Не е време за експерименти во вонредна состојба со економија во слободен пад

Петок, 03 Април 2020 17:28 Напишано од  Објавено во КОЛУМНИ

Како економист кој 11 години работи и се надоградува во оваа област, и секојдневно сум во директен контакт со многу микро и мали претпријатија (кои патем полнат "само" 80% од буџетот), еве не можам, а да не ја анализирам мерката за финансиска помош на работодавачите од приватниот сектор за исплата на платите за април и мај 2020, односно директна помош со исплата на минимална плата во износ од 14500 денари по вработен.

1. Право на финансиска помош не остваруваат сите оние кои користат субвенционирање на придонеси, од било кој претходен повик или проект. Да ми каже некој зошто? Да, во ред користеле субвенции, Но, во нормални услови. Еве да земеме пример еден локален бар, со вработени 6 лица, за 4 од нив користел мерка субвенции на придонеси. Од средина на март се затворени, значи не остварува никаков приход. Што му значат тие субвенции кои ги имал, ако тој нема од каде да обезбеди основна нето плата бидејќи не работи? Вонредна состојба со економија која е во слободен пад не е време за експерименти, речиси сите се погодени, директно или индиректно!

2. Управители, основачи, прокуристи, членови на управни органи итн., повторно немаат право на користење на оваа мерка. И еве мене повторно ми се наметнува прашањето, дали некој зема предвид колку од микро компаниите се човек-фирма? М? Не, а? Сите оние кои одлучиле самостојно да заработуваат за себе притоа редовно плаќајќи даноци и придонеси на државата, таа иста држава сега им вика дека нивниот придонес не е ист со оној на големите. И да, во право сте, не е ист, поголем е. Во Библијата има една случка, каде што Исус земајќи за пример една вдовица, вели дека повеќе дава оној што дава од својата немаштија, отколку оној што дава дел од својот вишок. Ама не, ете на тие сега помош не им треба, бидејќи "имаат" функција управител, основач или сл.

3. За време на користење на мерката и 4 месеци потоа работодавачот не смее да го намали бројот на вработени освен во случај на смрт или исполнување право на пензија. А што правиме ако вработен сака да напушти? Или реално нема потреба веќе од истиот? Ви текнува дека и вработени може да злоупотребат вакво нешто знаејќи дека мора да ги задржите ради бројка? Или да бараме некој фиктивно да го пријавиме само ради бројка?

4. Право на искористување на оваа мерка ќе имаат оние кај кои приходот е намален за повеќе од 30% во споредба со месечен просек во 2019 година. Е сега, тука јас сакам мене и на колегите сметководители кои ќе треба да го пресметаме ова, да ни објасни која магија треба да ја употребиме. За да го добиеме податокот, прво, клиентите треба да ја комплетираат целокупната документација за месецот за кој сакаат да аплицираат, да ни ја достават нас да ја обработиме (имајте на ум дека и ние работиме во услови на вонредна состојба и намалени капацитети!), и сето тоа да се заврши до 5ти во месецот бидејќи тоа е краен рок за аплицирање! Мислам сериозно ова? Па во нормални услови е премија ако до 15-ти ги собереме документите, а не па сега. Тука е и нашето изложување на дополнителен ризик од зголемена фрекфенција и контакт со документи, а патем, и не сме сигурни дека ќе можеме да наплатиме со што и нашата егзистенција е загрозена.

И сега, што да им кажам на сите клиенти кои по неколку пати се јавија да прашаат што и како, очекувајќи конкретна и итна помош?

Уредбата со законска сила конкретно за ова се уште не е објавена во Службен весник, и искрено се надевам дека грешам. Помалку болат изгубени 30-тина минути во пишување на оваа објава, отколку последиците по сите микро и мали фирми (вклучително и мојата) ако ова остане вака како што е најавено.

п.с. Не се обидувајте да ме обоите политички, бидејќи објавава е исклучиво под дејство на здрав разум, логика и расудување во дејноста во која работам.

Пишува: Александра Андреева, член на Управен одбор на Комора на сметководители 

Последен пат изменето на Петок, 03 Април 2020 18:08