Неостварената желба на Трамп: БМВ и Мерцедес да исчезнат од Петтата авенија

Вторник, 19 Февруари 2019 12:39 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Доналд Трамп не сака да гледа возила на БМВ и Мерцедес на Петтата авенија во Њујорк. За да си ја исполни желбата тој изрече различни закани и понуди во рамките на трговскиот конфликт со ЕУ. Но, ќе успее ли во намерата?

Њујоршката Петта авенија е позната ширум светот по своите луксузни брендови наменети за богатите и славните, а меѓу нив неретко се гледаат и најновите модели на БМВ и Мерцедес. Но, доколку му се исполни желбата на претседателот на САД, Доналд Трамп, популарните германски возила наскоро не би смееле да бидат видени на славната авенија.
Сѐ започна за време на изборната кампања на Трамп во 2015 и 2016. Тогаш тој вети дека ќе ја зајакне домашната економија со отворање работни места и зголемување на локалното производство. Увозот на странски добра, а особено германски луксузни возила, му е трн во око оттогаш. Гледањето на тие возила како минуваат покрај Трамп Кулата, која е лоцирана на Петтата авенија, очигледно било олицетворение на сѐ што тој не сака.
Потребни се докази? Во април 2018, Трамп наводно му рекол на францускиот претседател Емануел Макрон дека ќе ја продолжи трговската војна се до денот кога ниту еден Мерцедес или БМВ веќе нема да минува по Петтата авенија. Но, како Трамп мисли да го спроведе овој план?

Сценарио бр. 1: Тарифи од 25 проценти за возила од ЕУ

Кога ЕУ производителите на возила одеднаш би морале да плаќаат меѓу 20 и 25 проценти за увоз во САД, нема веќе да има Мерцедес и БМВ на Петтата авенија. Веројатно тоа си го мислел Трамп кога се закани дека ќе ги воведе овие тарифи минатиот месец.

На прв поглед тоа делува логично, вели автомобилскиот аналитичар Ефраим Ливај. „Тоа ќе ја качи цената за потрошувачите, но и ќе ги загрози и работните места обемот на трговија. Затоа што кога цените растат за потрошувачите, тие ќе купуваат помалку возила. Тоа ќе го намали профитот на автопроизводителите низ целиот свет“.
Но дали тоа значи дека сопствениците на германски возила одеднаш ќе се одлучат за некој американски бренд?
„Веќе 20 години возам Мерцедес“, вели еден возач во Менхетн. Би платил и повеќе ако мора. Слично на него, и еден млад сопственик на БМВ во центарот на Њујорк вели дека ќе му остане верен на својот бренд. „Не би размислувал за купување на американски автомобил затоа што тие навистина не ми се допаѓаат“, вели тој. Наместо тоа, тој побрзо би купил поевтин модел на германски автомобил.

Тешко е да се замисли дека заканите на Трамп ќе ги предомислат купувачите, а стабилните бројки на продажба на Мерцедес и БМВ во САД го потврдуваат тоа. „Мислам дека многу луѓе чекаат додека да се случи тоа“, вели аналитичарот Ливај. „Доколку сте ја виделе преговарачката тактика на Трамп, тој наголемо се заканува и потоа добива нешто на средина или ништо“.