Чекајќи витез да не избави од пропаст, ни пристигна Дон Кихот

Среда, 08 Април 2020 10:51 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

Вонредна состојба, самоизолација, карантин, полициски час... Светот забави. Метеж само во маркетите и аптеките. И кај сметководителите. Метеж од маилови, вибер, телефонски повици. Додека се’ стои, нашите рокови се движат постојано. Покрај редовните обврски, кои и во вакви услови мораме да ги исполниме поради крутоста на институциите, тековни книжења, ДДВ пријави, плати, сега ги претворивме нашите домови и канцеларии во повикувачки центри, за толкување и објаснување на донесените економски мерки.

Но, има ли што да толкуваме? Најавените мерки за субвенционирање на придонеси или плати се донесени, но, во нив ништо надежно.

За почеток, треба да се одлучите доколку користите некоја од мерките, која мерка ќе биде тоа. Или субвенционирање на 50% од придонесите, или финансиска помош за исплата на нето плата во износ од 14.500,00 денари. Самостојните вршители на дејност (трговци поединци, занаетчии и сл.) можат да аплицираат само за финансиска помош во износ од 14.500,00 денари (од која самите треба да го платат износот за придонеси!).

Пречка број 1 - Заедничко за сите мерки е приходот да е намален за повеќе од 30%, во однос на соодветен споредбен период. Покрај толку економисти и советници во соодветните институции, па и луѓе од реалниот сектор на раководни позиции, како никој не се сети дека тоа не е релевантен показател? Приход не е исто што и прилив. Да земеме конкретен пример. Сметководствено биро, како што спомнав погоре, активно работи и овој период, дури и со зголемен интензитет. Истото ќе фактурира спрема своите клиенти, со што прикажува приход, ист, можеби дури и поголем од споредбениот период. Но, во услови кога многу од клиентите работат со намален интензитет, или се целосно затворени, неизвесно е колку од тој приход ќе се реализира и кога.

Пречка број 2 - Понатаму, и во двете мерки бројот на вработени мора да се задржи одреден број месеци освен во случај на пензионирање или смрт (СВД да не престане со вршење дејност). Зошто? Како? Барам логика, но не наоѓам. Да беше помошта вистинска, со целосно покривање на трошоците за плата и придонеси, да, стопанството ќе стои на нозе и никој нема да остане без работа. Но вака, со реализиран приход 0, и бавни и недоволни мерки, не им останува ништо друго освен да го намалат трупањето на долгови за да можат да преживеат. За да е иронијата поголема, дури и работникот сам ако си даде отказ, работодавачот не само што ќе треба да ја врати финансиската помош за исплата на нето плата, со камата, туку и ќе одговара кривично. Да, убаво прочитавте, ќе одговара КРИВИЧНО. Логика? Нема.

Пречка број 3 - Аплицирањето за финансиска помош се врши до 5-ти во тековниот месец, за претходниот. Аха, за ова пишував и претходно, да се соберат, достават до сметководство, обработат и анализираат документите - Невозможна мисија, во македонска режија. Со среќа колеги сметководители!

Пречка број 4 - Право на овие мерки немаат управители, основачи, членови на управни одбори итн. И за ова пишував. Сите вие кои сте самовработени, човек – фирма, во отсуство на приход вашата функција е доволна да ве рани во наредните месеци. Или не е? Ајде да видиме пример од терен, еден од безброј. Никола е сопственик/управител на фирма, фитнес центар, други вработени нема. Со донесување на мерките од средина на март, центарот е целосно затворен. Неговата сопруга Ана, е исто сопственик/управител на продавница за спортска опрема во склоп на центарот, која се затвори исто со затварање на центарот. Каде е помошта за нив? Како да преживеат? Субвенција на 50% од придонесите со приход 0 не е ни приближно решение.

Пречка број 5 - Андреј е сопственик (значи не исполнува услов за да користи помош) на фотографско студио кое со затворањето на локалите исто така престанува да работи. Вработена е и неговата сопруга за која повторно не може да се користи финансиска помош бидејќи е осигурана со проект Македонија вработува. И повторно истото прашање – каде е помошта за нив? 

И тука ќе запрам. Имам уште многу што да пишувам, но поентата е јасна. Микро, мали и средни претпријатија се носечкиот столб (99%) на зградава што се нарекува држава. Столбот е во пламен, гори, и се заканува дека ќе се распламти и ќе го уништи цело стопанство, а понатаму и сите други спратови (образование, здравство итн). Наместо итно и агресивно гаснење на пожарот, после кој ќе треба само да се санира штетата, на повидок е целосно согорување, после кое ќе остане само шут и отпад.

На државата и требаат граѓаните, но, и на граѓаните им треба државата. Чекајќи витез да не избави од пропаст, ни пристигна Дон Кихот да се бори со замислени противници.

Автор: Александра Андреева - сметководител и член на Комора на сметководители

Последен пат изменето на Среда, 08 Април 2020 10:58