Не ги слушајте навивачите, практичарите имаат што да кажат

Вторник, 26 Мај 2020 06:40 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

Секојдневно се соочуваме со свет кој се движи со огромна брзина. Во која и да е област од животот, правилата што важеле вчера, најверојатно веќе не се исти денес, и ние сакале или не мораме да се прилагодиме на честите промени доколку сакаме да успееме. Ситуацијата во која се наоѓаме со кризата поради ковид – 19 можеби за момент го забави темпото, но затоа неизвесноста за утре е многукратно зголемена. Предизвикот да се биде лидер во ова време, макар и само на неколку луѓе во својата компанија, бара преземање одговорност, елиминирање на лични суети, но пред се, ставање на колективното добро пред личното. Заедно, сплотени, за доброто на сите. Уште повеќе ако од вас зависи цела држава.

Но, и по повеќе од два месеци од почетокот на здравствено - економската криза, наместо одважно лидерство, ние упорно сме сведоци на паралелни светови каде уредби се носат и менуваат согласно дневно политичките потреби. Секојдневно гледаме владеење од типот анти-Робин Худ, кое покажува загриженост за ликвидноста за оние со наталожени милионски добивки и помошта стигнува токму кај нив, наместо на сметките на најмалите, најпогодените.

Наместо брзи и конкретни решенија, каде правото и правдата нема да се селективни, и солидарноста ќе потекнува токму од најголемите, сценариото кое го гледаме ме потсетува на она во Библијата, кога Исус ги прекорува тогашните водачи, кои навидум спроведувајќи божемна праведност, заборавиле на правдата и милоста, а посегнале по грабеж и лакомост. Цедејќи го комарецот, ја проголтувале камилата.

Континуирано се игра топло-ладно игри за повторно почнување со работа, под превезот на загриженост за здравјето, додека истовремено на големо се исполнуваат желби за политички и верски собири. Пред некој ден на социјалните мрежи некој имаше напишано дека сето ова потсетува на рубикова коцка во рацете на далтонист! Колку и да е болно, за жал тоа е реалност која сите ја живееме.

Се бориме со толкување и дешифрирање на мерки, кои и тогаш кога мислиме дека еве конечно ќе ги спроведеме, повторно не изненадуваат со некоја нова нелогичност во процесот и постапката. Она што беше најавено како бруто плата поради исплата на 50 отсто плата во услови на делување на виша сила, сепак во многу случаи излезе дека е исплата на 50 отсто од финансиската поддршка, односно 7.250 денари, наместо 14.500. Оние лица пак, за кои што успеал работодавачот да добие финансиска поддршка, не смеат да се разболат, зашто шифрата која се впишува во софтверот за исполнување на правото ја покрива шифрата за подрачна служба на Фондот за здравствено осигурување, поради што ФЗО не може да вчита дека лицето има активно осигурување. Да не ги заборавиме и занаетчиите и трговците поединци, иако рокот за поднесување на барање за финансиска поддршка кај нив одамна помина, и по 20-тина дена се уште нема ниту една исплата!!

И додека ние уште се бориме со спроведување на првиот и вториот сет економски мерки, владата веќе го најави и третиот. Фокусот е врз невработените лица, оние кои останале без работа поради пандемијата. Зарем не мислите дека и тука се пристапува од опачина на проблемот? Да не се разбереме погрешно, поддржувам секаква помош која ќе стигне на вистинското место, но, ајде да тргнеме од почеток. Стопанството од првиот момент бараше брзи мерки, финансиска инјекција без куп услови, предуслови и скриени услови, со цел зачувување на фирми и на сите работни места. Ако тоа се исполнеше не само што ќе се одржеше домашната економија, туку истите средства повторно ќе завршеа кај работниците, и ќе се стимулираше потрошувачката, само овој пат во вид на плата, а не како вредносен ваучер. За жал, се случи она што многумина го предвидувавме во отсуство на брза и безусловна помош – многу од микро и малите бизниси затворија, уште повеќе од нив не знаат до кога ќе можат да издржат и да функционираат целосно затворени или со намалени капацитети. Многу од вработените останаа без работа, да чекаат и да се надеваат на милостина, која патем ќе ја добијат по месец, два или три од сега. А до тогаш? И што кога ваучерот ќе се искористи? Или како што вели една кинеска поговорка: „Ако му дадеш риба на сиромав човек, си го наранил за еден ден. Но, научи го како да ја улови рибата, и ќе му дадеш занает што ќе го храни целиот живот.“

Наместо зачувување на сите работни места и стимулирање за отворање на нови, ние допрва ќе се справуваме со руинираното стопанство и огромна бројка невработени лица, која можеше да се спречат, или барем минимизира. Наместо лекување на болеста од корен, ние само ги третираме симптомите. По смрт, ќе бараме болест.

Зголемување на праг за данок на добивка или данок на вкупен приход од 3 милиони на 5 милиони денари, прогресивен данок за најпрофитабилните, ослободување од обврската за исплата на регрес, или барем откажување на државата од данокот на личен доход за истото, се само дел од начините како може да се помогне стопанството. Кредити не ни требаат, нив веќе ги имаме.

За промена послушајте го реалниот сектор, има многу што да каже. Послушајте ги практичарите, пред да им го загорчите секојдневието со нови небулозни мерки како онаа за викенд без ДДВ, од која страв ми е да помислам какви се сметководствени проблеми што може да произлезат. Добриот лидер го слуша и негува својот тим, бидејќи ако тимот не постои, нема што тој да води. Не ја одбирајте опцијата која е целосно непозната и нелогична, зошто ви е понудена од верните навивачи, само затоа што другата опција сме ви ја понудиле ние, практичарите.

Пишува: Александра Андреева

Последен пат изменето на Среда, 27 Мај 2020 08:58