Корисниците на платежни картички од Комерцијална банка може да ги користат на сите банкомати на Банката и да плаќаат во трговијата.

– Од утрово дел од сервисите веќе се активирани, така што со картичките издадени од Банката може да вршите трансакции на сите банкомати на Банката и во трговија во земјата и во странство, соопштуваат од Комерцијална банка и додаваат дека активностите поврзани со функционирањето на останатите сервиси се во тек за што дополнително ќе информираат.

Од Банката претходно соопштија дека поради технички проблеми од вчера попладне картичките не можеа да се користат на банкоматите и во трговијата.

Barclays се обидува да преземе 20 милијарди долари вреден дел од Deutsche Bank, изјавија извори на Reuters, со план да станe водечка европска инвестициона банка и посилно да се натпреварува со американските ривали.

Водечкиот германски кредитор изјави на 7 јули дека тргувањето со своите акции ќе се спроведе како дел од големото реструктуирање, и дека со BNP Paribas потпишал прелиминарен договор кој ќе служи на клиентите за примарните финансии и електронските акции кои се погодени од планот.

Меѓутоа, некои клиенти на Deutsche Bank бараат алтернатива за пренос на нивниот бизнис во француската банка, велат извори запознаени со ова прашање.

“Не е неочекувано и сосема е природно дека некои клиенти ќе сакаат да ги пренесат депозитите на други даватели на услуги како привремена мерка, додека нашите разговори со BNP Paribas се во тек”, изјави портпаролот на Deutsche Bank.

“Нашите разговори со BNP Paribas добро напредуваат и уверени сме дека балансот ќе се врати кога ќе се заврши работата “.

Клиентскиот бизнис вреден 20 милијарди американски долари во поглед на Barclays вклучува околу 10 милијарди долари со еден клиент со кого веќе има врска и кој одлучи да ги пренесе своите активности во британската банка по вестите за плановите на Deutsche Bank да се откаже од тргувањето со акции.

Следната недела ќе пристигне втората транша поволни кредити за мали и средни претпријатија од Европската инвестициска банка (ЕИБ), во износ од 16 милиони евра, изјавија денеска заменик-министерката за финансии Ширет Елези и в.д. главниот оперативен директор на Развојната банка на Северна Македонија, Вељанд Рамадани.

Со овие средства ќе се поддржат проекти на 53 мали и средни фирми.

Како што информираше Рамадани, со првите две транши ќе бидат повлечени вкупно 31 милион евра за поддршка на 92 мали и средни претпријатија. Развојната банка работи и на подготовка за повлекување на нова трета транша во износ од околу 9 милиони евра за поддршка на нови 20 мали и средни претпријатија.

Бугарската агенција за безбедност на храната (BFSA) потврди дека на уште две фарми за свињи во оваа земја се појавила смртоносната африканска свинска треска.

Присуството на оваа високо заразна болест е утврдена е на 19. јули во селото Николово, во бугарската североисточна област Русе, на фарма со околу 17.000 свињи, а потоа со лабораториски тестови вирусот е откриен и на друга фарма во селото Брашлен во истиот регион каде има околу 40.000 свињи, се вели во соопштението на „BFSA“.

Уништувањето на заболените свињи на фармата во Николово се уште е во тек, наведува бугарската агенција.

Оттаму исто така потврдуваат дека во регионот Врача, на северозападот од земјата, откриени се два случаи од ова заболување кај домашни свињи, како и првиот случај на оваа болест во општината Свиштов, западно од областа Русе.

„Оилко“ КДА Скопје преку Македонската берза информира дека се стекна со 2.015 сопствени акции и сега поседува 5.676 сопствени акции што претставува 2,26% од вкупниот број на акции на компанијата.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, исплати 7,3 милиони денари за произведена и продадена риба на пазарот на вкупно 14 субјекти. Со средствата од оваа мерка и преку Програмата за рибарство и аквакултура се поттикнува развојот на рибарството и производството на риба во Република Северна Македонија.

Станува збор за исплата на средства за корисници на мерката „Финансиска поддршка за произведена и продадена риба на пазарот“ која се реализира преку Програмата за рибарство и аквакултура.

Оваа финансиската поддршка им следува на сите субјекти кои произвеле и продале риба на пазарите, а кои во тој период немаат увезено жива риба.

Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, информира дека поддршката се доделува скалесто во зависност од капацитетот на рибникот и продадена риба.

„Рибниците кои произвеле и продале до 25 илјади килиограми риба добија 100 отсто субвенција од 20 денари за продадена риба. Субјектите, пак, кои произвеле и продале од 25.000 до 50.000 килограми им е исплатена 75% субвенција за 20 денари продадена риба, додека пак оние субјекти кои имаат до 100.000 килограми субвенцијата изнесува 50% од 20 денари продадена риба. 25% субвенција следува на оние субјекти кои имаат произведено и продадено над 100.000 килограми“, изјави Бабовски.

За да се искористат средствата од оваа мерка, апликантите треба да се регистрирани за дејност аквакултура и да се запишани во регистарот на одгледувачи на риби што се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и да немаат увезено порибителен материјал и жива риба.

Значително доцнење на лет или негово откажување, одбивање за влез во авион, сместување во пониска класа. На тоа се однесуваат најголем дел од барањата за заштита на правата на патниците доставени до Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Од почетокот на годинава до АЦВ пристигнале 12 барања за заштита на права на патници, од кои пет се веќе завршени, а седум се во постапка на решавање. Во претходните две години имало 42 такви обраќања до Агенцијата која успеала да реши 39 предмети. За три предмети во фаза е коресподенција со релевантните институции за изнаоѓање соодветно решение, во интерес на патувачката јавност, велат за МИА од АЦВ.

Како што објаснуваат, жалбата првин се поднесува до авиокомпанијата која оперирала со летот, за што се користи формулар што може да се најде на веб страницата на АЦВ. Ако во рок од шест недели не добијат одговор или не се задоволни од добиениот одговор, се обраќаат за правна помош до АЦВ каде треба да го достават формуларот што го испратиле до авиокомпанијата или пак копија од формуларот.

Домашното законодавство е усогласено со европските регулативи во областа. Според нив, на патниците им се исплаќа отштета од 250 до 600 евра ако авиокомпанијата доцни со летот повеќе од три часа, во зависност од далечината на летот. За релации до 1.500 километри отштетата е 250 евра, до 3.500 километри отштетата е 350 евра, а над 3.500 километри 600 евра. Во случај да има одложување на лет преку ноќ авиокомпанијата на патниците треба да им обезбеди хотелско сместување и трансфер до хотелот.

Последен официјален случај од оваа проблематика кај нас е доцнењето на летот Скопје – Хургада, кога на 12-ти месецов домашни туристи чекаа авион околу 10 часа на Меѓународниот аеродром Скопје.

АЦВ тогаш преку соопштение информираше дека патниците можат да бараат соодветен надомест доколку сметаат дека не се испочитувани нивните права. Ако се одлучат за тоа патниците првично треба да поднесат барање за остварување на своите патнички права до туроператорот, односно туристичката агенција преку која е организиран аранжманот или до авиопревозникот, рекоа од АЦВ.

Во случај кога патниците нема да ја добијат услугата за склучениот аранжман, пак, претставка се поднесува до Државниот пазарен инспекторат, и како што велат оттаму, на оштетените парите треба да им бидат вратени во рок од три дена.

Според податоците на аеродромскиот оператор ТАВ Макеоднија, преку Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле Охрид во првите шест месеци од годинава патувале 1,2 милиони (1.163.667) патници, што претставува пораст од 12 проценти во споредба со истиот период од минатата година. На двата аеродрома се реализирани 9.792 лета, со годишен пораст од осум проценти.

Меѓународниот аеродром Скопје опслужува 42 дестинации, од кои 33 се нискобуџетни, управувани од 13 авиокомпании, додека аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужува 20 дестинации, од кои осум се редовни рути во текот на целата година, но и нискобуџетни во исто време, од 13 авиокомпании.

Според уделот во патничкиот сообраќај, Истанбул (и двата аеродроми – Истанбул и Сабиха Гокчен) е најфреквентната дестинација на скопскиот аеродром со 10,1 процент пазарен удел, по што следуваат Цирих (6,9 проценти), Базел (5,4 проценти), Виена (5,4 проценти), Малме (4,3 проценти), Братислава (3,4 проценти).

Сашо Василевски, околу кој деновиве се развива случајот со станот што го купил од фирма која е под истрага на СЈО, минатата недела беше разрешен од директорската позиција во МЕПСО, по препорака на Владата до надзорниот одбор на компанијата. МЕПСО беше можеби единственото акционерско друштво во државна сопственост во кое, во текот на „чистката“ на третиот ешалон на власта, е разрешен и целиот управен одбор.

На завчерашната седница на Владата, пак, кога повторно се најдоа на дневен ред кадровски прашања, поточно пополнување на испразнетите функционерски места во третиот ешалон, изостана препорака за именување нови членови на УО на МЕПСО од чии редови треба да биде и новиот прв човек на компанијата. Затоа, пак, медиумите објавија дека новинарот и директор на неделникот „Капитал“, Љупчо Зиков, две години подоцна, е предложен повторно за директор за финансии во ова АД. Овој пат се очекува тој да ја прифати понудата, што ја одби во август 2017 година (набрзо по смената на власта), кога заедно со Василевски беа „номинирани“ за генерален директор и за директор за финансии. Тогаш, оваа вест предизвика многу реакции во јавноста, а особено во кругови на СДСМ затоа што Василевски своевремено беше кадар на НСДП, во периодот на коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, по што се „одметна“ и важеше за човек од доверба на претходната владејачка гарнитура. За Зиков, пак, како спорно се спомнуваше тоа што едно време беше на чело на сега веќе неактивната Алијанса за подобра Македонија – партијата што ја формираше со бизнисменот Минчо Јорданов и со поранешниот премиер Владо Бучковски, по неговото исклучување од СДСМ.

Сега Василевски заминува од челната позиција во МЕПСО, додека Зиков, кој тогаш се откажа од директорската позиција, влегува во раководството на компанијата. Неговото име е едно од попознатите меѓу идните директори, иако не се најде на подолгиот список на нови именувања на последната владина седница, со оглед на тоа што процедурата за избор на раководни места во МЕПСО оди преку управните органи на компанијата.

Владата во средата донела одлуки за именување на четириесетина нови директори и членови на управни и на надзорни одбори и за неколку разрешувања, за разлика од минатата седмица кога од функциите беа разрешени близу 70 раководители. Меѓу новите функционери нема многу познати имиња, а првиот впечаток е дека овој пат им е дадена предност на кадри од помалите партии што се во коалиција со СДСМ. Своевидно изненадување е именувањето на Ване Цветанов, некогашен директор на Агенцијата за спречување перење пари (сега Управа за финансиско разузнавање), кој своевремено дојде во судир со претходната владејачка гарнитура, а потоа беше опфатен со случајот „Шпион“. Цветанов е именуван за в.д. претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата. Од таа функција минатата седмица беше разрешен Премтим Исени.

В.д. директор доби и Државниот архив. По разрешувањето на Кирил Петров, за директор е именуван Емил Крстевски од редовите на ДОМ, поранешен новинар и советник во Собранието. Арбен Вила е поставен за в.д. директор на Агенција за странски инвестиции, а Пајазит Лика за в.д. заменик-директор на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, додека Армир Садики доаѓа за в.д. директор на Бирото за јавни набавки. На овие функции претходно беа Вулнет Адеми, Асип Усеини и Бардул Насифи. Исто така, на последната владина седница, Милутин Станиќ е разрешен од директор на Управа за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, а на негово место е именувана Славица Тодорова.

Во соопштението од владината седница нема образложенија за новите именувања ниту податоци за квалификациите на именуваните функционери: Минатата недела, пак, премиерот Зоран Заев на прес-конференција објави дека се менуваат неколку десетици функционери во рамки на кадровските промени што тој ги најави кон крајот на април годинава, односно меѓу двата круга од претседателските избори. Разрешувањата во третиот ешалон, всушност, беа втора етапа од т.н. „метла“ – по „проветрувањето“ на Владата. Образложението на премиерот за разрешувањата на директорите, на двегодишнината од формирањето на оваа влада, беше дека некои од причините за смената на функционерите се: нереализација на капитални инвестиции, блокирање на процеси, замерки од меѓународните институции за одредени процеси, недоволната транспарентност или недоволното почитување на заклучоците и упатства на Владата, некогаш послабиот менаџмент за финансиско стабилизирање и зајакнување на институциите.

-  93.7% од испитаниците поседуваат дебитни картички, а 22% ја користат и можноста да плаќаат на рати

- 72.4% од Македонците картичката ја користат најмалку еднаш неделно

- 49.5% од Македонците претпочитаат безготовинско плаќање за износи над 750 денари

- Достапност до АТМ е топ причина за избор на видот на картичката кај 40 отсто од испитаниците, додека 30 проценти сметаат дека брзината на плаќање е нејзината најдобра карактеристика

Мастеркард ги објави резултатите од MasterIndex истражувањето за финансиските потреби и навики на активните сопственици на картички во Северна Македонија. Оваа студија нагласува дека земјава е пазар со доминантно дебитно плаќање – 93.7% од испитаниците поседуваат дебитна картичка, додека 22% од испитаниците имаат и дебитна и кредитна картичка. Само кредитни картички имаат 28% од испитаниците.

Ако се споредат податоците со оние од Србија и Бугарија, се забележува дека сѐ поголем број потрошувачи од овие две земји се расположени да ги користат поволностите што ги даваат картичките при пазарење отколку во Македонија. Во Србија околу 80 отсто од испитаниците се изјасниле дека поседуваат дебитна картичка, додека во Бугарија тој процент е уште повисок и изнесува 98%. Во однос на кредитните картички,Бугарија и Србија се прилично израмнети. Односно, по 40% од испитаниците во двете држави се изјасниле дека поседуваат кредитна картичка.

Податоците покажуваат дека сопствениците на картички сè подобро ги усогласуваат различните финансиски производи со сопствените потреби. Освен тоа, MasterIndex истражувањето покажа дека 71% од испитаниците ја користеле картичката најмалку еднаш неделно. Односно, 70% од Македонците користат дебитните картички најмалку еднаш неделно, што е знак дека платежните картички имаат стабилна улога во секојдневното пазарење.

Во Србија, исто така,околу 70% од испитаниците ја користеле картичката најмалку еднаш неделно, додека во Бугарија - 80% од испитаниците. Во двете земји се наведуваат слични причини за користење на картичките, како што се безбедноста во секојдневните плаќања, едноставноста и практичноста.

Од готовина до безготовинско плаќање

Резултатите од MasterIndex илустративно ја покажуваат употребата на картички во секојдневните комерцијални активности и дека дебитните картички најчесто се користат за купување храна (58%), облека (20%), плаќање месечни сметки и бензин (по 15%). Кредитните картички, најчесто се користат за купување мебел и домашни апарати (31% од испитаниците), захрана (30%), за облека (17%) и за плаќање на месечните сметки (16 проценти од испитаниците).

Истражувањето укажува на промена во преферираниот начин на плаќање во зависност од платениот износ. Имено, 55.1% од граѓаните на Северна Македонија, сè уште, претпочитаат готовина за износи до 750 денари, додека 25.7% користат картички. Картичката е прв избор за речиси половина испитаници (49.5%) при плаќање износи над 750 денари, но подеднакво висок е и процентот на испитаници кои преферираат готовина – 43.4%.

Се зголемува безконтактното плаќање

Бесконтактните можности за плаќање, сè уште, не се многу раширени со оглед на тоа дека 1 од 2 сопственици на картичка нема или не користи бесконтактна картичка. Но, според 72% од оние кои ја користат можноста, доминантна мотивација е тоа што бесконтакните плаќања се побрзи и попогодни од плаќање со готовина и редовната картичка. Според 27% од испитаниците, оваа можност најчесто се користи во супермаркетите, а значително поретко во локалните продавници (10%), услужните дејности како ресторани и кафетерии (9%) и продавници за облека (8% ).

Вања Манова, менаџер за Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Косово истакна дека оваа промена е одличен доказ за важноста на моментот што електронските плаќања го имаат на локалниот пазар и дека тоа е резултат на тестирањето од страна на потрошувачите и почитувањето на безбедноста, брзината и предноста која картичките ја нудат во секојдневните активности.

"Погодноста да се помине или само да се допре вашата платежна картичка, наместо постојано да трчате на банкомат или да морате да го пресметате точниот износ, е прилично очигледна. Сепак, најголемиот бенефит е имањето детална листа на сите расходи. Оваа рамнотежа го олеснува одредувањето на буџетот, што е многу тешко да се направи со кеш. Дополнително, електронските плаќања покажуваат транспарентност на финансиските текови во земјата и помагаат да се намали нивото на сива економија ", вели Манова.

Истражувањето на MasterIndex ги покажа и причините како сопствениците на картички избираат картичка или банка во Северна Македонија. Имено, широката мрежа банкомати (42.4%) и филијали (27.9%), ниските каматни стапки и бесплатни услуги (26.9%), како и добрата репутација и препознатливост на брендот на банката (22.8%) имаат најголемо влијание при изборот на картичката и банката. Сепак, најдобрата карактеристика на картичките, според корисниците, е можноста за брзо плаќање (30.3%) и практичноста (28.9%) на картичките во олеснување при извршување на секојдневните активности.

Дигитална промена

Времето на дигиталните можности кај финансиските услуги помалку срамежливо, но сигурно стигна и во Македонија, што се забележува преку интересот на испитаниците за онлајн трговијата.

Околу 36% од испитаниците се изјасниле дека еднаш неделно купуваат, односно плаќаат преку интернет, додека 52% не ги користат можностите за онлајн пазарење. Онлајн купувачите за плаќање преку интернет најчесто користат дебитни картички (74%) а 25% од испитаниците се изјасниле дека плаќаат во готово по испорака на производот. Кредитните картички и можноста за електронско плаќање се користат од 1 на 10 онлајн купувачи или помалку. Истражувањето покажува дека 57% од онлајн купувачите купуваат облека или чевли преку интернет, 30% купуваат електроника, додека речиси 1 од 5 испитаници плаќа месечно и други сметки или купува авионски билети.

Цените на акциите на азиските берзи денеска паднаа, исто како на Вол Стрит еден ден претходно, затоа што инвеститорите се разочарани од деловните резултати на неколку компании и одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) да ја задржи каматата на досегашно ниво.

МСЦИ индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу седум часот беше во минус 0,5 отсто.

Во исто време на Токиската берза Никеи индексот ослабе за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонг Конг, Шангај, Јужна Кореја и Сингапур паднаа меѓу 0,1 и 0,8 отсто.

Азиските инвеститори ги обесхрабри и вчерашниот пад на СендП (S&P) 500 индексот на Вол Стрит од рекордни нивоа, откако неколку компании, вклучувајќи го и Форд, објавија послаби резултати од очекуваните квартални деловни резултати.

За 1,6 проценти утрово паднаа и цените на акциите на Амазон, откако овој технолошки гигант објави за прво намалување на приходите во текот на изминатите две години.

Од друга страна, Интел, Старбакс и Алфабет беа подобри од очекуваното, така што цените на нивните акции моментално се во плус од 5 до 8 проценти.

Благодарение на тоа, индексот S&P 500 утрово е во плус 0,2 отсто, што значи дека на почетокот на денешното тргување на Волстрит берзанските индекси би можеле да пораснат.

Од 185 компании во состав на индексот S&P 500, кои досега објавиле деловни извештаи, околу 75 отсто ги надминале очекувањата за заработка.

Но, аналитичарите ги намалија нивните проценки и сега проценуваат дека во вториот квартал заработката на компаниите од состав на индексот S&P 500 ќе биде за 0,1 отсто пониска од онаа во истиот период минатата година, додека на почетокот на неделата очекуваа раст на заработката од околу еден отсто.

Инвеститорите, пак, ги разочара одлуката на шефовите на ЕЦБ да ги остават каматните стапки на досегашното ниво, затоа што се надеваа дека ќе се намали цената на парите.

Американската компанија „Боинг“ предупреди дека тие можеби ќе мораат да го запрат производството на „737 макс“, доколку продолжи приземјувањето и забраната за летање на моделот уште подого време, пренесува Би-би-си. 

Во средата авионската компанија ја објави својата најголема квартална загуба од 3,4 милијарди долари, се поради проблематичниот модел. Ако пречките со регулаторите во светот продолжат, од „Боинг“ изјавија дека ќе ја разгледуваат можноста за намалување или цеосно запирање на производството на „737 макс“.

Компанијата „Боинг“ се соочува со нивната најголема криза по падот на авионот на „Етиопијан ерлајнс“, несреќа во која загинаа сите 157 лица во авионот, втор инцидент во пет месеци со моделот „737 Макс“ на американската компанија

Сепак, шефот на Боинг Денис Мујленбург е уверен дека авионот ќе се врати во воздухот до октомври.

Страница 11 од 102