегуваат во пресрет на македонски ентузијасти кои долго време барале целосно функционирање на „Пејпал“ во Македонија. Но требаше и „Пејпал“, да ја овозможи услугата да биде функционална.

Сметките може да се користат исклучиво за комерцијални цели, односно за купување и за продавање стоки и услуги по електронски пат.

„Дали и кога граѓаните и компаниите ќе можат да отворат сметка кај одреден електронски сервис и какви услуги ќе можат да користат (дали само за плаќање или и за наплата), одлучува секој од сервисите, при што деловната одлука ја носи врз основа на сопствени анализи и оцени“, гласеше соопштението од НБРСМ.

Плаќањата во криптовалути преку Paypal ќе бидат порамнети во утврдени валути, како што се долари, што значи дека трговците нема да добиваат плаќања во виртуелни пари, нагласи компанијата.