Во септември годинава имало 243 пензионери со пензија над 51.000 денари. 48 пензионери го земале највисокиот износ од 53.691 денари, покажуваат последните податоцин на Фондот за пензиско. Или вкупно 1.303 пензионери во земјава се водат како пензионери со највисоки пензии, а распонот на нивните месечни примања по основ на пензија е од 39.592 до 53.691 денари во зависност од годината кога го стекнале правото. Најголем дел или 907 се со пензија од 41.244 денари.

Вкупниот број на пензионери пак се намалил на 322.854 лица додека просечната пензија во септември изнесувала 15.514 денари.

Најнизок износ на пензија земале 75.445 пензионери, од кои 57.846 пензионери за остварено право од 01.01.2002 година до денешен датум. Останатите 17.599 се за оставрено право до 1996 и за периодот 1997- 2002 година. Најнискиот износ на пензија за најголемата група на корисници на ова право се движи од 10.240 денари до 11.427 денари, во зависност од групата на која што припаѓаат.

Само во месец септември имало нови 1.932 пензионери на списокот на ПИОМ. Од нив најголем дел биле мажи 1.371 а остатокот жени и најголем дел, 1.425 се стекнале со правото на старосна пензија. Од друга страна пак, имало 1.672 починати пензионери, од кои 1287 биле мажи.

Податоците покажуваат дека од 322.854 пензионери најмногу 321.675 се стекнале со право на пензија по работен основ. Други 1.105 стекнале право на пензија како поранешни воени лица, а само 74 биле земјоделци и по тој основ оствариле право на пензија.