Парадоксите на една професија – од неа зависи државата, а сметководителите оставени на дното

Четврток, 09 Јули 2020 06:47 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

Додека полека се навикнуваме на новата нормалност (или сепак не?), обидувајќи се на секаков начин да ја повратиме економската активност во ова време – невреме, во недостаток на уредби и мерки за толкување, overthinker како мене едноставно мора да ги насочи мислите на нешто друго. Овој пат, тоа друго е секојдневието со кое се соочувам во текот на 11 години поминати како професионален сметководител, односно парадоксите кои секојдневно ја отежнуваат работата и создаваат незадоволство.

Сметководството како професија е единствената спрега меѓу државата и стопанството, и речиси и да нема бизнисмен, сопственик на компанија од било кој вид и обем, кој на потежок или полесен начин не научил што значи да се има квалитетен сметководител покрај себе. Но, и покрај тоа, нашата професија наместо на пиедесталот кој го заслужува, се наоѓа некаде на дното.

Парадокс бр.1 Она на кое што не можам да се изначудам од првиот ден во оваа професија, за жал во негативна конотација, е моментот дека ние сме тие што се грижиме за туѓите финансии, но, не знаеме да го направиме истото за себе. За неупатените, сметководството е многу повеќе од само техничко книжење и евидентирање на документи, сметководството претставува уметност во формирањето на комуникативни финансиски информации за трговското друштво, а наменето за потребите на корисниците, како што се основачите, акционерите и менаџерите. Од нашите анализи и извештаи во голема мера може да зависи понатамошниот развој на фирмата. И ние сето тоа го правиме, за сите, освен за себе самите. Каков е тој економист, ако не знае да ја направи економијата за себе и води сметководство за 500, 700, 1000 денари месечен надоместок? Тука нема да навлегувам во сите дополнителни услуги што спаѓаат во оваа цена, зашто и ова основното е повеќе од доволно. Целосно потчинет, со наведната глава има „разбирање" за потребите на клиентите, а своите ги става на страна.

Парадокс бр.2 Последниве неколку месеци сите се боревме со пандемијата предизвикана од ковид - 19, и како мост меѓу државата како креатор на економските мерки, и стопанството како корисник на истите, повторно се' помина преку нас. Безброј уредби, измени на уредбите, мерки, нефункционални системи, конфузни обрасци, рокови и рестриктивни мерки кои го зголемуваа стресот и неизвесноста, беа наше секојдневие. И додека ја проверувавме исполнетоста на условите за аплицирање, се соочивме со суровата реалност дека само незначител број од нас може да го направи истото за себе. Како договорно обврзани за месечни паушали, на документ приходите ни беа речиси исти. Но, сосема друго е наплатата на истите, нешто за кое што државата немаше слух. Со други зборови, обезбедивме финансиска поддршка за сите, освен за нас сами.

Парадокс бр.3 Ако се вратам наназад, барајќи виновник за состојбата на сметководствената професија, можеби најдобро е да почнам од почетоците, од образовниот систем, кој за жал ни малку не одговара со реалните потреби на терен. За жал, нашите студенти по завршувањето на економски факултет излегуваат неписмени за звањето кое го носат. По завршувањето на средно гимназиско образование, поради склоп на околности веднаш почнав со практично изучување на сметководство. Факултет запишав неколку години подоцна. И имав што да видам. Застарени учебници, методи кои со години не се практикуваат, сувопарно предавање на материјалот колку за оценка, без соодветна практична примена на знаењето. Учиме интеграли, но не знаеме да пресметаме плата. И се така години наназад продуцираме кадар кој ни малку не е подготвен да се соочи со предизвикот наречен водење сметководство.

Парадокс бр.4 И така, ден по ден, година по година, дојдовме до болната реалност. Ако ги видиме официјалните регистри кои ги води Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), во Македонија не има на претек. Согласно последните објави, повеќе од 9.500. Но, кои се и каде се сите тие, кога во реалноста секојдневно слушам поплаки дека тешко се наоѓа сметководител? Која е реалната бројка, колкав е процентот на оние кои вадат уверение за „да се најде"? И која е поентата (освен собирање членарини!) со галоп да се приближуваме до бројка од 10.000 сметководители и овластени сметководители ако на терен ситуацијата е трагична?

Парадокс бр.5 Уште еден дел од сложувалката наречена сметководствена професија, кој што повторно ја надополнува парадоксалната слика која ја гледаме, е состојбата со моменталната старосна структура, како и немањето желба на младите кадри да станат сметководители. Како една од малиот процент на сметководители на возраст под 35 години, секојдневно ја гледам апатијата на тукушто завршените економисти, кои ни под точка „разно" не ја гледаат својата иднина тука. Но, затоа пак имаме пензионери кои со страст сакаат да го користат своето слободно време да прокнижат документ повеќе. И им успева. И ако гледаме од денес за утре, можеби и не изгледа толку страшно. Но, ако гледаме за десетина години од сега, ќе видиме изумрена професија и државен проблем.

Парадокс бр.6 На се' ова погоре наведено, решение требаше да биде со закон формираниот застапник на нашите интереси - Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС). Ама само требаше. Наместо борба за права, видовме само борба за интереси. Нефункционални органи повеќе од 2 години, истечени мандати, членови во оставка. Ама оставка само на збор, а на дело целосна окупација и самоволие. Да биде иронијата поголема, тие истите, што наводно само формално – правно ја вршат функцијата за управување со ИСОС, во ек на пандемија го повикуваат и онака разочараното и пасивно членство на состаноци на подружници за избор на нови претставници. Кога најмногу ни требаа, и пред, и за време на кризата, кога на секаков начин се бараше од нив да го ослободат Институтот наместо да ни наметнуваат нови обврски, мудро молчеа, но, затоа по војната копнеат по генералскиот чин. Но, само ако се извојува победа согласно нивните очекувања. Во спротивно уште еднаш ќе ги измијат рацете амнестирајќи се од секаква вина и одговорност. И покрај тоа што од иронијата на нивното управување, за навек ќе остане да ми сведочи уверението, потпишано со забелешка „во оставка". Но, сепак, проблемот е во кочничарите, не во нив.

Парадокс бр.7 За ИСОС да работи вака како што работи, главната улога ја има ресорното Министерство за финансии. Надлежно за контрола, надлежно за одобрување на работењето, надлежно за давање мислење за избор на органи, надлежно за СЕ' по закон, но, изгледа ненадлежно само за постапување по истото. Континуиран молк, со тука – таму обиди за навидум разрешување на ситуацијата. Безброј дописи, реакции, состаноци, медијатори, барања, медиуми и неколку министри, ништо не беше доволно моќно да го победи монополот на лични интереси кој владее во внатрешните структури.

И сега, има ли што уште повеќе да се каже? Остана ли незапишана уште некоја небулоза која ја живееме? За жал, има. Но, јас тука ќе запрам. И како непоправлив оптимист, за крај само ќе се потсетам на законот на природата – реката не поминува низ карпа поради својата сила, туку поради својата упорност!

Пишува: Александра Андреева

Последен пат изменето на Четврток, 09 Јули 2020 06:55