Сoлидарно-антикризни или корпоративно-олигархиски економски мерки

Вторник, 12 Мај 2020 07:08 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

Пандемијата како појава на зараза од вирусот ковид-19 и нејзиното суперсонично ширење во целиот свет, предизвика сите влади на приоритетно место да ја стават грижата насочена во правец на заштитата на здравјето на популацијата како и креирање на безбедносен систем за нејзино сопирање до нејзино потполно исчезнување.

Здравствените мерки, поради големата опасност, сами по себе излегоа од нивните рамки и навлегоа во општественото битие во сите негови сегменти, до степен на воведување на вонредна состојба, полицики час, забрана за движење, самоизолација, карантин, затворање на стопанството, делумно во трговија и производството и целосно на микро план.

Економскиот цунами импакт е значајно видлив со глобално рецесивни последици кои се чувствуваат уште во првите 30 дена. Тие резултира со тотален колапс во сферата на обртните средства и ликвидноста на компаниите и до 100 отсто кај најпогодените, микро, малите и средни правни субјекти во кои работат повеќе од 80 отсто од вкупниот број вработени, што предизвика отпуштање на работници.

Економските мерки преку заштита на цените, маржите, ваучери, преполовување на каматите за неплатените јавни давачки, затезната камата, ослободување од плаќање на аконтациите на ДЛД и ДД, цементирање на минималната плата, запирање на присилните извршувања претставуваат еден отсто декор во претставата дека овие мерки ќе помогнат во справувањето со економскиот колапс.

Сите овие мерки се во правец на намалување или замрзнување на дел од обврските иако тие не биле или пак не се сервисираат навреме, поради запирањето на финансиските обртни средства, без кои секоја компанија е незамисливо да работи.

Апелот да се аплицира за мерки од финансиска природа пак со цел да бидат задржани вработените е толку комплексен, условен со разноразни пречки кои воопшто не коренспондираат со самата криза каде е потребна интервентна државна помош, туку изгледаат како бизнис релации, со многу конфузни измени, нејаснотии и нелогичности.

И двете финансиски мерки, субвенционирање на исплата на придонеси од ЗСО за 4, 5 и 6/2020 како и финансиска поддршка за плати за мај и јуни во висина од 14.500 денари, декларативно се прикажуваат во правец на заштита на работниците, а всушност се условени со квалитетот на економската кондиција на правниот субјект, компанијата, солвентноста и ликвидноста, сервисираните јавни обврски. Поради тоа оние кои се со понизок и помал репродуктивен праг нема да можат да ги користат и доколку сепак одлучат да се борат и притоа да ги задржат вработените, треба самостојно да изнаоѓаат решенија за излез од кризата. Особено во секторот на услугите, најмногу кај оние кои се со циклична поставеност, кои имаат запишан приход, но не и реализиран, бидејќи наплата нема и прашање е, од кого и кога ќе се наплати. Прикажаниот приход е нереален, без ликвидност.

Ставката „еднократен приход“ е недоволно објаснета, а со тоа може во периодот на контролите да биде оспорувана како позиција, за што следуваат казни.

Напротив, за оние компании кои ќе се покажат како „инвестиционо продуктивни“, државната „помош“ со голема нелогичност станува награда т.е. обврската за враќање ќе се претвори во неповратни средства – грант. Во прилог на тоа е и покачување на акцизата, несмалување на платите на администрацијата која седи дома, комплетното изземање на банкарскиот сектор и дополнителното каматно богатење на грбот на кредитодолжниците, за вакум периодот, за сметка на оние на кои им е потребна помош. Па оттаму излегува заклучок - тој што нема повеќе да нема, тој што има повеќе да има.

Во развиените економии со висока свест во правец на заштита на вработувањата излегоа со директна помош на две нивоа, заштита на компаниите и заштита на граѓаните, каде се почитува синтагмата дека помош се дава на оние кои им е потребна, а не само на корисно подобните.

-          Земи помош, а врати ¾ за 2 години, без камата, а ако банкротираш не враќај ништо.

-          Земи помош по жител, а на крајот на годината со ГДП, ќе бидеш севкупно одданочен.

Донесените економски мерки се ненавремени, несинхронизирани и неадаптирани на оние на кои се однесуваат. Нивната имплементацијата пак ја отежнува тоа што за 10 дена се донесени 7 уредби во километарски недоволно јасен текст без точка и запирка. Овие уредби, содржински меѓусебно се испреплетуваат со две интерни измени во рок од три дена , без пречистен текст, со кус рок за аплицирање, што резултира со хаос, револт и забуна кај менаџментот на компаниите.

Целата и така комплексна ситуација уште повеќе ја усложнува системот на е-Тах, каде се детектираат многу недостатоци и технички грешки:

-          доцна објава на обрасците и МПИН, креирање услови за пробивање на рок,

-          неусогласеност на МПИН со прифатените мерки,

-          слаба комуникација Сервер - WEB-апликант, замрзнување на врската

-          огромен број на системски грешки,

-          не можност за печатење на некои обрасци,

-          тотален аматеризам во програмирање со дозволувањето и можност на избор на две или повеќе опции кои меѓусебно се исклучуваат,

-          невалидираност на софтверот, измешани податоци со извештаи без јасен опис за крајната состојба на апликацијата, пријава со грешки – прифатена и сл.,

И во овој случај како многу пати досега целиот товар паѓа на сметководителите, кои деноноќно бдеат над нивните монитори во исчекување на позитивен исход на сите операции неопходно потребни на задоволство на двете страни, бизнисот и УЈП.

Сите овие детектирани пропусти при имплементација би биле избегнати доколку претходно биле консултирани корисниците/апликанти на МПИН, е-Тах и е-ПДД системите, т.е. прекунивните медијатори - сметководителите.

Пишува: Ѓорѓи Грковски, Овластен сметководител

Последен пат изменето на Вторник, 12 Мај 2020 07:22