Изминатиов период сите сме во исчекување на четвртиот сет економски мерки за справување со последиците од пандемијата. Повеќе пати на ТВ и по социјални мрежи слушнавме дека до крајот на оваа или онаа седмица мерките ќе бидат донесени, па од тука и не ме изненадуваа континуираните прашања од клиентите за истите. Но, за жал не изненади ни одложувањето и калкулирањето со мерките.
Согласно јавно достапните објави на страната на Министерство за финансии како предлагач на Предлог – законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од КОВИД – 19 кризата за исплата на платите за октомври, ноември и за декември 2020 година, истиот е веќе усвоен на Влада и доставен на усвојување до Собрание. И нормално, како и сите уредби претходно, така и овој Предлог-закон најверојатно ќе помине без никој да се осврне на сите недоречености и нелогичности кои ги содржи, па ќе се чудиме што и како да спроведеме во пракса. Но, разликата сега е што уредбите во вонредна состојба можеше да се менуваат со просечна брзина од 3 измени на ден, но тоа не е случај и со законите.
Имено, во официјалната објава на страната на Влада конкретно за овој Предлог – закон, еден дел посебно ми го привлече вниманието.
(Извор: https://www.finance.gov.mk/mk/node/9029 )
Вака како што е дефинирано, остава простор за слободно толкување од страна на институциите и инспекторите што би дошле во контрола по овој основ. Зошто го велам тоа? Во нашата законска регулатива, како термини познаваме нето плата и бруто плата. Во извадокот погоре може да забележиме дека тоа не е прецизирано, и во одредени фирми тој ист износ може да го примениме како бруто, а во други нето, согласно податокот дали и колку ефективни работни часеви остваруваат вработените во услови на пандемија.
Ви текнува на целата фама која се создаде со претходната уредба, кога поранешната министерка за финансии даде толкување дека износот на финансиска поддршка може да биде и бруто плата повикувајќи се на законски одредби од Закон за работни односи? Подоцна, за истата работа Управата за јавни приходи и трудовиот инспекторат излегоа со заплашувања дека ќе бидат казнети сите оние кои исплатиле 50% надоместок на плата поради виша сила, или 70% поради нарушен работен процес.
Е тука, повторно го гледаме делумно истото сценарио, со таа разлика што овој пат се предвидени прекршочни и кривични санкции, со глоба до 10.000 евра, доколку толкувањето на инспекторот се разликува од вашето. Скромно.
Да се разбереме, апсолутно се сложувам дека работникот заслужува да биде соодветно платен за својата работа, и секоја злоупотреба од страна на работодавачите е за осуда. Но, ајде да ја погледнеме и другата страна на паричката – состојбата во која се наоѓаат работодавачите. Да не се повторуваме, знаеме какви беа процесите за работа месеци наназад, со делумно или целосно запрен работен процес, со цел куп протоколи кои генерираат дополнителни трошоци, а секојдневно слушаме и најави за нови рестриктивни мерки. И сега, ако ја погледнеме поделбата на финансиската поддршка, која според ресорното министерство треба да е потаргетирана, го имаме следново: За намален приход од над 80% следува финансиска поддршка до 21.776 денари. Овде спаѓаат во најголем дел секторите туризам и угостителство кои беа целосно затворени, а и само делумно се вратија во нормала. Доколку во извадокот погоре толкуваме дека сумата 21.776 денари треба да е нето, ако претпоставиме дека една компанија има 10 вработени, за исплата на придонесите се потребни од прилика уште по 11.000 денари од вработен, или вкупно 110.000 денари и тоа во услови на пад на приход од над 80% и континуирано нарушен процес на работа!! Логика? Нема.
А ако претпоставиме дека сумата може да биде бруто? Е тогаш останува да се молиме дека инспекторот што ќе ни дојде во контрола има исто толкување како нашето. Или да се откажеме од идејата уште пред да аплицираме за поддршка. Можеби тоа е и намерата.
Приватниот сектор, посебно микро и малите претпријатија, колку и да сакаат да се борат против течението на реката наречена Ковид-19, силите им се веќе одамна исцрпени. И додека ние се соочуваме со куп мерки, рестрикции и ограничувања, немаме право да користиме законски одредби доколку сакаме да добиеме финансиска поддршка, зашто очигледно оние кои ни ги носат законите немаат поминато ниту ден во приватен сектор, и единствениот репер им е државната администрација. Е, таа, може да си дозволи да работи преку еден ден, или онлајн, а да добива цела плата, зашто нивната плата повторно доаѓа од даноците и придонесите кои ги плаќа стопанството.
И не можам а да не се запрашам, до кога надлежните институции наместо да ги послушаат коморите кои ги застапуваат интересите на реалниот сектор, ќе ги користат само како алиби за донесените одредби?? Кога навистина ќе ги послушаат оние кои секојдневно се на терен? За крај, останува да се надевам дека во Собранието сепак ќе има некој доволно економски писмен што ќе ги актуелизира небулозите во законите за операционализација на економските мерки, зашто во спротивно на чекор сме до колапс на огромен број микро и мали претпријатија.
Автор: Александра Андреева