ИНТЕРВЈУ Проф. Снежана Костадиноска - Милошеска: Владините мерки за помош во кризата се кусорочни и несоодветно таргетитани

Понеделник, 01 Јуни 2020 14:19 Напишано од  Објавено во НИЗ ПРИЗМА НА БИЗНИСОТ

Најбројните и најпогодените микро, мали и средни компаниите не се таргетирани соодветно со економските мерки на Владата, а во нестабилен деловен амбиент, тешко дека брзо ќе се опорават и дека ќе го задржат бројот на вработените, вели универзитетската професорка Снежана Костадиноска – Милошеска, која е дел од движењето „Македонскиот концепт“ во интервју за Економист.мк. Со неа разговараме и за тоа кои се најголемите предизвици за економијата, на кои сектори треба да се стави фокусот за брз економски развој, како и за економската програма на „Македонски концепт“.


Владата донесе три пакети на економски мерки, дали тие се скроени според потребите на реалниот сектор односно според потребите на оние кои се најпогодени од кризата и дали ќе придонесат за брзо опоравување и намалување на отпуштањето од работа?

Економските мерки требаше да бидат насочени кон микро, малите и средните претпријатија, за кои општо е прифатено стојалиштето дека се најпогодени од пандемијата КОВИД-19, а најзначајни за економиите во Европската Унија и особено кај нас. Такви, според последното соопштение на Државниот завод за статистика се 99,7% од активните деловни субјекти (од кои 80, 7 % се микро компании, со 1-9 вработени, 10% од деловните субјекти немаат вработени или немаат утврдено број на вработени) а само 0,3% се големи компании.

Освен тоа, мерките требаше да бидат наменети кон најпогодените сектори. Тоа значеше дека треба да бидат првенствено и посилно помагани секторите на кои им беше директно забрането да вршат дејност заради потребата од социјално дистанцирање, како што се угостителството, транспортот, дел од малопродажбата, услужниот сектор, преработувачката индустрија на трајни добра, а потоа дејностите погодени индиректно од кризата. Според последниот Месечен статистички извештај на ДЗС, од април 2020, најпогодени дејности во вториот квартал од 2020 година се туризмот (речиси преполовен), градежништвото со пад од околу 40% и угостителството со пад од околу 30 %.

Од погоре презентираните податоци произлегува заклучокот дека најбројните (микро компаниите) и најпогодените не се таргетирани соодветно и со овие кусорочни мерки, а во нестабилен деловен амбиент, тешко дека брзо ќе се опорават и дека ќе го задржат бројот на вработените.

„Македонски концепт“ ќе учествува на претстојните парламентарни избори кои станува се поизвесно дека ќе се случат многу брзо. Кои се економските политики за кои ќе се залагате во вашата изборна програма и што мислите за идејата акцент во развојот на економијата да се стави на индустријализацијата?

Ние сметаме дека економските политики на среден и долг рок треба да бидат одржливи за да ја издигнат економијата и благосостојбата во државата. За тоа, првенствено е потребна стабилизација на државата, што ќе значи и предвидливост за носење на деловни одлуки и инвестиции, а потоа да се спроведат вистински и темелни реформи во државата и економијата со ангажман на сето врвно знаење. На Македонија и е потребна економија на чисто пазарна основа и мала и ефикасна државна управа. За тоа да се постигне потребна е целосна либерализација и дерегулација на економијата и на финансискиот пазар, реформи во јавните сервиси, намалување на сивата/црната економија, корупцијата и слично и соодветен третман и поддршка за микро и малите компании (финансиска помош, даночни ослободувања до 3 или 5 години, менторства и слично).

На Македонија не и потребна реиндустријализација, рестартирање на стари, веќе приватизирани индустриски капацитети и истурање на обилна финансиска поддршка, зошто тоа не е светски тренд, не барем во Европа и не е во интерес на најголемиот број македонски граѓани. Македонија мора да остане чиста и здрава средина од која солидно ќе живеат нејзините граѓани, користејќи ги рационално нејзините природни ресурси, а политиките ќе го помагаат земјоделството, туризмот и информатиката како создавачи на доходот.

Ја споменувате либерализацијата на финансискиот пазар, од која граѓаните би имале големи придобивки, но сепак за неа само за зборува, а никако да се случи. Како да дојдете со ослободување на финансискиот пазар?

Ова прашање треба да биде клучно при составувањето на идната влада.   Едноставно, нема напредок на економијата и животниот стандард без функционален финансиски пазар-кој постојано има вишоци на ликвидност, а во сите сектори кусок на ликвидност и стагнација или цената на домашните средства, наспроти странските. Овој пат, ние, деловната заедница и граѓаните треба да ги испорачаме нашите барања и да вршиме политички избор според тоа.

Добро ги познавате јавните финансии но и начинот на функционирање на Министерството за финансии бидејќи бевте државен секретар. Дали Министерството за финансии ја игра вистинската улога во справувањето со актуелната криза?

Жалосно е што во последните неколку години со прекумерното трошење за непродуктивни намени се создаде висок јавен долг, без да се поттикне позначајно растот и што не се остави фискален простор за непредвидени ситуации. Оттука, Министерството за финансии се најде во многу тесна позиција, која ќе се премостува со нови големи и скапи задолжувања, кои повторно ќе лечат само површни рани. Министерката за финансии  треба да работи за јавниот интерес, кој во оваа криза е стабилизација на економијата со правична алокација на расположивите ресурси и сочувавање на стандардот на граѓаните.

Поради кризата уште повеќе расте задолжувањето на државата, а се намалуваат буџетските приходи. Дали може да се најдеме во ситуација државата да не може да ги сервисира редовно своите обврски кон физичките лица и правните субјекти?

Финансиската стабилност во земјата не може и не смее да се наруши, зошто е надгледувана од многу важни надворешни институции и е дел од регионалната стабилност и системи. И не треба да се вознемируваат и плашат граѓаните со тоа. Но, потребно е умно и чесно раководење со државата и финансиите, час поскоро, за да се консолидираат неповолните трендови и состојби. Решенија постојат. Најважно е да се воспостави доверба кон властите, тие тоа да го потврдат на дело, да се овозможи силна економија, а потоа се се решава.

Еден од најголемите проблеми со кои се соочува приватниот сектор во земјава е неефикасна администрација, за која се плаќа висока цена. Актуелната власт најавуваше преземање на вишокот вработени од јавниот сектор во приватниот. Какво е вашето мислење во врска со оваа реформа и кој според вас е вистинскиот пат до професионализација на администрација?

Создавање мала и ефикасна администрација во функција на стопанството и граѓаните е една од најважните реформи што треба веднаш да се спроведе во државава. Проектот на власта за преземање на вишокот вработени од јавниот сектор во приватниот е нејасен и контроверзен. Не е јасно, на пример, дали власта знае каков вишок на вработени сега има во јавниот сектор и/или како тој го утврди. Или на пример, дали е дозволиво тоа да им го наметнува на приватниот сектор? Колку тоа ќе биде одржливо или само гимнастика?

Вистинско решение за ова е воспоставување претприемништво во јавните сервиси, со карактеристики идентични за приватното претприемништво. Допуштање голем дел од јавните сервиси, со утврдени стандарди и надзор, да се вршат од претприемачи, на иновативен и поевтин начин. Ова е тренд кој навлегува во модерните и напредни држави и дава повеќенаменски позитивни ефекти. Ова треба да биде нова шанса за македонските претприемачи да се занимаваат и со ваков тип на дејности и да обликуваат нови форми на јавни сервиси и на тој начин да ја модифицираат државата. Но, за да се спроведе вистински, освен мотивацијата на претприемачите, потребена е силна посветеност на власта што го спроведува и темелна промена на економското опкружување, како и унапредување на образованието, како предуслов за солидно знаење во модерни деловни процеси кои постојано ќе се соочуваат со нови предизвици.

Последен пат изменето на Понеделник, 01 Јуни 2020 14:28