Пратениците во собранието ги изгласаа измените на Законот за додадена вредност, со што ДДВ-то за прометот на електрична енергија кон домаќинствата се намалува од 18 на 5 проценти.

ДДВ од 5 отсто ќе важи до 30 јуни 2022 година, а за период од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година даночната стапка за ДДВ ќе се накачи за пет проценти односно ќе изнесува 10 отсто. За периодот по 1 јули 2023 година даночната стапка повторно ќе се врати на досегашните 10 проценти.

Овие измени за граѓаните нема да донесат значително намалување на сметките за струја, затоа што додека од една страна се намалува ДДВ-то, од друга, цената на електричната енергија претходно беше поскапена за 12,36 проценти.

Во собраниската дебата пред да бидат изгласани законските измени, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, посочија дека намалувањето треба да важи за сите. Односно покрај граѓаните и домаќинствата, да ја опфати и индустријата за што опозицијата имаше поднесено и амандман.

„Суштина на првиот амандман на ВМРО-ДПМНЕ беше стапката за намалување на ДДВ за електрична енергија од 5 проценти да важи за сите. И за граѓаните, и за домаќинствата, но и да важи за индустријата. Тука како аргумент слушнавме дека индустријата сепак има право на поврат на ДДВ, но тука меѓу нас има познати стопанственици, луѓе од приватниот сектор што имаат компании, па слободно ги повикувам да излезат и да кажат, дали истиот процент на данокот на додадена вредност, немаше да ја зголеми ликвидноста на нивните компании“,рече Стојаноски.

Во текот на дебатата, од СДСМ, пак, им испратија порака на ВМРО-ДПМНЕ да не шират информации дека се загрижени за енергетскиот систем бидејќи истото го правеле и кога социјалдемократите воведоа евтина тарифа, но ништо не се случи.

„Кога вие бевте власт, тврдевте дека ќе колабира целиот енергетски систем доколку се врати евтината струја. Тоа за среќа не се случи. Оваа Влада покажа дека и со евтина струја може да постои енергетскиот систем, да биде функционален и граѓаните да бираат дали е поубаво во време кога е скапа струја или во време кога имаме евтина струја, што во време на ВМРО-ДПМНЕ не постоеше. Не треба да ширите лаги и информации дека сте загрижени, се гледа дека барате само политички поени“,рече пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ.

Пратеничката и лидерка на зелената партија, ДОМ, Маја Морачанин, пак, на собраниската говорница излезе со став дека електричната енергија не треба да биде евтина, но се согласува дека во овој момент заради коронакризата која се одразува и на социоекономската состојба, потребни се вакви мерки за граѓаните да не го почувствуваат ударот. Од тие причини таа даде и поддршка за законските измени.

„Електричната енергија не треба да биде евтина, затоа што ако струјата е евтина, тоа доведува до поголема потрошувачка, а ние треба да ја штедиме електричната енергија и струјата, не само овде во државата, туку во целиот свет, тоа е тенденцијата“,рече Морачанин.