Мерки за економски спас

Понеделник, 11 Мај 2020 11:13 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

Шокот за глобалната економија од ковид-19 e побрз и посериозен од оној предизвикан од глобалната финансиска криза во 2008 година. За разлика од тогаш, негативниот импакт по економијата сега е видлив за само три недели. Секоја компонента на агрегатната побарувачка и потрошувачка, на инвестициите, капиталното трошење, како и во надворешното трговско работење е во слободен пад. Најдоброто сценарио на кое може да се надеваме е овој пад, кој е потежок од оној предизвикан од глобалната финансиска криза, дека ќе биде со пократок циклус и ќе се овозможи враќање на позитивниот раст во 2021 година.

Финансиската помош во цел свет по дефиниција се однесува на помош од владините институции на лица од посебни категории кои имаат потреба од поддршка, субвенции или кофинансирање на правните лица, грантови како поддршка за компаниите кои се соочуваат со финансиски потешкотии. Во Македонија финансиската помош повеќе е во форма на позајмица и кредит, што креираше и доста негодување во јавноста.

Анализата на Националната алијанса за локален економски развој покажува дека најголем пакет за економска поддршка во регионот дава Србија, и таа изнесува високи 11 проценти од бруто домашниот производ, по неа е Бугарија со 9,9 проценти од БДП и Грција со 5 проценти. Хрватска и Босна се со приближно исти одвојувања од нешто повеќе од 3 проценти од БДП. Според анализата, Албанија издвоила 1,3 проценти од БДП, додека последна на листата е Македонија со 1,2 проценти поддршка.

Сојузот на стопански комори на Македонија апелираше до Владата да се преземат системски мерки за спас на малите и средни претпријатија, затоа што во реалниот сектор, исто како и во животот, не секогаш е можна реанимација на оние претпријатија што ќе згаснат. Потребно е Владата да направи пакет за економски спас, преземајќи мерки со голем фискален стимул преку директни исплати на средства во стопанството, за да се санира колапсот на приватниот сектор и економијата воопшто. Во овој момент, додека се соочуваме со предизвикот за справување со пандемијата, пакетот за економски спас не е доволен, ниту доволно брзо достапен за да создаде услови за навремено закрепнување.

Сега во најава е трет пакет мерки, а голем број од експертите се повикуваат на решенија од претходните глобални и регионални финансиски кризи за стимул на потрошувачката. Но кога ќе се креира новиот економски пакет би било добро да се има предвид дека во оваа криза поголем проблем е понудата отколку побарувачката. Во услови кога се соочуваме со намалена понуда поради рестриктивните мерки за заштита, треба да се креираат нови решенија како одговор, а тоа е стимул на приватниот сектор со директни финансиски инјекции.

Се соочуваме со рецесија во текот на следните квартали, со сериозни стресови, кои за да се амортизираат потребни ќе бидат навремени и добро таргетирани системски мерки. Тие мерки за спас потребно е, пред сė, добро да се осмислат пред да се објават, бидејќи честото менување создава недоверба кај граѓаните, креира слика дека не се знае што треба да се постигне и како да се дојде до крајната цел.

Во моментов таа цел за спас на економијата е единствена – да не се дозволи да потонеме подлабоко во рецесија. Постојат добри причини зошто владите во регионот се задолжуваат со толку големи суми, со цел стимул на економијата. Знаат дека ако се дозволи процесите да застанат, за рестартирање ќе е потребно долго време, а тоа е луксуз кој кај нас институциите не смеат да си го дозволат.

(Колумната на претседателот на ССК, Данела Арсовска е преземена од Слободен печат)