Данела Арсовска: Поволен деловен амбиент за економски напредок

Четврток, 28 Јуни 2018 10:56 Напишано од  Објавено во НИЗ ПРИЗМА НА БИЗНИСОТ

Данела Арсовска е првата жена претседател на национална комора во Македонија и на Балканот, како и една од тритежени претседатели во Европа. Нејзините заложби за јакнење на коморското здружување на компаниите како глас на деловната заедницата го изградија Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), како унија од 33 стопански комори организации и здруженија и како претставник на приватниот сектор кој ги промовира и застапува интересите на компаниите. Во чекор со модерните достигнувања во деловниот свет,  континуирано придонесува во развојот на компаниите и националната економија, за што од страна на  Светската трговска организација, Сојузот беше препознаен и прогласен за вториот „Шампион за мал бизнис“, заедно со корпорацијата Google Inc.  Арсовска ја истакнува важноста од создавање поволен деловен амбиент во земјата,  односот меѓу институциите и стопанството, вклученоста во процесот на донесување закони, како и за формалното зацврстување на јавно приватниот дијалог како  основа за економски напредок. 

 

За оцената на деловното опкружување во земјата и чекорите за справување со најгорливите предизвици на приватниот сектор

 

Арсовска: За справување со предизвиците со кои се соочува приватниот сектор, потребен е континуитет, долгорочни планови и стратегии, комуникација и отвореност на институциите во насока на заедничко креирање на идни политики за развој. За да може приватниот сектор да инвестира, еден од најзначајните услови е стабилна политичка состојба и владеење на правото како врвни приоритети за инвестирање на компаниите во Република Македонија. За да се осмели бизнис секторот да инвестира, потребна е стабилност и доверба во судскиот систем и владеење на правото подеднакво за сите. Поточно, спроведувањето на неопходните структурни економски реформи со приоритет на регулаторната реформа, реформи на енергетскиот и транспортниот пазар, намалување на неформалната економија и функционирањето на пазарниот систем како и доследност на политиките за зголемување на  инвестициите, се клучни за постигнување економски раст, поголема конкурентност и подобар животен стандард.

 

За предизвикот кој ги обединува сите сектори 

 

Арсовска:Заедничко за сите сектори е предизвикот за справување со неформалната поточно сивата економија. Неформалната економија според анализите кај нас опфаќа 30 проценти од националната и продолжува да расте.  Ова претставува директна нелојална конкуренција на регистрираните македонските компании и го поткопува развојот на стопанството во Република Македонија. Потребно е да се овозможи функционален механизам за справување со сивата економија, бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели еден пазарен систем.

 

За договорот за формално воспоставување на јавно - приватен дијалог помеѓу стопанските комори и Владата

 

Арсовска: Во 2018 година ја зацврстивме директната соработка со Владата со потпишување на Договорот со кој воспоставивме формален механизам за рамноправно учество на приватниот сектор и Владата на Република Македонија во јавно приватно партнерство и дијалог.  Со тоа, почнавме нова страница за деловната заедница и поставивме критериум за генерациите кои доаѓаат, а овој договор претставува форма преку која трајно ќе се унапреди институционалната соработка со цел развој на националната економија. За приватниот сектор овој успех е само почеток на напорната работа која претстои.

 

За промените во националната легислатива

 

Арсовска: Брзата и честа промена на легислатива е исто така голем предизвик за компаниите. На традиционалниот Деловен појадок со Претседателот на Владата на Република Македонија и ресорните министри уште во јули минатата година, ова прашање го истакнавме како еден од трите најголеми предизвици на компаниите заедно со неформалната економија и потребата од реформа на инспекциските служби.  Приватниот сектор, а особено малите и средни претпријатија не се во можност  да ја следат брзата промена во легислативата, а во исто време потребно е да биде консултиран за сите законски измени кои го засегаат стопанството. Токму затоа,  важно е вклучувањето на деловната заедница со свои предлози и мислења во измените и носењето на закони, што ќе резултира со креирање на законски решенија кои ќе бидат применливи во пракса.  Дополнително, преку позициските документи кои  консензуално ги донесуваме како заеднички предлози од нашите комори и во кои се содржани предлозите за нови и измена на постоечките законски решенија очекуваме подобрување на легислативата и нејзина доследна примена.

 

За  стопанските комори

 

Арсовска: Стопанските комори се најсилниот и најрелевантен глас на деловната заедницата и очекувано е токму ние да сме иницијатор на промени, да алармираме за потребите на приватниот сектор и да сме регулатор на секоја одлука која го кочи развојот на стопанството. Освен во  застапување на интересите на приватниот сектор, треба заеднички да ја градиме нашата улога како лидери кои во поволен деловен амбиент ќе имаат можност да го стимулираат зголемувањето на бројот на работни места  и покачувањето на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија. Партнерски да продолжиме со создавање на нови можности за компаниите од Република Македонија и како вистински двигател на економијата во земјата со засилено темпо да градиме економски просперитетно општество.

Последен пат изменето на Петок, 29 Јуни 2018 11:52