Понеделник, 30 Септември 2019 12:11

Од полноќ поевтинуваат горивата

Малопродажните цени на бензинот и дизелот се намалуваат за еден денар од ноќеска на полноќ, вака денеска одлучи Регулаторната комисија за енергетик.

Според новиот ценовник, „Еуросупер БС-95“ ќе се продава за 68,50 денари за литар, „Еуросупер БС-98“ за 71 денар за литар, додека цената на дизелот ќе изнесува 63 денари.

Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од полноќ ќе сепродава за 52,50 денари.

Се намалува и цената на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 33,158 денари за килограм.

Последните врнежи од дожд што изминативе два дена наврнаа во Кичевско не ја подобрија хидролошката состојба во овој регион, а енормната суша од летово придонесе овие дождови речиси да не се почувствуваат. Поради ова штедроста на извориштата на реките воопшто не се подобри.

 

Водокорисниците, рибниците и земјоделците гледаат кон небото и очекуваат нови поинтензивни врнежи од дожд, кои треба да ја подобрат влагата во почвата за есенската сеидба и да ги наполнат речните корита, а рибниците да ги спасат од уште поголема штета.

– Сушата што владее околу три месеци во нашиот регион до таа мера ја влоши хидролошката состојба, што последните врнежи од дожд воопшто не се почувствуваа, а тоа најдобро се гледа во непроменетата штедрост на извориштата на Студенчица и Треска. Исто така почвената влага е незадоволителна и ја има само на површинскиот слој, што е недоволно за есенската сеидба, која треба наскоро да започне. Сепак најзагрижувачка е состојбата во рибниците во регионот, кои поради намалената штедрост на реките имаат проблеми со недоволни количества вода за постојниот рибен фонд присутен во рибниците. Ако во наредните 10-15 дена не добиеме подобра штедрост на реките, нѐ очекуваат уште потешки денови и голема неизвесност во месеците што се пред нас – истакнуваат земјоделците и сопствениците на рибници во кичевско-бродскиот регион.

Порано реката Студенчица константно беше полна со вода, но во последните години таа има сѐ помалку вода, поради што се создава проблем за нормално работење на рибникот на бистроводната река.

– Бидејќи од искуство знаеме дека во август, септември и октомври изворот има најмала штедрост, ги намалуваме количествата на консумна риба, па повеќе е застапена помалата риба, која може да опстои и во вакви околности, со помалку вода и кислород во неа. Овој циклус поради сушата оди на наша штета, бидејќи се намалува консумната пастрмка за продажба – вели Гоце Миноски, сопственик на рибникот на оваа река. 

Понеделник, 30 Септември 2019 12:09

Сами пријавете колку струја сте потрошиле

Група граѓани се пожалија на драстично повисоки сметки за електрична енергија што им пристигнале за минатиот месец. Според нивните кажувања, во соседството сите имале многу различни сметки од оние на кои се навикнале, истакнувајќи дека им биле двојно, па и тројно повисоки од претходните.

 

– За август сметката беше дупло поголема отколку за претходните месеци. Се обратив во пунктот на ЕВН, од каде што ми беше посочено дека тоа се должи на фактот дека сега бил прочитан саатот. Како досега испраќаа сметки и на што претходно ја темелеа висината на износот што го наплаќаа – прашува Тамара Перковска од скопската населба Ново Лисиче.

Таа додава дека вакви сметки имале сите во нејзината зграда, но и во соседните, и истакнува дека особено е проблематично што високите сметки пристигнале во месец кога имаат зголемени трошоци, особено семејствата со мали деца што одат во училиште.

– Месецов имаме многу повисоки трошоци, треба да се купи сѐ што им е потребно на децата за на училиште, па повисоките сметки за струја ни беа неочекуван и голем удар на семејниот буџет – истакнува Перковска.

Претставниците на ЕВН посочуваат дека, иако според законот се обврзани да ги читаат саатите за потрошена електрична енергија еднаш во годината, сепак, тоа го прават секој месец, со евентуални отстапки.

– И покрај тоа што со Законот за енергетика, мрежните правила и правилата за снабдување е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно, екипите на „Електродистрибуција“ тоа го прават секој месец. Со тоа корисниците ќе имаат можност да добијат точни податоци за потрошувачката. Врз основа на податоците за потрошувачка што се добиваат при отчитувањето на броилата, секој месец се подготвува фактура за секој корисник поединечно – објаснуваат од ЕВН.
Од компанијата додаваат дека отстапка од овој работен процес се прави само во два случаи, ако броилото не може да се отчитува поради тоа што корисникот е отсутен, спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, непристапност до мерното место поради тешки временски услови, годишни одмори итн.
Од „Електродистрибуција“ додаваат дека никогаш нема да се наплати повеќе од она што го има потрошено корисникот.

– Ако корисникот нема отчитано броило и добие сметка со претпоставени вредности во кои има повеќе или помалку киловат-часови, тие во следната сметка ќе бидат впишани или одземeни. Корисниците што сметаат дека добиле фактури за електрична енергија со повисока сума од нивната потрошувачка, може да ја споредат потрошувачката во киловат-часови наведена на фактурата со потрошувачката на броилото. Доколку има разлика, корисниците може да се обратат до службите на „Електродистрибуција“ со барање за корекција – додаваат од ЕВН.

Во согласност со правилата за снабдување со електрична енергија за потрошувачите приклучени на низок напон без вграден мерен уред за регистрирање едновремена врвна моќност или за потрошувачите со мерни уреди со вграден уред за регистрирање едновремена врвната моќност, кај кои врвната моќност не се фактурира, операторот на електродистрибутивниот систем, „Електродистрибуција (ОДС)“ врши отчитување на мерните уреди еднаш во текот на годината. За другите категории приклучоци утврдени во тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија отчитувањето се врши на почетокот на секој календарски месец.

– Категоријата потрошувачи-домаќинства се приклучени на низок напон и кај нив не се фактурира врвна моќност. Имајќи го предвид ова, ОДС кај потрошувачите-домаќинства може да ги отчитува мерните уреди најмалку еднаш годишно – објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика.

Регулаторот додава дека има исклучок со кој отчитувањето на мерните уреди може да се врши и повеќепати во текот на пресметковниот период, кога е тоа потребно поради промена на тарифата за дистрибуција на електрична енергија или кога потрошувачот доставил приговор на фактурата. За потрошувачите што ги снабдува универзалниот снабдувач е утврдено дека периодот за кој се пресметуваат надоместоците е еден месец, но не мора да биде идентичен со календарскиот месец.

Појаснуваат дека отчитувањето на мерните уреди го спроведува ОДС во зависност од капацитетите што ги има на располагање. За да не се случи да има повисоки сметки за електрична енергија од вообичаените, во правилата е овозможено снабдувачот да ги прифати податоците од самоотчитувањето на мерните уреди од страна на потрошувачот за пресметковниот период во кој ОДС не извршил отчитување. Поради овие одредби, регулаторите истакнуваат дека потрошувачите кај кои ОДС ги нема отчитано мерните уреди може самостојно да ги отчитаат и да ја пријават состојбата кај снабдувачот со електрична енергија ЕВН ХОМЕ.

– Ако ОДС од која било оправдана причина не успеал да изврши отчитување на мерниот уред во предвидениот рок, пресметката на потрошената електрична енергија за тековниот пресметковен период ќе се изврши збирно со пресметката за потрошената електрична енергија во наредниот пресметковен период. Во овој случај, ОДС има право да изврши процена на потрошувачката и процената да ја достави до снабдувачот. Точната пресметка и соодветното порамнување во овој случај ќе се извршат кога ќе се создадат услови за отчитување на мерниот уред – истакнуваат од РКЕ.

Француската авиокомпанија Аигл Азур се повлече откако не успеа да пронајде нови инвеститори и 1.150 вработени ги загубија своите работни места. Втората по големина авиокомпанија во Франција, која работеше главно помеѓу Франција и Алжир, банкротираше претходно овој месец и ги откажа сите летови.

Францускиот трговски суд нареди затворање на компанијата заради недостаток на одржлива понуда од понудувачот. Кинескиот конгломерат ХНА група е најголем акционер во компанијата, со 49 проценти удел.

Аигл Азур минатата година пренесе околу 1,9 милиони патници. Во последниве години, тој исто така имаше правци кон Бразил, Кина, Русија и други земји.

Во северна Европа рано стигна зимата. Минатата недела во скандинавските земји падна снег. Мештани во Шведска велат дека е невообичаено толку рано да падне снег.
Ваква појава не забележале две децении. Претходно, снегот паѓал во почетокот на ноември.

Падна првиот снег и во Австрија и Италија – Алпите се белеат
Обилни врнежи снег беа забележани пред неколку недели и на австриските Алпи. Австриските медиуми објавија дека првиот снег за оваа сезона паднал на глечерот Стубај во покраината Тирол.
Во текот на викендот врнежите се засилија и бројни скијачки области се најдоа под снежна покривка.
Снегот е вообичаена појава на крајот на летото на највисоките предели на Алпите.
Снег заврна и во северозападна Италија, во Ливињо, регионот Ломбардија.
Една недела порано 50 сантиметри снег наврнаа и во Швајцарија. Швајцарските Алпи се целосно покриени со снег.

Областа Готхард Пас е најстуденото место, пренесува Експрес. Температурите се до -16 степени, а се очекува понатамошно заладување наредните денови.
Во текот на октомври месец не е исклучена можноста во Македонија да дојде до продор на позначително студена маса од север.
Кога таа ќе стигне над нашите краишта, односно над Јадранот и Медитеранот, ќе дојде до формирање на циклонски системи кои нормлано условуваат врнежи.
Со ваквите спуштања на значително постудени воздушни бранови, има услови во текот на октомври да се случат и првите врнежи од снег на планините во Македонија.
Она што е интересно, според моменталното следење на развојот на временската состојба за следните месеци, е тоа што ноември, а посебно декември, би можеле да имаме значително постудено време за разлика од изминатите години, но со нешто помалку врнежи и тоа особено во ноември, но снегот сепак нема да изостане.
Сепак, генерално, и по температури и по врнежи, месец октомври ќе ни биде во границите на нормалата за овој период од годината.

Сојузот на стопански комори на Мaкедонија (ССК) стартува со дигитални Сертификати за потекло за прв пат во нашата држава. Пред македонските компании и соработници, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем (БЕП), Сојузот го промовира процесот заелектонско издавање на Сертификат за потекло, што за компаниите ќе значи заштеда на време, средства и подобрување на сигурноста за веродостојност на Сертификатот за потекло.  До сега Сертификатот за потекло кој претставува меѓународен трговски документ што се користи за да се одреди потеклото на стоките за службени, комерцијални и финансиски потреби при извоз,  се издаваше исклучиво во хартиена форма со пропратна документација.

Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, во своето обраќање истакна дека  дигитализацијата на деловните процеси е во функција на  подобрување на услугите кои ги нуди Сојузот за компаниите во функција на зголемување на продуктивноста и конкурентноста на деловната заедница.

„Во светски рамки, стопанските комори имаат централна улога во олеснувањето на глобалната трговија, што е значајна заложба на Сојузот на стопански комори. Дел од услугите се и издавање сертификати за потекло за извозниците. Водејќи се од глобалните трендови, Сојузот  од денес, стартува со новата услуга за компаниите што ќе значи  полесно, поефикасно и побрзо дигитално издавање на Сертификати за потекло за  производите наменети за извоз. Досегашниот процес на хартиено издавање на Сертификатот одземаше драгоценo време,  поточно подигнување на документација, пополнување од страна на компаниите и повторно доставување за верификација.  Сегашната процедура ќе се одвива електронски во целина, со што се скратува значително од времето за администрирање на сертификатите, се заштедува не само време, туку и трошоци за пaтување од и до местото на издавање, а дополнително се зголемува транспарентноста на севкупниот процес“, истакна Арсовска и додаде дека електронскиот Сертификат за потекло  е средство за олеснување на трговско опкружување и е неопходен при извоз на македонските извозни компании.

Во нашата земја првата компанија која започна да го користи електронскиот сертификат за потекло е ТИФИ ГРУП, увоз-извоз од Велес.  На официјалната промоција, директорот Филип Рашевски, истакна дека на овој начин процесите се забрзуваат и над 90 проценти, се заштедува време и средства за патување, поточно процедурата хартиено ја завршувале минимум за еден ден вклучувајќи го и патувањето, а сега електорнски се завршува за кратко.„ Модернизирање на процедурите за извоз, навистина заштедуваат време и средства“, исткна Рашевски.

Сертификатот за потекло на реномираната светска компанија ESS CERT која управува со најголемата електронска мрежа на сертификати за потекло во светот, опфаќа 240 стопански комори, го користат 14 земји од целиот светот во Европа, Америка, Африка, Азија и Океанија. Кон Европските, Ирска, Холандија, Норвешка, Словенија, Шведска и Обединето кралство од денес се приклучува и Македонија. Сертификатот за потекло се користи во меѓународните трговски трансакции со кој се потврдува дека производот наведен во него исполнува одредени критериуми за потекло од одредена земја. Истиот, се доставува до царинскиот орган на земјата увозник за да се оправда подобноста на производот за влез.

Златко Ветеровски, помошник директор на Сектор за царински систем, Царинската Управа истакна дека спроведување на дигиталните процеси не се едноставни, но придобивките несомнено се големи, бидејќи ја подобруваат конкурентноста како на компаниите, така и на самите институции во насока на создавање поефикасна околина во согласност со глобалниот развој. 

Во светот околу две илјади стопански комори доставуваат повеќе од 12 милиони сертификати за потекло годишно. Во 1898 година бил издаден првиот сертификат за потекло, а по потпишувањето на 1923 Женевската конвенција, коморите се признати од страна на владите и царините како надлежни органи за издавање на сертификати за потекло. Коморите играат значајна, важна улога како доверливи трети страни, кои носат сигурност, интегритет, неутралност и непристрасност во издавањето сертификати за потекло. 

Германската индустрија не се откажува, па компаниите планираат да го намалат работното време за да избегнат масовни отпуштања.

Според првичните проценки, во наредните три месеци, 8,5 проценти од 2.000 анкетирани индустриски фирми ќе го скратат работното време, што е највисок процент од овој вид од почетокот на 2013 година.

Економскиот институт IFO наведува дека 3,8 проценти од германските компании веќе ја користат таа мерка.

Многу компании веќе ги користеле таканаречените “kurzarbeit” за време на рецесијата во 2008 и 2009 година.

За време на тој период на ниско искористување на производниот капацитет, компаниите барале од владата на работниците да им се исплати надоместок за намалени плати со цел да се зачуваат работните места.

Германската индустрија забележа пад на работните активности од средината на минатата година.

Невработеноста малку опадна во јуни во споредба со мај, покажуваат податоците на Федералната канцеларија за труд.

Истовремено, сезонскиот прилагоден број на невработени бил намален за илјада во однос на мај, а без работа минатиот месец имало 2.281.000 германци.

Стапката на невработеност е пет проценти.

Бугарската економистка Кристалина Георгиева застанува на чело на Меѓународиот Монетарен Фонд со што станува прва личност надвор од Западна Европа на оваа висока позиција на светскиот кредитор.

Георгиева истакна дека нејзиниот приоритет ќе биде да им помогне на 189-те земји членки да ги минимизираат ризиците…додавајќи дека Фондот ќе биде пријателски расположен кон сите членови, без оглед на нивната големина.

Огромна е одговорноста да се биде на чело на ММФ во време кога глобалниот економски раст продолжува да биде фрустрирачки, трговските тензии продолжуваат и долговите се на историско високо ниво. Наш непосреден приоритет е да им помогнеме на земјите да го минимизираат ризикот од кризи и да бидат подготвени да се справат со кризите. Притоа, не смееме да заборавиме на нашата долгорочна цел – поддршка на стабилни монетарни, фискални и структурни политики за градење посилни економии и подобрување на животот на луѓетo, изјави Георгиева.

Кристалина Георгиева е централно-десничарска политичарка која пораснала во Бугарија под комунизмот, а својата репутација ја изградила на функцијата извршна директорка на светската банка која ја врши од 2017-та година.

Пред тоа беше потпретседателка на европската комисија задолжена за буџет и човечки ресурси.Георгиева доаѓа на местото на Французинката, Кристин Лагард,која поднесе оставка за да дојде на чело на Европската централна банка.

Општина Гостивар лани потрошила над 183 милиони денари за јавни набавки, што е 17,34% од вкупниот општински буџет за 2018-та година. Општината спровела вкупно 39 јавни набавки, а на нив потрошила 2.183 денари по жител.

Податоците ги објави Центарот за граѓански комуникации, во Годишната база на податоци за јавните набавки на општините за 2018-та година.

Две фирми доминираат во распределбата на општинските тендери: АД Пелагонија, која добила 28,6% од огласите во вкупна вредност од над 52 милиони денари и Насир Туризам со 27,1% и вкупна вредност од 49,5 милиони денари. На трето место е фирмата Пуцко Петрол, на која 14,6% од тендерите со вредност од 26,7 милиони денари.

Споредено со претходната година, за Гостивар се бележи зголемување на сумите и бројот на јавни набавки. Локалната власт во 2017-та издвоила околу 96 милиони денари за јавни набавки, односно 8,7% од вкупниот буџет, спровела 34 јавни набавки, а трошокот по жител бил 1.151 денар.

Базата на податоци за јавните набавки во општините, Центарот за граѓански комуникации ја изработува според податоците преземени од Електронскиот систем за јавни набавки.

Општина Струмица и во наредниот период ќе субвенционира 50 приклучоци на гасоводната мрежа во износ од 100 евра во денарска противредност од вкупно 600 евра колку што изнесува цената на приклучокот. 

И по исполнувањето на оваа бројка општината носи одлука за нови 50 субвенции, информираше денес на прес конференција директорот на ЈП за енергетски дејности „Струмица гас", Благој Милановиќ.

Одлуката за субвенционирање е донесена на вчерашната седница на Советот на општина Струмица, а Милановиќ додаде дека пред новата грејна сезона треба да се приклучат уште дваесетина нови корисници, како и струмичката болница и Секторот за внатрешни работи-Струмица.

-Имаме поднесено барање за кредит за изградба на нови 7 километри дистрибутивна гасоводна мрежа во градот. Постапката со кредитот од Светска банка веќе е во завршна фаза и очекуваме во секој момент тој да биде одобрен и да се почне со активностите за изградба, рече директорот Милановиќ.

Со изградбата на нови 7 километри вкупната должина на гасоводната мрежа ќе изнесува над 40 километри, а ќе се гради и дистрибутивна мрежа кон селото Дабиле.

Информираше дека се подготвени за почетокот на новата грејна сезона и при тоа се извршени и проверки на инсталациите.

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која ги разгледа најновите макроекономски показатели. Притоа беше утврдено дека овие информации, коишто редовно се разгледуваат на седниците на Советот, и овојпат упатуваат на здрави економски фундаменти и отсуство на нерамнотежи во економијата.

Според најновите показатели за економската активност, таа расте во првата половина на оваа година, при годишен раст на БДП од 3,6%. Новите расположливи податоци за третото тримесечје посочуваат на натамошен раст. Инфлацијата и понатаму е во зоната на умерени промени, при просечен годишен раст на цените од 1,1% во првите осум месеци од 2019 година, што е нешто помалку од очекувањата. Во дискусијата повторно беше нагласено дека неизвесноста околу проектираното движење на светските цени на примарните производи и понатаму е главниот ризик за  динамиката на инфлацијата.

На седницата, посебен фокус беше ставен на надворешната позиција, којашто беше оцената како поволна. Нискиот дефицит во тековната сметка и финансиските приливи овозможуваат постојан откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка и раст на девизните резерви. Во однос на движењата во монетарниот сектор беше одбележано дека растот на вкупните депозити и вкупните кредити е непрекинат и главно е во рамки на очекувањата.

Внимание им беше посветено и на последните оцени за глобалните економски текови, коишто упатуваат на понеповолни изгледи за глобалната економија. Натамошната ескалација на трговската војна помеѓу САД и Кина и натаму претставува главен ризик за глобалниот економски раст. Останатите ризици се однесуваат на можното поголемо забавување на растот на системски значајните економии како што се Кина и еврозоната, исклучително високата неизвесност во врска со спроведувањето на процесот Брегзит, ризиците поврзани со зголемената финансиска ранливост на одредени брзорастечки економии, сѐ поголемите дезинфлациски притисоци, како и зголемените геополитички ризици во глобални рамки.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

Страница 5 од 109