Роза Алексова: Правната заштита со медијација, есенцијална за градење доверба во бизнисот

Среда, 16 Октомври 2019 07:30 Напишано од  Објавено во НИЗ ПРИЗМА НА БИЗНИСОТ

Еден од позначајните предизвици при договарањето за воспоставување деловна соработка, не е само како ќе се дефинира предметот на договорот или какви права и обврски ќе бидат предвидени за договорните страни, туку и каква правна заштита ќе договорат деловните субјекти за решавањето на евентуалните спорови кои би можеле да произлезат во врска со договорот.

Бизнис партнерите склучуваат договори како потврда на нивната волја и согласност за остварување заемен интерес во одредена област. Крајна цел е целосна реализација на предметот на договарање и остварување интерес кој ќе значи бенефит за секој од деловните субјекти. Сепак, при остварувањето на правата и обврските, за било која од страните може да се појави пречка, проблем, изменети околности или да настане состојба на неможност да се исполни конкретна обврска, или пак обврската неможе да се исполни во рокот кој е договорен со другата договорна страна. Во интервју за Економист, разговараме со Роза Алексова, лиценциран медијалот, Комора на медијатори.

Како да се постапи и кој е најдобриот начин да се превенира ваква состојба која го нарушува комодитетот во бизнисот ?

Алексова: Примената на начелото на слободен пристап до правда, обезбедува можност за користење неколку правни механизми за заштита. Може да се побара правда пред суд, во постапка на медијација, со арбитража или на друг алтернативен начин на решавање спорови.

Во бизнисот, за тужбата е најдобро да се размисли како на последна опција. Зошто? Затоа што, ако е важно да опстои и во иднина бизнис соработката, ако е корисно да се задржи деловниот партнер како соработник, ако е значајно да се заштити брендот или интегритетот на личноста која раководи со деловниот субјект, тогаш е подобро да се одбере правна заштита која ќе значи брзо ефикасно и економично решавање на настанатиот спор.

Судската постапка е строго формална постапка која се спроведува во однапред пропишан тек согласно со закон. Постапката пред судот е двостепена, па ретки се случаите кога не се поднесува жалба против донесена судска пресуда во прв степен, се губи драгоцено време, а не е воопшто за занемарување ниту фактот дека се предизвикуваат и многу повисоки трошоци. Затоа, подобро е да се избегне овој традиционален начин на решавање спорови и наместо во суд, да се користи како правна заштита медијација.

Медијацијата е релативно нов термин, но не е непознат. Всушност се работи за преговарање на две спротивставени страни во спор со посредство на личност од доверба која ќе им помага и ќе ги насочува да постигнат спогодба со која спорот ќе го решат. Личноста од доверба е медијаторот кого страните имаат право и истиот го избираат од лицата наведени во Именикот на медијатори.Тоа е личноста на која ќе и веруваат дека ќе обезбеди стручно и професионално спроведување на медијацијата, со примена на принципите на кои се темели оваа едноставна постапка. Секој од лиценцираните медијатори во Именикот на медијатори, има надлежност да постапува на целата територија на државата, така што воопшто не претставува проблем каде живее или работи медијаторот на кого ќе му се довери посредувањето во решавање на спорен однос. Страните слободно може да се насочат и сконцентрираат на изборот на медијатор единствено според нивниот критериум на личност од доверба која ќе ги води и насочува низ постапката односно личност на која ќе и веруваат дека ќе обезбеди стручно и професионално спроведување на медијацијата, со примена на принципите на кои се темели оваа постапка.

Зошто медијацијата е добро решение за правна заштита на договорните односи?

Алексова: Затоа што медијацијата е многу едноставна, неформална и флексибилна постапка во која страните имаат право да се договараат дури и за начинот како постапката ќе се спроведува, се разбира, со заемна согласност и во договор со медијаторот кого го избрале да посредува во спорот.

Кој може да посредува како медијатор при решавање на спорен однос ?

Алексова: Само лицата кои имаат својство на медијатор, кои се запишани во Именикот на медијатори што го води Комората на медијатори, имаат овластување согласно издадена лиценца за извршување медијаторски работи, да посредуваат при решавање на спорови во медијација.

Линк – Именик на медијатори

Решавањето на спорот со посредство на медијатор, им овозможува на спротивставените страни да постигнат заемно прифатливо и конструктивно решение на спорот подобрувајќи ја притоа и нивната меѓусебна комуникација доколку е прекината или нарушена поради спорот и обновувајќи ги нивните заслабени или прекинати деловни или колегијални односи.

Медијаторот ја гарантира доверливоста на постапката која од самиот почеток, па до завршницата се спроведува во нејавна постапка, а пристапот на медијаторот кон страните инволвирани во спорот обезбедува еднаквост, правичност и рамноправен третман во текот на сите фази во кои се одвива медијацијата.

Кои спорови може да се решаваат со медијација?

tabela_br.1.jpg

Алексова: Медијацијата како начин на алтернативно решавање на споровите,им обезбедува на договорните страни во спор правна заштита според нивните интереси, без било кој од инволвираните во спорот да се почувствува поразено. Ова особено ако се работи за договорен однос кој има значење за идна професионална соработка, за подобрување и одржување на добри пријателски и фер колегијални односи, обновување на деловната соработка итн.

Доколку во договор се предвиди дека евентуален спор ќе се решава со медијација, спорот кој би настанал нема да го решава судија за чиј избор страните немаат влијание, туку истиот ќе се решава во постапка на медијација брзо, ефикасно и доверливо, во одвоени или заеднички средби на преговарање на страните со медијаторот (лицето од доверба) според нивниот пред се личен, а потоа и заемен интерес за решение на спорот

Доколку при подготвување на договор за деловна соработка се употреба медијациска клаузула како правна заштита, стартно договорните страни го започнуваат договорниот однос со зголемен степен на меѓусебна доверба. Имено, уште при воспоставувањето на договорниот однос, страните се откажуваат од инволвирањето на судот и традиционалното решавање спорови на начин што една страна би била победник а друга страна би била поразена.

Предвидување на медијациска клаузула како правна заштита, значи дека бизнис партнерите јасно ставаат на знаење дека постигнале согласност во случај на спор, истиот да го решат со медијација. Во ваков случај судот е стварно ненадлежен да постапува по тужба за истата правна работа меѓу истите субјекти како странки доколку претходно не се направи обид за решавање на спорот во постапка на медијација. Деловните субјекти нема да губат драгоцено време кое би можело да се искористи многу подобро во бизнисот и нема да бидат изложени пред очите на јавноста во поглед на нивните деловни прилики.

Договорната одредба за правна заштита со медијација - медијациската клаузула, правилно треба да гласи :

,,Споровите кои ќе произлезат од овој договор или ќе настанат во врска со договорот, вклучително и споровите за полноважноста на договорот, ќе се решаваат со медијација, согласно одредбите од Законот за медијација,, 

При вака предвидена клаузула за правна заштита, решавањето на спорот се превзема во раце на самите договорни страни, во постапка со која ќе раководи и ќе дава насоки избраниот лиценциран медијатор/и.

Од особено значење е да се спомне дека спогодбата која се постигнува со медијација по однос на правната важност, ќе има иста правна сила како и судската одлука доколку се солемнизира кај нотар и тоа исклучиво по барање на страните доколку предвидат извршна клаузула во медијаторската спогодба.

Решавањето на спорови бара трпение и врвна човечка вредност за подадена рака за ракување кон ,,противникот,, доколку е корисно да се зачувуваат или обноват роднински, бизнис, колегијални, пријателски или меѓусоседски релации за да се негуваат и развиваат во иднина.

 Што ако во договорот кој е склучен не е предвидена медијациска клаузула, а дошло до настанување на спор?

Алексова: И во овој случај, кога изостанува медијациска клаузула при склучувањето на договорот, при настанување на спор, доколку постои волја и интерес на двете договорни страни, постои можност да се спроведе медијација. Начелото за еднаков пристап до правда важи за секого.

Од особена важност е да се напомене и дека ако во договорите се употребува медијациска клаузула, истата правилно треба да се дефинира. Зошто е важно правилно дефинирање на медијациската клаузула? Затоа што, ако е нејасно составена одредбата со медијациска клаузула, може да настанат поинакви правни последици од вистинската намера на договорните страни.

Имено, доколку вистинската намера и волја на договорните страни е евентуалниот спор да го решат со медијација, треба да ги избегнат одредбите со следната содржина :

,,во случај на спор, истиот ќе се реши спогодбено,,

,,во случај на спор, истиот ќе се реши на мирен начин,,

,,во случај на спор, истиот ќе се решава во духот на добрите односи,,

,,во случај на спор истиот ќе се решава спогодбено, а ако не се реши спогодбено, надлежен е Основниот суд во ______ ,,

,,Во случај на спор, надлежен е Основен суд _______ како месно и стварно надлежен суд, откако претходно страните ќе се обидат спорот да го решат на мирен начин,,

,,Во случај на спор, истиот ќе се решава алтернативно, вон судска постапка,, и сл.

Сите погоренаведени и слични примери на одредби за правна заштита треба да се избегнуваат бидејќи не даваат јасна слика за начинот и методот кој треба да се примени за решавање на спорот и може да се толкуваат погрешно, односно може но и немора да се користи посредство на медијатор.

Како што и погоре во текстот е наведено, покрај медијацијата што е само еден од неколкуте методи на алтернативно решавање на споровите, во суштина, постојат и други методи кои значат мирно, спогодбено и компромисно решавање на споровите.

Ако конкретно не се наведе медијациска клаузула како правна заштита, нема услови да се исклучи надлежноста да одлучуваат судовите, за разлика од случаите кога медијацијата и терминолошки е наведена како правна заштита што сама по себе ја исклучува стварната надлежност на судовите бидејќи значи пристап до правда на друг, алтернативен начин, а не преку судска постапка. Законски е дозволено еден конкретен спор да се решава со медијација само за спорови кои се медијабилни.

Во контекст на наведеното, медијациска клаузула како правна заштита за договорни односи може и корисно е да се предвиди при склучување на :

Договори кои се однесуваат на отстапување на побарувања, превземање на долг или пристапување кон долг,

Договор за купопродажба на ствари,освен за договори од кои произлегуваат имотно правни спорови со кои се бара утврдување право на сопственост на недвижност,

Договор за размена на подвижни ствари,

Договор за заем,

Договор за закуп,

Договор за градење,

Договор за превоз на лица или ствари,

Договор за складирање и за шпедиција,

Договор за организирање на патувања,

Договор за ангажирање угостителски капацитети,

Договор за осигурување,

Договор за гаранција,

Договор за кредит и сл.

Од особено значење за користењето на медијацијата во нашата држава е и потпишувањето на Сингапурската конвенција за медијација на 07.Август годинава во Сингапур

Сингапурската конвенција за медијација има огромно значење за државите потписнички особено поради фактот што долгогодишните прекугранични трговски спорови кои ги водеа деловни субјекти од различни држави, сериозно го нарушуваа нивното нормално деловно работење, ја уриваа нивната репутација, и имаа влијание на цените и на градењето на мислењето на потрошувачите. И на внатрешен план во компаниите, водењето долги и скапи меѓународни судски спорови, согледано е дека ја намалува довербата и моралот на вработените,на акционерите и на другите засегнати субјекти.

Со потпишувањето на Сингапурската конвенција за медијација, се овозможи меѓународните трговски спорови  да не ескалираат непотребно и да не предизвикуваат несакани последици по работењето на компаниите, туку да се решаваат со медијација, во нејавна постапка а спогодбата која ќе се постигне да се реализира / изврши без водење скапи и долги судски постапки.

Република Северна Македонија е една од сега веќе 51 земји потписнички на оваа конвенција на ООН.  Со конвенцијата треба да се обезбеди фокус на олеснувањето на решавањето меѓународни трговски спорови по пат на медијација. Истата има за цел да обезбеди извршност на спогодбите постигнати во медијација при решавање на меѓународни трговски спорови.Со тоа, примената на Конвенцијата ќе помогне во унапредувањето на меѓународното право, трговијата и заштита на инвестициите.

Со потпишувањето на Конвенцијата која обезбедува извршност на медијаторските спогодби постигнати во меѓународните трговски спорови, се отвараат нови перспективи и се создава моќен правен инструмент кој не само што ќе помогне во заштитата и сигурноста на бизнисите и инвестициите, туку ќе влијае директно и на зголемена примена на медијацијата.

Последен пат изменето на Вторник, 05 Ноември 2019 19:52