Си беше еднаш... една финансиската помош за работодавци

Петок, 15 Мај 2020 14:29 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

Си беше еднаш... Да, така најчесто започнуваат приказните. За жал, ние, најголем број од граѓаните на нашава држава, не живееме во една од тие бајки кои имаат среќен крај. Но, изгледа оние кои „имаат” слух и „работат” за доброто на сите, како што милуваат да кажат на прес-конференциите, живеат во бајка, во Земја на чудата. Може некој од нив и навистина си мисли дека е Алиса, затоа што станавме земја во која животот не е како во бајка, туку напротив животот е како театарска претстава од жанрот траги-комедија.

Во овие моменти на здравствено-економската криза на површина испливаа сите проблеми кои со години, со децении буткале и се уште се буткаат под тепих. Дали требаше да ни се случи ковид-19 за да утврдиме дека системот не ни функционира, дека тој крахира?

Се случи, дојде и видовме. Сега знаеме малку повеќе околу тоа дека изјавите за fake news ни ги презентираат токму оние кои веќе подолго време се „борат” со лажните вести, скриени под некој слоган како „Мерки за спас“.

Во оваа наша Земја на чуда, во последниве два месеци игра една траги-комична претстава „Мерки за спас на микро, мали и средни компании“. Дејството се одвива во три чина. Во првиот почнува со презентација на мерки за субвенции на работодавачите, услови безброј, читаш, читаш и пак не ти е јасно. Втор чин продолжува со најава дека сето тоа ќе се смени, па потоа се појавуваат нови мерки, ама кој може да ги користи, и пак се враќа на почеток, бидејќи повторно нешто не е во ред. Трет чин почува со финансиска помош за работниците, ама нема реализација зошто никој не знае како да се реализира, па со дублери, сценски ефекти и дополнување на сценарио некако претставата може малку насила ќе се истера до крај.

Сценариото за четвртиот чин уште се пишува ама во духот на настаните до сега очекуваме да се бара од компании да ги донираат средствата за спас на крахираната економија. Секако нема да важи за сите, туку ќе биде „под одредени услови" како и се друго.

И додека некој мисли дека ова е само театарска претстава ние, најголемиот дел кои наместо да живееме, преживуваме знаеме дека тоа не е така. Но ќе се снајдеме некако за овие два-три месеци, со или без тие 14.500 денари (9.000 денари). Но видовме дека тие од кои се очекуваа вистински мерки за помош не може да преживеат со 14.500 денари, па бараат донации од сите, вклучително и од граѓаните.

Стопанството не бара ваучери за попусти за летување, не бара ама баш ништо што не му следува. Стопанството е принудено да моли за помош од државата на која нашите - домашните компании ѝ се повеќе од потребни, а и на нас ни е потребна нашата држава. И што добивме од нашите барања и молби? Буџет во сериозна криза, администрацијата и функционерите не сака минималец, туку скапи апетисани и пијалоци. Сакал некој или не да признае, со вакви мерки за спас ќе добиеме само зголемување на невработеноста и намалувањето на платите што е неизбежно во борбата за опстојување на фирмите компаниите.

Како и да е, прашањето е како понатаму? Дали некој од владиниот економски тим, кој за жал изгледа живее во Земјата на чудата, мисли што би било ако оваа проценката не е fake news? Веројатно не зошто нели во Земјата на чудата тоа не е возможно.

Ех, оваа моја чудесна земја!

Пишува: Јорданчо Донев

Последен пат изменето на Петок, 15 Мај 2020 17:30