Сметководствено ропство во Македонија

Четврток, 16 Јули 2020 12:35 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

Кога ќе се спомене зборот "ропство" на сите нас низ глава ни поминуваат толку многу традиционално "грди" термини, како диктатура, режим, мачење, тиранија...Меѓутоа, модерните времиња и конвенции го прошируваат сфаќањето на терминот "ропство" воведувајќи хибридни методи за примена на власт над потчинетите од страна на угнетувачите. На пример, начинот на кој се развиваше и се управуваше со актуелната кризата кај сметководствената професија ги има сите карактеристики за да се заклучи дека сметководителите во моментот се наоѓаат под некоја форма на ропство.

Уште повеќе загрижува сознанието дека одговорните од Министерството за финансии имаат сериозна намера Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) да го стават под контрола на Советот за унапредување и надзор на ревизија (СУНР). А СУНР како владино тело се занимава со се' освен со ревизорите. И да, кога е во прашање Управниот одбор на Институтот за овластени ревизори (ИОРРМ) тогаш се' е дозволено од страна на СУНР, дури и кога тоа е спротивно на правната регулатива. Зошто е тоа така, односно зошто никој не го регулира работењето на ИОРРМ? Едноставно, за да се дефокусира јавноста од определени "крупни" прашања во професијата.

Во оваа прилика јавно би поставил само едно прашање: Дали Договорот за стратешко партнерство помеѓу ИСОС и ИОРРМ се претвори во договор за тивко преземање на ИСОС од страна на ИОРРМ?

Ќе цитирам еден, во последно време не многу славен член на СУНР, моментално во оставка (исто како еден од органите на ИСОС) чиј последен мандат во СУНР е проследен со една контраверзија која ја обелодени Управата за финансиска полиција (заеднички именител и за членот на СУНР и за органот на ИСОС): "...ако СУНР издава лиценци во делот на ревизорската професија, што има една голема одговорност спрема јавноста, сега ова во случајот на сметководителите, тој дел на лиценцирање е оставен на самиот ИСОС... А од друга страна имаме двајца членови на ИСОС кои ќе бидат членови на СУНР. И сега имаме една неизбалансираност. Членот од ИСОС ќе одлучува да се одземе лиценца на членот од друштвото за ревизија. Оној што доаѓа од ИОРРМ ќе има многу помалку надлежности да одлучува за самите сметководители..."

Оваа јавна изјава на членот на СУНР, може да се поврзе со членот 16 од Законот за вршење на сметководствени работи, според кој овластен ревизор по автоматизам се стекнува со уверение за овластен сметководител. Толкувајќи ја изјавата на членот од СУНР, ова би значело дека претставниците на ИСОС во СУНР по автоматизам треба да бидат и овластени ревизори (за да се избалансираат надлежностите).

Но едно од основните етички барања од Кодексот на етика на IFAC е претставниците на сметководствената професија, независно дали се ревизори, сметководители или проценители да се однесуваат професионално, така што нема да го деградираат угледот на професијата. Не може едните да се сметаат за поголеми професионалци од другите, затоа што материјата што ја работат ревизорите во суштина се разликува од материјата што ја работат сметководителите, како и од материјата што ја работат проценителите. И да и ревизорите и сметководителите и проценителите се претставници на сметководствената професија (затоа сите се водат под иста шифра на дејност во Централниот Регистар на Република Македонија бидејќи тоа е меѓународен стандард за класификација на дејности) иако професионалната рамка е концепциски различно поставена и се разликува за сите три типови на претставници на сметководствената професија. Тоа е така бидејќи се применуваат концепциски различни стандарди при вршењето на нивната професионална дејност - МСР кај ревизорите, МСФИ кај сметководителите и МСП кај проценителите.

Обидот да се спојат сите овие професии под капата на еден институт значи монополизација, автократија и тоталитаризам, кое понатаму ќе прерасне во терор врз целото стопанство во Република Македонија. Значи, да бидам појасен, сметководителите, ревизорите и проценителите треба како што е и сега да се организираат во различни институти кои ќе ги штитат нивните права. Европската Унија бара професионалната дејност на смектоводитлеите, ревизорите и проценителите да бидат строго контролирана од страна на надлежен државен орган, кој ќе биде над професионалните здруженија. Но кај нас тоа не може да биде СУНР, туку треба да се формира друго тело.

Затоа порачувам дека треба да се обединиме сите оние што сме за вистински развој на сметководствената професија, да гледаме напред и да се фокусираме на суштината на проблемот со цел да ги спречиме "натрапниците" во нивните зли намери. Ова е затоа што рибата смрди од главата, а не од опашката...

Пишува: М-р Дарко Дачевски

Последен пат изменето на Четврток, 16 Јули 2020 13:14