Претседателот на сиромашната централноамериканска држава Ел Салвадор Најиб Букеле го помина денот на Твитер, обезбедувајќи техничка помош за жителите, откако биткоинот стана валута во земјата, што е првпат една земја да го стори тоа.
40-годишниот претседател побара од корисниците да ја рестартираат апликацијата доколку им се појави пораката „во фаза на одржување“.
Историското усвојување на биткоинот како валута во таа централноамериканска земја беше придружено со технички проблеми што ја намалија вредноста на таа криптовалута во светот.
Владата на Букеле донесе закон според кој сите гранки во земјата мора да го прифатат биткоинот како валута. Граѓаните можат да плаќаат и во американски долари, национална валута од 2001 година, пишува Фајненшел тајмс.
Младиот претседател одлуката, донесена и спроведена за само 90 дена, ја оправдува со тврдењето дека ќе ги зголеми инвестициите во државата и ќе го подобри пристапот до финансиски услуги.
Ел Салвадор претходниот ден купи 400 биткоини, и уште 150 во средата, така што во моментов поседува 550, објави Букеле.
Тој во изминатите 36 часа го користеше Твитер за да ги поучи граѓаните како да ја преземат апликацијата Чиво, именувана по локалниот сленг за зборот „кул“, која овозможува трансфер на пари без надомест и за кои владата се надева дека ќе биде преземена од оние кои немаат банкарски сметки.
Во текот на ноќта, апликацијата беше исклучена по втор пат за „да го подобри корисничкото искуство и да се отстранат проблемите што ги имаше во текот на денот“.
„Се надеваме дека утре ќе биде подобро“, напиша Букеле.
Неговата влада планира да потроши повеќе од 225 милиони долари за воведување биткоин, и секој граѓанин што ќе го преземе Чиво ќе добие вредност од 30 долари во биткоин.