Туристичката сезона почна, потребна е промотивна кампања веднаш !

Среда, 24 Јуни 2020 11:09 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

После речиси четири месеци конечно дочекавме убава вест и за нашиот туризам. Се отвараат аеродромите, се отвараат границите, хотелите и рестораните веќе почнаа со работа. Протоколи има и тие се почитуваат, се исполнуваат највисоките стандарди за безбедност и заштита на гостите при престој во сместувачките капацитети и угостителските локали. Се создадоа услови за да почне туристичка сезона.

За гостите на хотелите комплетно да ги користат сите можности недостасува само уште да се подготват последните протоколи кои се однесуваат на работата на пропратните содржини како базени, СПА, плажи. Со нивно ставање во функција хотелите ќе можат да бидат целосно ставени на располагање за гостите во летниот период.

Што е следно?

Она што е најважно сега да се направи за да може сезоната што подобро да биде искористена е сите чинители во туризмот веднаш јасно и гласно да пренесат порака до своите странски партнери дека Македонија е безбедна дестинација за летување.

Но главната промоција секако се очекува да дојде од надлежните институции кои треба веднаш да ги стартуваат промотивните кампањи и други активности кои ќе ги убедат домашните и странски туристи дека во Македонија може безбедно да го искористат летниот одмор и дека тука се спроведуваат и почитуваат највисоките протоколи и мерки за заштита. Клучно во овој момент е да се придобие довербата на туристите. Затоа покрај природните убави на туристичките дестинации, во промоцијата треба да бидат вклучени и информации за мерките кои се преземаат за заштита и безбедност на гостите. Со соодветно маркетиншки спакувани пораки може да се создаде перцепција дека мерки на заштита им гарантираат сигурност на гостите и дека тоа не се процедури кои ќе им го комплицираат одморот.

Промотивните пораки особено е важно да допрат и до домашните туристи, за тие оваа година да дадат свој придонес во развојот на домашниот туризам, зошто тоа е потребно сега повеќе отколку било кога. Оваа година се очекува домашните туристи да бидат и најбројни. Долгонајавуваната кампања за домашен туризам #ДомаСиЕДома се појави и веднаш исчезна. Каде е? Зошто не продолжи?

Имаме ваучери за хотели, имаме домашна платежна картичка, имаме протоколи, недостасува уште да се поттикнат луѓето да патуваат и да го поминат одморот во некоја од нашите дестинации.

Време нема, да се делува веднаш

Време многу нема, се наоѓаме во "шпицот" на сезоната, мора да се делува веднаш, за колку толку да се ублажат загубите во туристичкиот сектор и да може вработените од оваа дејност да се вратат на своите работни места. Сите се свесни дека оваа година профит нема да има, но да не се дозволи затворање на туристички капацитети и отпуштање на вработени.

Кога е во прашање дојдовниот туризам, треба веднаш да се отстарнат и сложените бирократските процедури за субвенционирање на странски оператори. На тој начин субвенциите би биле поатрактивни за традиционалните партнери и тие би можеле веднаш да преземат чекори за организација на туристички групи.

Регионот веќе на големо работи на својата промоција со фокус на безбедноста на дестинацијата. Ние не смееме да го загубиме чекорот со нив.

Она што туристичкиот сектор го очекува од институциите во пост-изборниот период е соодветно да се прилагоди моделот за субвенционирање на туризмот според новонастанатите потреби и поддршка на авиолиниите како основа за развој на туризмот, во насока на задржување на сегашните и воведување на нови дестинации.

Светот се промени, ништо веќе не е исто, мора да се адаптираме на овие новосоздадени услови доколку сакаме да останеме конкурентни како дестинација.

Пишува: Владимир Граматиков

Последен пат изменето на Среда, 24 Јуни 2020 12:02