Германските тајни служби преку огласи во метро бараат соработници

Понеделник, 10 Февруари 2020 07:51 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Метрото не е само средство за јавен превоз, туку и место за необични понуди за работа. „Во тајност да се прават добри дела“ е слоганот со кој Сојузната установа за заштита на уставниот поредок (тајната служба) врбува соработници, а слично звучи и пораката на Сојузната криминалистичка служба – „Да се прави вистинската работа“.

Во потрагата по соработници во берлинската подземна железница може да се видат и огласи на Министерството за надворешни работи.

Тоа бара ИТ-специјалисти со повик „Дипломатија и дигитално – Ваша ИТ-кариера во Министерството за надворешни работи“.

Германските тајни служби за странство имаат повеќе од 30 празни работни места, од кои околу половина се за компјутерски специјалисти. А сојузната полиција оваа година би требало да вработи 2.150 луѓе. За да се најдат доволно луѓе за пополнување на сите позиции, критериумите се намалени, наведува Дојче веле.

Дозволени се повеќе правописни грешки од порано, а при тестирањето на физичката подготвеност се исфрлени скоковите во далечина и склековите, а е воведено трчање со штафета.

Речиси сите државни и јавни установи, а не само полицијата, бараат ИТ-специјалисти. И тоа не само за борба против сајбер-криминалот и за интернет-безбедност туку и за социјалните мрежи и за медиумите, вели за ДВ криминологот во Високата полициска школа во покраината Бранденбург, Томас-Габриел Ридигер.

„Да се најдат соодветни луѓе за непополнетите работни места е голем предизвик и на сојузно и на покраинско ниво“, вели Ридигер, кој недостигот од експерти во ИТ-областа го објаснува со фактот дека германското општество предоцна почнало да се приспособува кон дигитализацијата.