Испечатете ја страната

Габриела Кулебанова: Еднакви можности во приватниот сектор за чекор со Европа

Среда, 27 Јуни 2018 07:35 Напишано од  Објавено во НИЗ ПРИЗМА НА БИЗНИСОТ
Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

Бројот на жени кои учествуваат на пазарот на трудот во Македонија константно се намалува. Спорад податоците на Светска банка за четири години учеството на жените во работењето се намалило за цели два проценти, а лани високите раководни позиции жени ги управувале помалку од два проценти, рече Габриела Кулебанова во интервјуто за economist.mk. Кулебанова е жена претприемач, сопственик на Антарис, компанија која веќе 20 години работи на македонскиот пазар, со долгогодишното функционирање во полето на телекомуникациите и услугите. Разговаравме за состојбата во приватниот сектори и еднаквите можности.

 

Колку зајакнувањето на економската позиција на жената може да влијае на севкупната економија?

Кулебанова: Еднакви можности во приватниот сектор, следење на европските трендови за зголемување на  уделот на жените во економијата, постигнување на повисоки позиции како и намалување на јазот во  платите кој е присутен и за иста позиција се само дел од аспектите кои доколку се применат ќе имаат позитивен импакт врз севкупната економија.  Врз основа на фактите од искуството на брзорастечките економии – зајакнувањето на економската позиција на жените може да биде клучно во менувањето на економската моќ на земјата.

Поголемо учество на жените на пазарот на труд, според меѓународните организации значи поголема конкурентност на економијата. Потребна е Стратегија за обезбедување еднакви можности за жените особено на повисоки позиции, бидејќи тие се често во позиција на работна сила на пониско ниво, што значи и пониски примања, дури и за исти професии во одредени случаи жените се помалку платени од мажите за 12%.  Треба да го зголемиме пристапот на жените до финансии и да ги отстраниме бариерите што сé уште постојат, следејќи го примерот на брзорастечки економии кои знаат да ги искористат потенцијалните на жените за придонес во општеството.

 

Обезбедени ли се услови за непречено функционирање на жените приватно и професионално?

Кулебанова: За еднакви можности во приватниот сектор, стратешки треба да се постави систем, кој ќе биде во функција на поинтензивно вклучување на жените на пазарот на труд, како и на раководни позиции, што значи да се изнајде баланс и меѓу приватниот и професионалниот живот.

Искуствотвото е тоа кое жените може да ги доведе до одредена позиција и постепена реализација на амбициите за водење бизнис. Потребно е да се направи синергија меѓу државата, образовниот систем, за воспоставување пракса и работа на младите од неколку часа, флексибилни работни часови, понатаму добра организација на градинките и сите чинители кои треба да направат позитивно опкружување за жените да можат да се реализираат и на бизнис план.

Според податоците на Светска банка евидентиран е тренд на константно намалување на бројот на жени кои учествуваат на пазарот на труд, во 2013 имало 44 %, додека во 2017 година 42 проценти, на високи раководни позиции под 2 проценти.  Просекот во ЕУ е 63,5 со тенденција до 2020 година да се зголеми на 75 проценти.

 

Какви се податоците во земјава?

Кулебанова: Податоците за земјава, пак, покажуваат дека 33 отсто од новоотворените фирми се на жени. Од вкупниот број вработни 282.000 се жени кои чинат 73 отсто од вработените во приватниот сектор. Она што е важно е дека жената мора сама да се избори за својата позиција во економијата посебно, но државата треба да создаде услови таа да може да ги покаже своите претприемачки способности.  Дополнително, потребна е максимална промоција и искористување на мерките за поддршка кои се одлична можност за дополнително стимулирање и развој на бизнисите.

Последен пат изменето на Петок, 29 Јуни 2018 11:52