ИНТЕРВЈУ М-р Славе Младеновски: Медијацијата носи голем потенцијал за развој и напредок на бизнисот

Петок, 22 Ноември 2019 08:13 Напишано од  Објавено во НИЗ ПРИЗМА НА БИЗНИСОТ

За секоја компанија од голема важност е спорот што го има да го реши за кратко време, по можност да го добие или штетата да биде помала, а тоа да се постигне со помали трошоци и без публицитет кој би можел да нанесе дополнителна штета. Сето ова може да се постигне со постапка на медијација, вели м-р Славе Младеновски, претседател на Комората на медијатори. Во интервју за „Економист“ тој зборува и за тоа кои спорови може да се решаваат по пат на медијација, за искуството во спорови каде една од страните е државна институција и за тоа каква е правната тежина на спогодбата потпишана како резултат на медијација.

„ЕКОНОМИСТ“: Зошто бизнисменот при спор би ја избрал медијација, а не судска постапка?

МЛАДЕНОВСКИ: За секоја компанија од голема важност е спорот што го има да го реши за кратко време, по можност да го добие или штетата да биде помала. Во постапката на медијација до решение на спорот се доаѓа на тој начин што медијаторот на страните им помага како да дојдат до решение со почитување на сопствените интереси и на заедничко задоволство. Во судска постапка судијата решава која странка е виновна според законот и донесува пресуда. Многу често двете страни не се задоволни со пресудата и постапката продолжува на повисоките судови. Со потпишувањето спогодба во постапка на медијација која е резултат на заедничка работа со помош на медијаторот, исклучена е можноста од жалба и продолжување на постапката. Ова ја прави медијацијата исклучително брза постапка, речиси неспоредлива со постапката што се води во суд за каков и да е вид на спор што е медијабилен. Трошоците за страните во медијација се ниски и медијаторот им ги соопштува пред почетокот на постапката. За одреден вид компании можноста спорот да го решат без присуство на јавноста е дополнителна вредност и придобивка, односно јавноста никогаш не учествува во постапката на медијација, како што е тоа редовна пракса во судската постапка. Ние како Комора во изминатите две и пол години работевме, а така продолжуваме и во наредниот период преку предавања, интервјуа, лични контакти и средби со бизнис заедницата да ја промовираме медијацијата како најголеми потенцијал и услов за бизнисот да се развива, зголемува и напредува. Во колкава мера е напредната медијацијата во споредба со периодот од пред десет години, само како илустрација може да укажеме дека јавноста прави јасна разлика при употреба на зборовите медијација и медитација што не беше пракса во почетокот. Денес може да говориме за над 2000 постапки со медијација за две и пол години и овој број постојано расте. Може да бидете уверени, ако овие постапки започнаа да се решаваат во судска постапка, денес се уште ќе беа не решени, а страните изморени, финансиски исцрпени и лично да не се погледнат и уште помалку да соработуваат.

ЕКОНОМИСТ“: Значи ли ова дека во извесна мера успеавте да ги информирате бизнисмените за значењето на медијацијата?

Младеновски: Да, но има уште многу работа. Ние започнавме да ја реализираме Програмата на промоција на медијацијата и се забележуваат првите резултати. Кај медијаторите се јавуваат исти правни субјекти и бизнисмени по неколку пати за различни видови спорови со други правни субјекти. Тоа говори за воспоставената доверба во медијаторот и за констатираните предности на медијацијата од страна на бизнисмените. Во ова позитивно економско окружување е пожелно бизнис заедницата да знае како на најдобар можен начин да ја користи медијацијата, за да може да го поттикне развојот на компаниите и да го подобри стандардот на вработените. Овде, да потенцирам дека интересот на бизнис заедницата е да се грижи и работните спорови што евентуално би се јавиле, да се решат преку медијација заради натамошни добри колегијални односи со степен на доверба која би гарантирала домаќинско работење, од една страна, и професионално постапување при извршување на работните задачи, од друга страна. Медијаторите можат веднаш да одговорат на секое барање од бизнис заедницата ако тоа ја вклучува медијацијата како постапка, што значи и при трговските и при работните спорови што се едни од поскапите спорови доколку се решаваат преку суд.

ЕКОНОМИСТ“:Потпишавте меморандум за соработка со Академијата на судии и јавни обвинители, што очекувате тоа да донесе?

Младеновски: Тоа го направивме со цел заеднички да работиме на промоција на медијацијата преку предавања, работилници и обуки за потребите на судиите и медијаторите со учество на странски и домашни експерти од оваа област. Потоа заеднички да реализираме проекти што ќе им овозможат на двете институции да ја исполнат својата мисија за која се формирани. Комората во оваа година потпиша неколку Меморандуми за соработка со институции и здруженија на медијатори од земјата и од странство, јасно укажувајќи дека тоа е вистинскиот пат за промоција на медијацијата. Судиите можат да бидат важен фактор во едукација на странките што како лаици треба да донесат одлука за да решат одреден спор. Сепак, секоја проблематика и не е правна во толкава мера колку што може да биде условена од меѓучовечките односи. Поради ова во иднина треба да се посвети поголемо внимание на едукација на судиите за нивната улога во промовирање на начините до пристап до правда, вклучувајќи ја и медијацијата, па затоа сметам дека е неопходна нашата соработка со нив.

ЕКОНОМИСТ“:Новина е и тоа што по пат на медијација сега можете да решавате и случаи во кои страна се државни институции. Какви се првичните искуства?

Младеновски: Комората на медијатори со потпишувањето Меморандум со Владата на С. Македонија и донесувањето заклучок од нејзината страна во јули оваа година во кој им препорачува на државни институции органи и општините да ја применуваат медијацијата секогаш кога ќе значи брзо ефикасно решавање на споровите и без предизвикување трошоци на штета на државниот буџет. Одреден број колеги имаат случаи во кои една од страните во медијација е државни институција, јавно претпријатие или друг државен орган, а станува збор за спорови што се во категоријата стопански и работни. Лично сум убеден дека вработените во јавниот сектор се уште не се доволно запознаени со предностите на медијацијата, од една страна, и надлежните што ги донесуваат одлуките за тоа како ќе го решаваат спорот не сакаат да ја изберат медијацијата затоа што се „плашат“ од непознатото и мислат дека постапката во суд им дава повеќе „сигурност“, од друга страна. Меѓутоа, веднаш да потенцирам, спогодбата постигната во медијација има иста правна важност како и судската одлука ако се солемнизира од нотар. Новина е што спогодбата која би била постигната во меѓународните стопански спорови меѓу субјекти од држави што се потписнички на Сингапурската конвенција за медијација веднаш е извршлива, односно со својство на извршна исправа што е навистина прогресивен чекор во развојот на медијацијата. Спорови што се подобни да се решат со медијација се: граѓански, работни, трговски, семејни, спорови, во образование, во врска со заштитата на животната средина и сл.

ЕКОНОМИСТ“: Кои се условите и критериуми што треба кандидатот за медијатор да ги исполни и да се стекне со лиценца за медијатор? Колку изнаоѓањето решениe во спор во постапка на медијација зависи од вештините на медијаторот?

Младеновски: Медијатор е лице со завршено високо образование, кое има добиено сертификат за завршена обука за медијатор од 70 часа и положил испит за медијатор за што добива лиценца за вршење на медијаторски работи. Страните што решиле спорот да го решаваат со медијација, доброволно го избираат медијаторот од Именикот на медијатори што е објавен на веб страниците на Министерството за правда и на Комората. Вештината на медијаторот се состои во периодот на запознавање на страните со постапката на медијација да им даде колку што е можно повеќе корисни информации. Доаѓањето до спогодба во основа е заедничка работа на сите учесници - страните во спорот и медијаторот. Утврдувањето на значењето на вештините на медијаторот во постигнувањето на спогодбата во постапка на медијација не е однапред дефинирано и е различно од случај до случај. Кога страните покажуваат исклучително позитивен пристап во решавање на спорот, улогата на медијаторот реално е многу мала и од него се очекува само да ја поттикнува таквата соработка меѓу страните. Во ситуација кога страните во спор тешко комуницираат и покрај тоа што доброволно се изјасниле за медијацијата, медијаторот има должност да ги води страните почнувајќи од подобрување на нивната комуникација, потоа да постигне промена во нивните почетни позиции, да ги поттикне да предлагаат опции за решение на спорот до постигнување спогодба. За тоа треба добро и активно да слуша што зборуваат страните и да знае кое прашање да им го постави за да постапката на медијација се одвива објективно неутрално и непристрасно. Медијаторот не смее да предлага решение на едната или на двете страни, не е правен советник ниту застапник, а уште помалку од него се очекува да биде судија.

ЕКОНОМИСТ“: Една од најважните работи во овој процес е тоа што спогодбата до која се дошло преку медијација има правна сила на судска одлука, односно доколку има извршна клаузула може да се реализира преку извршител?

Младеновски: Во постапка на медијација суштината е страните да постигнат договор втемелен врз заеднички интерес, а не да се докажуваат пред медијаторот дека се во право или дека другата страна е виновна. Придобивката од решен спор може да биде кратко време или брзо решение, заштита на угледот Медијацијата завршува со потпишување спогодба чија форма и содржина ја утврдуваат страните врз основа на своите интереси. Страните и медијаторот, ако поинаку не се договориле, можат во кое било време во текот на постапката на медијација да изнесуваат свои предлози за спогодбата со која ќе го решат спорот и да се произнесат по предлозите.Спогодбата ја изготвува медијаторот според насоките што ги добива од учесниците во постапката, а може да ја изготват и странките доколку има согласност за тоа. Кога постапката за медијација се води пред започнување судска постапка, а страните сакаат на спогодбата да и дадат сила на извршна исправа, тогаш спогодбата потпишана од страните ја солемнизира нотар во согласност со закон. Ако медијацијата почнала откако е веќе поднесена тужба за конкретниот спор, спогодбата за да се стекне со својство на извршна исправа, се внесува на судскиот записник во вид на судско порамнување. Секој случај во постапка на медијација не завршува со спогодба за што може да постојат повеќе причини, а наједноставната е дека страните не успеале да го препознаат заедничкиот интерес. Кога страните не потпишуваат спогодба, медијаторот е должен да даде писмена изјава на иницијаторот на постапката дека медијацијата е завршена со цел да може да поведе судска постапка, ако постапката на медијација била со задолжителен обид.

ЕКОНОМИСТ“: Како гледате на можноста, медијацијата да биде корисна за бизнис заедницата во контекст на економската состојба во наредниот период ?

Младеновски: Комората на медијатори е 34 членка во Сојузот на Стопански Комори (ССК) и ова членство значително придонесе да се забележи медијацијата во С. Македонија. Основна определба на Комората е да изгради „мостови“ на доверба и „патеки“ за добра комуникација со институциите. Тоа претставува најважен и неопходен предуслов, но не и доволен за да им помогнеме на граѓаните и на правните субјекти да дојдат до квалитетна информација за медијацијата за да им биде прва мисла при изборот на начинот за решавање на спорот и потпишување спогодба. За оваа активност да ја реализираме во континуитет Комората и ССК потпишаа Договор за соработка и заеднички во рамките на Сојузот го отворивме првиот Центар за медијација во Скопје. Во овој Центар, што претставува официјално место, Комората започна со серија предавања на тема бизнисот и медијацијата за претставниците од јавниот и приватниот сектор, за членките на Сојузот, како и за други заинтересирани субјекти. Отворањето центри за медијација ќе го практикуваме и во други градови со цел да им помогнеме на менаџерите на компаниите, менаџерите во јавните институции во културата, образованието, здравството, јавната администрација, да манифестираат ефективното и ефикасно управување со конфликтите меѓу нивните вработени и корисниците на нивните услуги, клиенти и деловни партнери. Како предавачи ќе бидат ангажирани медијатори од земјата и од странство, потоа универзитетски професори што работат во областа на медијацијата, стопанственици што имале лично искуство и ја негуваат медијацијата како постапка, како и други истакнати личности од различни области, како што се новинари, социолози, психолози, правници и граѓански активисти. Наша цел е, пред сѐ, претставниците од бизнис- секторот да се обратат во Комората со изборот на медијатор, да ја започнат постапката на медијација и својот спор да го решат со потпишување спогодба. Според одредена анализа, соодносот на заштедените време и трошоци меѓу медијација и судски спор е еден спрема десет.

ЕКОНОМИСТ“: Пред Комората се нови 12 месеци во 2020 година. Како натаму и кои се приоритетите?

Младеновски: Поставивме конкретни цели во 2020 година за промоција на медијацијата и активности за нивно реализирање. Лично верувам дека следната година за бизнисот примената на медијацијата во решавањето спорови ќе биде почеток за постигнување повисоки цели и за радикална промена на досегашното однесување кога станува збор за изборот на начинот за решавање спор.

Последен пат изменето на Петок, 22 Ноември 2019 08:30