Човек од збор, тоа е она што најмногу ни фали

Среда, 29 Април 2020 13:08 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

Од почетокот на здравствено-економската криза кога со уредба од државата угостителите престанаа да работат до денес, оставени се комплетно сами да се снаоѓаaт со минималната поддршка од министерствата за финансии и за економија, кои на моменти покажуваа волја и желба да се дојде до соодветни мерки за надминување на состојбата.

Како претставници на Туристичко-угосителската комора при ССК присуствувавме во координативните тела на кои се дискутираше на највисоко ниво и писмено ги поднесовме нашите предлози за мерките кои сметавме дека би помогнале во зачувувањето на угостителството како сектор, за на крај да заклучиме дека сето ова се правело со намера да се купува време за да не се донесат навремено мерки кои би биле од реална помош на угостителскиот сектор.

Пред три недели имавме работна средба со министерката за финансии Нина Ангеловска, која заврши со заклучок да бидат доставени во писмена форма изнесените предлози. Нашите предлози ги доставивме во најбрз рок, со одредени корекција на веќе предложените мерки и тоа како најважни ги издвојувам:

• Минимална бруто плата за вработените

• Субвенција на рентите во висина од 50 отсто од склучените договори,како и ослободување за оние кои плаќаат кон државата и ЈП

• Времено одложување на обврските кон ЕВН, „Водовод и канализација“ и сите институции од државната администрација.

Иако ни беше ветено дека доставените барања ќе бидат разгледани, по истите се уште немаме добиено никаков одговор, туку напротив за дел од мерките дознаваме преку Фејсбук и останати социјални медиуми.

Од сето ова досегашно искуство извлековме повеќе заклучоци кои ќе мора да ги споделиме со нашите колеги, вработени и семејства:

1. Да молчиме, бидејќи во спротивно ни следат инспекции.

2. Оставени сме самите на себе за да се снаоѓаме во невозможна состојба.

3. Против нас се користат таканаречени спинови во комуникација и се води негативна ПР кампања.

4. Плаќавме ДДВ и останати давачки кон државата со цел да се носат мерки кои ќе ни помогнат да ја задржиме работната сила во Македонија – тоа не се случи!

5. Најважно од се, дека не постои морал и етика во рамките на самите институции кои длабоко се обидуваа да се прикажат како солидарни.

Во угостителството нема јахта-газди

Во битието на овој народ е да биде гостопримлив. Сите ќе се сложите дека кога на гости ни доаѓаат странци сите се воодушевени од нашата љубезност и гостопримливост. Особено ние угостителите се трудиме ова домашно воспитување да го преточиме во бизнис култура или пракса, со која како амбасадори на нашата култура и нашиот народ го пренесуваме во комуникација со нашите гости кои доаѓаат поради туризам или деловни причини.

Градиме принципи во секојдневното работењето со нашите вработени, добавувачи, банки, инспекции, полиција, комшии. За добар дел од нас, велат дека сме еснафи во работењето, бидејќи тоа што ќе го ветиме го спроведуваме во пракса, кога станува збор за навремено плаќање или на испорака на услуги. Кај нас зборот е збор.

Во периодов од како почна кризата со Ковид 19, сфативме дека тој збор не важи за секого. Од солидарноста која треба да значи единство или согласност за чувство или делување, посебно помеѓу индивидуи (лица) со заеднички интерес, останавме самите во рамките на дејноста да се справуваме со сите предизвици кои оваа криза ни ги донесе. Дополнитено, дирекно и индиректно бевме нарекувани несолидарни од причина што не сме во можност да ги издржиме тековните трошоци и бевме приморани да отпуштиме вработени, не за да заработуваме, туку да се спасиме од стечајот кој што ни следи а со уредба на Владата е забранет како правна постапка.

Во изминатиот период со цел да се создаде конфузија бевме етикетирани како јахти-газди и обвинувани дека возиме џипови и имаме хациенди. Многу го цитираа бугарскиот премиер, кој извади состојба на луксузни возила кои што се регистрирани без притоа да нагласи во која индустрија работат сопствениците на тие возила. Ние сме подготвени во името на вистината да поднесеме анкетни листови за имотна состојба, која лесно се проверува, со цел да се утврди фактичката состојба која погрешно се претставува во јавноста. Не сме ние тие кои имаат јахти, угостителството живее сезонски, некогаш повеќе, некогаш помалку, но никогаш угостителите не заработува толку за да имаат јахти.

На актуелната тема солидарност ќе додадам само уште два примера. Еден актуелен од неделава: Уставниот суд ја оцени одлуката на Владината уредба за минимална плата за државните функционери (министрите, пратениците, судиите...) како неуставна и ништовна, и не би сакал да ги испуштам ниту банките и олигарсите кои немо ја следат целата состојба и во континуитет продолжуваат да ги зголемуваат своите профити, делејќи дивиденди. Во исто време останатиот дел од секторите кои се затворени со уредба на Влада се борат да ги задржат своите бизниси, не само затоа што сакаат, туку и поради уредбата на Владата да не прогласат стечајна постапка.

90 отсто од угостителите не се задоволни од владините мерки

Со цел да го измериме ефектот од кризата врз работењето, на нашите членови во Сојузот на стопански комори како и со угостители од сите градови, спроведовме истражување, кое ќе го објавиме дополнително, но сакам да истакнам два клучни загрижувачки параметри.

Од близу 300 сопственици на угостителски објектии и хотели, 90 отсто од нив одоговорија дека не се задоволни од сет мерките на Владата. Уште позагрижувачки факт е дека на прашањето „според досегашната состојба на пазарот и превземените мерки од страна на надлежните институции, дали сакате да продолжите да се занимавате со угостителска дејност“, дури 40 отсто од испитаниците одговориле дека не сакаат да продолжат да се занимаваат со угостителска дејност.

Би ги охрабрил колегите од нашата индустрија дека ќе продолжиме да бидеме нивна поддршка и активно и јавно, директно до Владата и релевантните институции да ги адресирамепредлозите и проблемите, неправилности во работењето на инспекторатите, како и справувањето на нелојалната конкуренција која директно нанесува штети на целата индустрија.

Не чека тежок период, мора да размислуваме во нашите мениа да се користатмакедонски суровини и производи со цел да и помогнеме на домашната економија и да ги почитуваме мерките за превенција на нашето здравје,здравјето на вработените и здравјето на нашите гости.

На угостителскиот персонал му претстои голема одговорност во наредниот период бидејќи ќе биде во директен контакт со гостите. Затоа, неопходно е почитување на правилата со цел да се зачува личното здравјето, здравјето на семејствата и на колегите.

За крај ќе споделам една моја омилена американска фраза која гласи Walk the Talk, што во превод би значело да се исполни тоа што некој го кажал, да не биде празно ветување. Ова кај нас се толкува како доследност или народски кажано да се бидечовек од збор.Тоа е она што најмногу ни фали во моментов.

Пишува: Мартин Ангеловски, Туристичко-угостителска комора

Последен пат изменето на Среда, 29 Април 2020 13:38