Субвенциите не се тресат од ракав, туку се даваат според строго контролирани правила и услови. Земјоделците мора конечно да сфатат дека овие пари, чиј обем воопшто не е за потценување, се за реинвестиција, за осовременување и развој на стопанствата, порачува директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, во интервју за МИА.

Земјава има најевтина туристичка такса во регионот, но и таа не се плаќа. Туристичка инспекција не постои, сè уште немаме воведено и можеби во овој сегмент сме последни на Балканот. Според бугарската статистика, лани нè посетиле околу 350.000 Бугари, а ние сме успеале да „изброиме“ само 70.000 – 80.000. Моделот на субвенционирање десет години не е сменет иако одамна не го дава посакуваниот ефект. Мора еднаш да се соочиме со фактите, да ги кажеме и да почнеме да ги решаваме работите. Мора, конечно, максимално сериозно да сфатиме дека туризмот е исклучително моќна алатка за развој на државата, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски во интервју за МИА.

Владеењето на правото, интензивна борба со сивата економија и подобрување на деловното опкружување се само дел од мерките за кои се залагаат бизнисмените кои се дел од Сојузот на стопански комори. Како што вели за весникот ВЕЧЕР, Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на почетокот на 2019 година комората доставила седум приоритети од приватниот сектор за подобрување на деловното опкружување и постигнување економски раст, поддржано со 78 економски мерки.

За секоја компанија од голема важност е спорот што го има да го реши за кратко време, по можност да го добие или штетата да биде помала, а тоа да се постигне со помали трошоци и без публицитет кој би можел да нанесе дополнителна штета. Сето ова може да се постигне со постапка на медијација, вели м-р Славе Младеновски, претседател на Комората на медијатори. Во интервју за „Економист“ тој зборува и за тоа кои спорови може да се решаваат по пат на медијација, за искуството во спорови каде една од страните е државна институција и за тоа каква е правната тежина на спогодбата потпишана како резултат на медијација.

Александра Андреева има само 29 години, а веќе во Велес успеала да застане на стабилни нозе сопствено сметководствено биро. Насмеана и позитивна вели дека не е лесно, но сепак успеала да се избори за место под сонцето и засега од она што го работи може пристојно да живее. За „Економист“ таа раскажува како од матурантка во јазична гимназија се развила во одличен сметководител и како од работата во домашни услови направила фирма со одлично реноме. Интересно за оваа млада претприемачка е и тоа што на своите вработени им го остварила работничкиот сон кој и светските компании уште го тестираат, да работат со скратено работно време, односно дома да со одат час и половина порано.

Еден од позначајните предизвици при договарањето за воспоставување деловна соработка, не е само како ќе се дефинира предметот на договорот или какви права и обврски ќе бидат предвидени за договорните страни, туку и каква правна заштита ќе договорат деловните субјекти за решавањето на евентуалните спорови кои би можеле да произлезат во врска со договорот.

Сметководството и неговото значење како професија во развојот на економијата на една земја е од непроценливa важност. Сметководството е основа за изготвување на финансиските извештаи за компаниите  и познато ни е на сите од каква важност се сметководствените извештаии и тоа како за корисниците на услугите така и за општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Во интервју за Економист.мк, Благоја Грозданов, истакнат сметководител, член на Надзорен одбор на Институтот за сметководители и овластени сметковдители (ИСОС) зборува за состојбата во професијата, предизвиците и можностите за напредок на оваа значајна дејност. Вели дека неопходно е да се воспостави ред во фелата,во спортивно податоците од финансиските извештаи ќе се со низок квалитет, ќе следи даночна евазија, сивата економија ќе цвета и за кусо време никој нема да сака да врши сметководствени работи поради дисбалансот на одговорностите и обврските од една страна и наградите од друга страна.

Економист:  Можете ли да ни појасните кои се задачите и функциите на Институтот?

Грозданов: ИСОС е создаден согласно ЗВСР, со главна цел унапредување на професијата и заштита на интересите на оние кои својата егзистенција ја обезбедуваат вршејќи сметководствени работи. Институтот има законски пропишани обврски но сметам дека убедливо најважните цели на ИСОС мора да се заштита на интересите на сметководителите, унапредување на професијата и подобрување на состојбата на сметководителите во рамки на нашето општество.

Бидејќи со носењето на ЗВСР конечно се озакони оваа професија која има екстремно големо значење за државата, ИСОС треба да делува и во насока на искоренување на сивата економија во дејноста, така што само оние колеги кои ги исполнуваат законски пропишаните услови за вршење на дејноста ќе може истата да работат.

Економист: Сметководителите несомнено се значајна алка која ги поврзуваат деловниот сектор со банките и државните институции. Задоволни ли сте од позицијата која сметководството како професија ја има денес?

Грозданов: Апсолутно не. Сметководството е нервниот систем на една економија а професионалците кои секојдневно ја вршат оваа работа се во крајно подредена позиција во споредба со колегите од низа други интелектуални дејности: ревизори, проценители, адвокати, вешти лица, нотари и сл.

Потребно е да се преземат низа мерки од страна на надлежните институции за подобрување на состојбите во фелата. Во пракса постои една крајна неизбалансираност измеѓу наметнатите обврски на професијата кои делумно потекнуваат директно од одредени законски решенија, а делумно од практичната примена на законски одредби и правата кои професијата ги има и заштитата која ја добива од оние кои се најголеми корисници на податоците од сметководствените извештаи.

Еден просечен сметководител во својата работна недела ќе мора да изврши низа наметнати обврски со кои веројатно ќе дојде во контакт или ќе треба да состави извештаи за централниот регистар, управата за јавни приходи, државниот завод за статистика, народната банка, агенцијата за вработување, фондот за здравствено осигурување, комерцијалните банки и сл.

На сите овие наметната обврски мора да се стави контратежа, односно да се постигне баланс меѓу правата и обврските. Сите институции кои се крајни корисници на извештаи кои очекуваат да ги добијат од сметководителите мора да ја препознаат важноста на професијата и заедно да работат на нејзина заштита и издигање.

Во спротивно ќе се соочиме со реалноста на ситуацијата многу брзо. Без ред во фелата податоците од финансиските извештаи ќе се со низок квалитет, даночната евазија голема, сивата економија ќе цвета и за кусо време никој нема да сака да врши сметководствени работи поради дисбалансот на одговорностите и обврските од една страна и наградите од друга страна. Всушност, набрзо оваа професија која демографски гледано и онака е „стара“ ќе стане дефицитарна. Онака како што сега се одвиваат работите, не познавам млад човек кој би сакал да ја работи оваа работа.

Економист: Каде го лоцирате проблемот за нефункционалноста на Институтот и гледате ли излезе од моменталната состојба?

Грозданов: Преку воведувањето на регистрите на сметководители, овластени сметководители, трговци поединци и трговски друштва кои вршат сметководствени работи ИСОС треба да се бори и против сивата економија во дејноста.

Но за тоа да се случи ИСОС мора да е функционален и да располага и со механизми за борба против сивата економија во дејноста. Сметам дека едноставно водење на регистри на вршители на сметководствени работи не е доволно. Потребен е контролен механизам при финансиското известување, односно поднесувањето на годишните сметки и финансиските извештаи кој ќе осигура дека само лиценцираните сметководители кои се впишани во соодветните регистри смеат да ги доставуваат овие извештаи до надлежните институции.

За да се преземат оперативни мерки и да се зачекори кон воспоставување на ваквите механизми неопходен е функционален ИСОС со управи органи кои работат во насока на заштита на интересите на фелата а не во насока на промоција на лични интереси. Во моментов сме во една апсурдна ситуација во која управните органи кои се отповикани од членството не може да бидат заменети во пракса се додека не се добие писмено позитивно мислење од страна на министерство за финансии согласно со Законот.

Сметам дека главниот проблем е токсичниот микс од државниот интервенционализам кој е застапен во Законот за вршење на сметководствени работи и комплетното отсуство на волја за комуникација на надлежните институции со ИСОС.

ИСОС на крајот на денот е граѓанско здружение формирано со Закон и како и кај секое здружение треба да се раководи од интересите на членството. Надзорната функција која Министерството за финансии согласно Законот ја има во поглед на функционирањето на ИСОС треба да е само во доменот на проверка на исправноста на спроведените постапки за избор на членовите на органите на ИСОС а не и во доменот на изборот на лицата кои треба да ги иполнуваат тие функции.

Во моментов министерството за финансии е глуво и немо за барањата на фелата и се однесува како ИСОС и законското решение за регулирање на фелата кое потекнува токму од министерството да не постојат. Ваквиот однос е крајно деструктивен и на штета на професијата и целата држава. Навистина не ми е јасно како државата не го препознава нејзиниот интерес за поставување на ред во фелата кога во пракса освен финансиското известување, на товар на работата на сметководителите паѓа и спроведувањето на даночните политики, подготовката на даночните извештаи и даночните пресметки преку кои се полни и државната каса.

Економист: Во собраниска процедура е нов Закон за вршење на сметководствени работи кој предизвика бурни реакции кај сметководителите на јавна расправа во Собрание за нетранспарентност при негово изготвување. Каде го лоцирате проблемот?

Грозданов: Постоечкиот Закон за вршење на сметководствени работи е законско решение со низа недостатоци. Вистинска умешност е да се состави предлог со драстично полоши решенија од актуелниот Закон, но ете, надлежните со последниот предлог за кој се дискутираше на јавната расправа успеаа и во тоа.

Конкретно, со предлогот се промовира уште полош однос измеѓу правата и обврските на сметководителите и дополнително се поткопува и онака слабата позиција на сметководителите во економскиот систем со измислување на нечуено деградирачка законска категорија на „лице без лиценца кое може да врши сметководствени работи“.

Но главниот проблем го лоцирам на повисоко, генерално ниво: отсуството на волја за комуникација на законодавецот со професијата. Оние кои секојдневно ја работата оваа работа треба да се најзапрашани во постапката за носење на било какви промени во регулацијата на фелата. Ќе дадам едноставен пример. Фелата веќе години наназад бара акт за дефинирање на минимален надомест на трошоци за вршење на сметководствени услуги. Наместо идеи за решение на проблемот кој фелата го има одамна констатирано а кој би помогна да се искорени сивата економија во дејноста и кој би го подобрил квалитетот на дадените услуги на доброто на целото стопанство од надлежните доаѓа само молк.

Имајќи го сето ова на ум, за жал морам да констатирам дека „климата“ во која новопредложеното законско решение стаса до јавна расправа беше крајно неповолна. Целата постапка беше ужасно нетранспарентна и не вклучуваше механизам за feedback и затоа воопшто не ме чуди што законот не продолжи во собраниска процедура. Всушност тоа беше и најдобриот исход бидејќи кое било решение кое би се донело без да помине низ филтрите на јавните дебати и расправи низ еден подолг период од минимум година – две ќе значи само чекор назад и дополнително изгубено време за професијата.

Економист: Верувате ли дека ќе се подобри позицијата на сметководствената професија во државата и кои сметате дека треба да се идните чекори?

Грозданов: Краткорочно гледано според мене од клучно значење е деблокада на ИСОС и избор на нов УО кој конечно би почнал да работи во интерес на фелата, би воспоставил редовна комуникација со институциите кои се корисници на сметководствените извештаи во насока на заштита на интересите на колегите а не во насока на измислување на нови обврски, би спровел тековни активности како на пример организација на избор за дополнување на Собранието на ИСОС и што е најважно би ја вратил довербата на сметководителите во институциите!

Доколку ова се случи верувам дека брзо ќе ја преминеме фазата на „детски болести“ и ќе продолжиме кон градење на угледна и респектабилна професија.

Во пресрет на претстојниот Форум „Механизми за елиминација на сивата економија, имплементација и очекувани резултати“ во рамки на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ кој ќе се одржи на 16 мај во х. Александар Палас, Скопје,  БизнисРегулатува.мк направи интервју со Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, кои се организатори на Форумот во партнерство со коморите во проектот. На Форумот на високо ниво ќе учествуваат домашни и странски експерти, министри, директори на институции, наука, деловна заедница, кои ќе ги детектираат најголемите предизвици на компаниите во борбата со сивата економија, ќе понудат решенија за нејзино сузбивање, а ќе бидат презентирани и ефектите за стопанството и државата од намалување на сивата економија и ставање на нерегистираните субјекти во системот на држава.

БизнисРегулатива: Каква е моменталната состојба со сивата економија во земјава? Каков е трендот?

Арсовска: Сузбивање на неформалната економија во земјава која изнесува над 30 проценти од севкупната економија е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент и работа под еднакви и фер услови за сите субјекти во приватниот сектор. Со моменталните состојби на удар се особено малите и средни претпријатија кои како двигател на македонската економија сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во бруто домашниот производ. Во анализите на Сојузот на стопански комори на Македонија кој застапува над 20.000 членови од сите сектори, заедничко е континуираното барање за координирана акција со цел справување со еден од најголемите предизвици за стопанството, сивата економија. Особено е критично да се обезбеди механизам за справување со оние кои работат во неформалната зона со милионски профити, производители, трговците на стоки и услуги кои заработуваат големи суми, не плаќајки ниту денар во буџетот. За регистрирани компании ова е погубно, бидејќи тешко се справуваат со притисокот поради тоа што нерегистрираните субјекти имаат поконкурентни производи и услуги, а со кои  им превземаат се поголем дел од потрошувачите.

БизнисРегулатива: Кои се последиците од растечката сива економија во земјава?

Арсовска: Според анализите од анкетите на Сојузот на стопански комори на Македонија, вршителите на дејност кои работат без формално регистрирање на својата дејност т.е без фирма, се повеќе од 50% поконкурентни на пазарот од регистрираните фирми, поради тоа што не допринесуваат со обврска за плаќање на ДДВ, придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци им се многу пониски бидејќи не плаќаат по индустриска тарифа, со што не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот кои се значително пониски, цени кои регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење.

БизнисРегулатива: Што би требало да се направи за да се промени сегашната состојба?

Арсовска: Водени од моменталниот деловен амбиент во земјава во услови на најави на регистрирани субјекти за прибегнување во неформалната зона, неопходно е да се релаксираат субјектите кои регистрирано работат од инспекциски надзори со цел намалување на трендот кон тивок премин во сивата зона.  Потребна е здружена акција и искористување на соодветните механизми,  со цел менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде нема контроли и казни.Во спротивно и оние кои работат во согласност со законите и плаќаат даноци, тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона. 

Механизми за надминување на оваа состојба со волја и акција на инспекциските служби е отпочнување  со континуирано делување по пријави за нерегистрирани субјекти но и јавно истакнување на оние кои ќе добијат глоба за истото, бидејќи не само што нивното изигрување на прописите претставува затајување на данок, туку е и дестимул за сите кои сакаат да работат почитувајќи ги законите.

Предложените иницијални чекори за справување со сивата економија се неопходни за демонстрирање на јасна волја дека ќе има последици за оние кои работат нерегистрирано, а не како во моментов кога на удар се само регистрираните фирми.

Прво имплементација во пракса на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона. Отпочнување на постапка за трансформација на неформалните активности во формални, поточно доброволна регистрација во прва фаза на контроли за оние кои нерегистрирано работат, а со тоа и нивен влез во системот на обврски.  Во втората фаза, доколку во првата субјектите одбијат да се регистрираат и не престанат да вршат дејност во сива зона,  да се применат репресивни мерки со изрекување на значителни глоби и кривични санкции, со што би се обиделе институциите да ги спречат нелегалните текови на пари.

Единствено со функционален механизам може да се справиме со сивата економија, бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат, со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели пазарниот систем. Само со  итно справување со оваа појава која е присутна во сите сектори на стопанството може да очекуваме одржлив и континуиран економски раст, повисок животен стандард и поволно деловно окружување.

Неопходна е потребата од јакнење на свеста дека сивата економија е штетна за сите граѓани. Тешко е во услови на сиромаштија да се спречи оваа појава, но нејзиното намалување ќе го зголеми обемот на работа кај оние кои работат и плаќаат данок, а со тоа и ќе придонесе за природно општо намалување на продажните цени.

Оние кои ги избегнуваат своите даночни обврски, ги оштетуваат сите граѓани и се неправедни спрема сите оние даночни обврзници кои работат законски.  Сивата економија ја поткопува конкурентноста на компаниите и интегритетот на целиот наш даночен систем.

БизнисРегулатива: Што ќе се дискутира и кои пораки очекувате да произлезат од Форумите следна недела?

Арсовска: На Форумот во присуство на деловната заедница ќе бидат детектирани клучните предизвици на стопанството во борбата со неформалниот сектор. Битно е да се отвори дискусија за овој проблем кој е присутен во сите сектори на стопанството и институциите да отпочнат со конкретни чекори за справување со сивата економија, бидејќи тие се носители на механизмите за справување со овој проблем кој е се поголем. Сивата економија не може да се сузбие, но може во голема мера да се намали. Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55, 5% или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4%, Хрватска со 48,2%, Албанија со 40,2%, Србија со 37,5% и Словенија со 26,5%. Сојузот на стопански комори оваа проблематика неколку години наназад ја актуелизира и повикува на заедничка акција со надлежните институции  за регистрација на нерегистрираните субјекти или употреба на репресивни механизми за нивно сузбивање како би се намалила штетата на компаниите кои регистрирано работат но и на националниот буџет. 

Деловната заедницата постојано укажува на проблеми во примена на Законот за работни односи во насока на подобрување на деловната клима. Во тек е подготовка на нов закон. Со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска разговаравме за новиот закон за работни односи кој се уште е во работна верзија, за Законот за пратиканство и можностите кои ги нуди и за компаниите и за младите луѓе, како и за формите на поддршка на младинското вработување во земјава

-     Министерке Царовска, за почеток може ли да ни кажете кои се клучните новини во новиот закон за работни односи, за кој многу се заинтересирани компаниите?

Царовска: Новиот предлог закон за работни односи е во фаза на подготовка и истиот ќе се сподели со сите стопански комори. Тие ќе треба сите забелешки да го достават до работната група и нема да има никаков проблем да ги интегрираме оние што се прифатливи.

Забелешките можат да се достават веднаш или после првиот драфт, кој ќе биде јавно достапен и ќе има период на јавна дебата.

-       Законот за практикантство е во завршна фаза. Кои се клучните новини и придобивки од овој закон?

Царовска: Законот за практикантство е во Собранието. Како што знаете беше подготвен во соработка со четирите стопански комори вклучени во проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“  и сметам дека е многу добар закон, затоа што конечно ќе даде основа младите да се стекнат со потребното искуство и практично знаење и ќе се зголеми нивната вработливост.

Законот помина на Влада и сега е во Собрание, поминати се одредени комисии, усогласени се и опозиција и позиција по однос на овој закон и очекувам многу бргу Собранието да го усвои.

Во нашата држава за прв пат се носи ваков закон и клучната придобивка ќе биде стекнување на практично искуство и знаење. Секое младо лице по завршување на средно или основно образование ќе може да ги добие овие вештини и да стане повработливо. Законот предвидува воведување на менторска програма, што значи дека точно ќе се знае за која работна задача се оспособува едно лице и во во следната фирма во која што ќе аплицира за работа ќе може тоа да го покаже како доказ. Ќе има верификација за истото и потпис од ментор. Со тоа фирмите ќе можат да си обучуваат кадар за сопствени потреби,а од другата страна и помагаат на целата економија да имаме поостручен кадар. 

-       Дали ова се надоврзува на практикантството кое го имаме кај високото образование?

Царовска: Не, тоа е различно. Практикантството кое го предвидува овој Закон и праксата во образование се два различни процеси. Тие не се косат еден со друг, туку се надополнуваат. Праксата која е задолжителна, особено за некои струки во средно и во високообразование е една работа, додека ова е пракса по завршување и комплетирање на образованието со која ќе се добијатдополнителни компетенции и практични  вештини.

Во моментов практикантсвото е активна мерка за вработување, но фирмите можат да ангажираат практикант само преку Оперативниот план за вработување. Во спротивно, ако инспекцијата затекне практикант кој нема регулиран работен однос во една фирма (а немате право да го наречете практикант), тогаш тоа се смета за непријавено лице. Во таква ситуација државниот инспекторат за труд ќе изрече казна. Со новиот Закон ја менуваме оваа ситуација и воведуваме можност за практиканство кое би траело најмногу шест месеци.

Интервјуто во целина може да го погледнете на порталот БизнисРегулатива на следниот линк.

Со поддршка на г.  Едуард Мурицки, заменик министер за индустрија и трговија на Република Чешка и Н.Е Мирослав Томан, амбасадор на Република Чешка,  претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска и претседателот на Конфедерацијата на индустрија на Чешка, Јарослав Ханак,  потпишаа Меморандум за зацврстување на деловните релации меѓу двете земји како и зголемување на трговската размена. Двете земји имаат долга традиција на соработка, а фокусот за интензивирање на истата го гледаат во инфраструктура, автомобилската индустрија, индустрија за управување со отпад и со отпадни води, како и за заштита на животната средина.

Компаниите од двете држави покажаа голем интерес за зголемување на соработката. Кои сектори би сметале дека имаат најголем потенцијал за соработка?

Јарослав Ханак: Чешката Република има долга традиција на историски, економски и културни врски со Северна Република Македонија и земјите од поранешна Југославија. Нашите трговски врски имаат историја која датира од времето на поранешната Чехословачка. Традиционалните чешки брендови се добро ценети и двете земји отсекогаш  имале вредни деловни партнери. Високиот економски потенцијал ќе биде дополнително зајакнат со планираното пристапување кон Европската унија. Исто така, дел од основните приоритети на надворешната политика е поддршка на Северна Македонија за влез во ЕУ, со што ќе биде значаен фактор во регионот. Северна Македонија постигна голем напредок во реформирањето на нејзината економија во последната деценија. Поединечните поглавја на Спогодбата за пристапување кон ЕУ се со фокус на економијата, индустријата, модернизација на енергетскиот пазар со обновување на постојните и изградба на нови енергетски единици, како и заштита на животната средина, која е запуштена со години. Дополнително, недостатокот од искуства за вмрежување и инсталација на канализациски колектори од сите големини е одлична можност за чешките компании кои ги имаат потребните современи технологии и стекнатите искуства да се вклопат во исполнувањето на програмите за заштита на животната средина. Не помалку важни се секторите: земјоделството, транспортната инфраструктура и многу други.

Данела Арсовска: Главни сектори каде компаниите од двете земји детектираа потенцијал за соработка се инфраструктура, автомобилска индустрија, градежништво, земјоделство со посебен акцент на прехранбената индустрија, како и можности за реализација на проекти за управување со водни ресурси, индустрија за отпад, еколошки заштитни технологии. Веруваме дека потпишаниот Меморандум дополнително ќе ги зацврсти трговските врски меѓу двете земји и ќе отвори нови можности за соработка на компаниите, преку заеднички вложувања, директни партнерства, како и настапи на трети пазари.

Традиционално пријателските односи делуваат на зголемување на трговските и економските односи. Дали чешките компании изразија интерес за инвестирање?

Јарослав Ханак:Силен импулс за натамошно продлабочување на меѓусебните односи е заедничката мешовита економска комисија која активно ќе ги координира конкретни проекти за развој на меѓусебните економски односи. Ја поздравуваме поддршката на двете Влади за нашите извозници и деловната заедница. Важноста на пазарот за земјите од Западен Балкан за чешката економија расте секоја година. Особено во последните три години се забележува динамичен развој во меѓусебните деловни односи. Членовите на чешката делегација имаат богато искуство и вредно знаење. Тие претставуваат компании во областа на управување со отпадни води, заштита на животната средина, инженеринг, енергија, транспорт и транспортна технологија, инфраструктура, електротехниката, преработка на храна, вработување, консалтинг, банкарство и финансиски услуги, недвижности како и многу други. Претставниците на Чешката Експорт-банка, исто така се дел од нашата делегација. Силно верувам дека оваа бизнис мисија ќе придонесе за понатамошно зајакнување на нашите трговски партнерства на двете земји и ќе резултира со зголемување на меѓусебната трговија во иднина.

 Данела Арсовска:  Трговската размена меѓу двете земји е во континуитет во нагорна линија во последната година со зголемување од 15 %,со потенцијал за унапредување на соработка во насока на намалување на разликите во размената. Во исто време, на економски план за натамошен развој на соработката меѓу двете земји, ќе отпочнеме со интензивирање на деловните партнерства и промовирање на секторите со висок потенцијал за остварување успех на билатерално ниво. Компаниите од Чешка се заинтересирани за соработка со домашните компании и веруваме дека потенцијалот кој треба да се искористи е особено во делот на енергетиката, како и управување со отпадни води, а во насока на унапредување на животната средина како една од најзначајните области со неискористен потенцијал за раст.

Конфедерацијата на индустријата на Чешка и Сојузот на стопански комори на Македонија, се многу активни на меѓународно ниво. Покрај заложбите за заедничка соработка, кои се најзначајните достигнувања на меѓународно ниво?

Јарослав Ханак:Конфедерацијата на индустрија ја поттикнува мрежата на меѓународни контакти, од кои што следат голем број на успешни партнерства. Ние сме горди членови на Европската конфедерација на бизниси  во Брисел, каде што имаме постојан претставник, дополнително сме еден од најсилните гласови на земјите од Централна и Источна Европа во организација. Често соработуваме со нашите регионални партнери, на пример со состаноци со шефовите на Германската BDI или Федерација на Германската Индустрија. Исто така, постои редовна форма на средби и соработка на Централно Европската Бизнис конфедерација, кој ги вклучува Чешка, Словачка, Унгарија, Австрија, Словенија и Хрватска - повеќе или помалку области на поранешната Австро-Унгарија. Оваа соработка и координација е особено корисна во ЕУ, но дополнително  имаме многу силна експертиза на пазарите надвор од Европската Унија. Редовно организираме деловни средби со високи  претставници на земјата на сите континенти и можеби најважно ние сме членови на BIAC - Бизнис на ОЕЦД, како многу важна организација со влијателна платформа.

Данела Арсовска: На меѓународен план Сојузот е особено активен последните неколку години. Круна на заложбите за интернационализација на компаниите е  назначувањето во раководството на Генералниот Совет на Светската Коморска Федерација (World Chambers Federation) со седиште во Париз  и веруваме дека со овој голем успех ќе дадеме максимални заложби за  позиционирање на нашата земја како центар за влез на нови инвестиции во земјата и регионот, за градење на сигурни партнерства за домашните стопанственици со цел зголемување на извозот. Дополнително ни се отвора пристап до информации од прва рака за светските економски случувања со нашето учество во Организацијата на Обединети Нации – ООН, Г20, Светската Трговска Организација, како и Европската Банка за обнова и развој. Важна во овој момент е и нашата посветеност на унапредување на соработката со Република Чешка со која цел и го потпишавме овој меморандум.

 

Додека домашните компании се борат со ликвидноста, со давачките, со доцнењето во наплатата - економскиот систем го јаде сивата економија. Данела Арсовска претседател на Сојузот на стопански комори во разговор за Фактор отворено зборува за клучните проблеми со кои сега се соочуваат домашните бизнисмени. Вели дека даночните промени сега најмногу ги погодуваат не само лицата кои имаат повисоки примања туку и бизнисмените кои закупуваат деловен простор од физички лица, но и земјоделците. Арсовска очекува позтивни изгледи поради ЕУ и НАТО интеграциите, но спомена и дека некои македонски компании почнале да најавуваат селење на бизнисот во земјите од регионот. Ја прашав прво за политичкиот контекст и очекувањата по раздвижувањето на политички план.

Арсовска: Од аспект на бизнисот безбедносниот момент е важен, но исто така, важно е за луѓето да почувствуваат сигурност во системот. Иако се најавува дека е извесен влезот во Европската унија, тоа нема да се случи наскоро односно согласно изјавите, до 2025 година. На национално ниво неопходно е квалитетно спроведување на неопходните структурни реформи, особено економските реформи иако и останатите имаат значајно влијание на целиот систем како целина. Потребни се реформи во спроведување на владеењето на правото, во борбата со справување со корупцијата, како и во судските инстанци во делот на стопанските спорови бидејќи на приватниот сектор, но и воопшто граѓаните им е потребно да се зголеми вербата во правниот систем.

Оној безбедносен аспект кој го носи најавата за северноатланските интеграции може да биде придобивка меѓутоа е само еден сегмент на тоа што следи, а за интеграција потребна е национална консолидација за квалитетно спроведување на неопходните национални структурни реформи. Ние во континуитет се хармонизираме со законодавството, но во практика истото тешко се имплементира во пракса бидејќи општеството и свесноста не се приспобени на овие брзи транзиции кон системот на европската легислатива. Препораките се законите да не се носат во скратени постапки, а тоа е нешто што и ние конкретно постојано го апелираме. Неопходно е во драфтирањето односно во изготвувањето на регулативата да бидат почитувани оние приниципи кои важат и во самата ЕУ, а тоа е сите засегнати страни да бидат конслултирани додека се подготвува законот и драфтирањето кое треба да е со широка јавна расправа да трае од шест до девет месеци како би се постигнало изготвување на квалитетно и прилагодено решение. Доколку се почитува тој принцип во носењето нова регулатива, нема подоцна да се соочуваме со проблем во нејзината имплементација. Кај нас тоа често не е случај и затоа во имплементацијата се соочуваме со проблеми.

Политиката многу влијаеше, ама секако важно ви е што има барем некаква извесност или?

Арсовска: Изгледите се позитивни, но ние во континуитет постојано сме во политичка неизвесност. На приватниот сектор, позитивните сигнали му се важни, иако уште поважно е тоа да се рефлектира во практика како и ветувањата доследно да се исполнуваат. Постојано укажуваме дека мора веднаш да се отпочне со остварување на неопходните мерки за раст на стопанството, компаниите се во грч, не инвестираат иако имаат желба за тоа. Фокусирани се на завршување на оние проекти кои им се отпочнати со минимални инвестиции, не сакаат да ризикуваат со големи средства, затоа што големиот ризик може да донесе и голема загуба.

 

 

Во каква кондиција е сега бизнис секторот? Како работат македонските стопанственици?

Арсовска: Домашните компании се борат со ликвидноста. Тие го плаќаат данокот од кризата која ја имавме во последните години. Растот кој го имавме се спушти на ниво кое не е задоволително. Целиме кон некој иден раст и се најавува дека 2019 ќе биде економска година, но дали ќе биде така не можеме да предвидиме затоа што не сме сигурни какви ќе бидат состојбите во целокупното општество. Се најавуваа и предвремени парламентарни избори, знаеме дека ќе има претседателски избори. Кога има кампањи, неизбежно е чинителите во општеството да се фокусирани на своите кампањи и на своите кандидати, а не толку на остварување на целите кои ни се најпотребни за раст. Постојат реални предизвици кои доколку не се адресираат сега, може и оваа година да ја поминеме во стагнација, а се зависи од првите два квартали од кои првиот тече. За економска стабилност, потребна ни е политичка стабилност и да се покаже волја, да се намали поларизацијата меѓу политичките чинители, бидејќи на крајот како ќе се води националната економија доколку нема развиено национално стопанство.

Рековте ликвидноста, но со кои други проблеми се соочува стопанството?

Арсовска: Најголемиот проблем е сивата економија со која приватниот сектор се бори контиуирано. Компаниите сметаат дека недоволно брзо се адресира овој проблем, кој можеби и дополнително ќе се продлабочи со промените во персоналниот данок на доход. Сивата економија е една зона во која нерегистрирани субјекти функционираат и немаат никаков страв дека ќе имаат какви било последици од нивното работење. За нив нема инспекциски служби, нема наплата на индустриска струја и високи индустриски трошоци, не плаќаат никакви даноци. Таа е сигурна зона, во која се работи без правила и нема одговарност за тоа. Според наши анализи, но и согласно бројките на меѓународните финансиски институции, над 30 отсто од вкупната економија е во сива зона што е поразителен факт. Кога компаниите се соочуваат со нелојална конкуренција која е 50 проценти поконкурентна на пазарот и работи во сивата зона, нормално дека тие се борат на секој начин за да ги покријат трошоците и обездедат егсистенција. Ситуацијата во малите и средни претпријатија е особено алармантна.

Владата очекува раст на БДП преку раст на платите и стимулирање на приватната потрошувачка. Минималната плата еднаш порасна а се најавува и ново законско зголемување. Има ли некоја опасност во овој концепт?

Арсовска: Потребно е да се погледне структурата на самата економија и сите услови на кои нашата економија функционира. Моментот сега не е погоден, македонската економија е кршлива, приватниот сектор се бори со недостаток на специфична квалификувана работна сила, со сивата економија, со одржување на ликвидноста, со наплатата, а во состојба на политички превирања. Постои нестабилна економска состојба во која не е вистинскиот момент да се прават реформи во оваа насока, особено не во промена на Законот за минимална плата затоа што тоа ќе има повеќе негативни отколку позитивни последици како што и беше истакнато во најновите извештаи на ММФ. Нашиот став, принципиелно е дека платите треба да бидат повисоки, но да имаме национална стартегија која треба да има зацртани цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, за обезбедување стабилен пласман на македонски производи, зголемување на бројот на компании кои извезуваат. Откако сето тоа ќе се постигне платите природно ќе пораснат, но да се наметнува вештачко зголемување на платите во услови на непродуктивност само ќе го зголеми преминувањето во неформалниот сектор. Тоа го покажуваат и анализите на меѓународните финансиски институции, според кои доколку се прибегне кон зголемување на минимална плата голема е веројатноста дека ќе се зголеми работата на црно. Во моментов имаме над 20 проценти стапка на невработеност, што е на историски најниско ниво, но бројот на млади луѓе кои се невработени е над 48 отсто и тоа е една поразителна бројка. Со зголемувањето на минималната плата се таргетираат трудоинтензивните дејности кои често немаат можност да поделат повисока плата затоа што тие дејности имаат голем обрт, но мала заработка и таму трошоците за плати се голема ставка во вкупните трошоци, бидејќи самата бројност на вработени лица им е неопходна за вршењето на дејноста. Можеби поголем ефект ќе има, во соработка со институциите да им се обезбеди поголем и сигурен пласман или дури поддршка за брендирање и промоција на производите кои би ги пласирале на странските пазари. На овој начин би се нема да има потреба од вештачко покачување во форма на законско решение, и би се овозможило природно да се зголемат платите, како состојба која ќе биде оддржлива подолгорочно.

 

 

Правилно ли е социјално тарегетирање за поправеден систем?

Арсовска: Тоа е политички концепт за кој чинителите на власта на крајот самите одлучуваат. Одговорноста подоцна како и придобивките доколку ги има, се на носителите на политичката одлука. Македонската економија е пазарно ориентирана економија, и веруваме дека економскиот тим на Владата работи на растот на економијата за до крајот до 2019 година да видиме позитивни резултати. Неопходно е на најранливите категории да им се помогне, но за тоа да постои јасно воспоставен систем и механизми низ кои ќе се спроведува.

Владата со законски измени а и некако брзо измени неколку клучни закони во државата, па сега зголемени се придонесите, воведен е прогресивен данок на личен доход. Се смени и законот за данокот на добивка. Немавте многу време за реакции,од овој аспект, како гледате на овие измени? Кој ќе биде погоден и како? Кој е добитник кој губитник?

Арсовска: Првичните пресметки беа дека оваа најавена мини даночна реформа нема да има некој поголем ефект за целокупниот буџет, а нашите реакции во најголема мера беа на начинот на кој беа донесени измените на законот, во постапка во која немавме можност за сугестии за евентуално подобрување. Сметавме дека постои простор за поинакви измени во одночувањето, а најмногу во делот кој ќе ги погоди вршителите на земјоделска дејност како група на учесници во стопанството кои се соочуваат со многу предизвици. За нив потребна е стимулација на нивниот раст и развој, нивно окрупнување, обезбедување соодветен пласман за производите. Како што рековте и самите, измените беа донесени многу брзо, не дадовме забелешки во процесот на изготвување бидејќи како комори не бевме вклучени, а ефектите допрва ќе ги видиме. Имаме иницијални реакции особено од оние компани од приватниот сектор кој закупуват деловен простор од физички лица каде зголемувањето на данокот предизвика зголемување на нивните трошоци, особено кај фирми кои користат поголем број деловни единици. На компаниите не им беше пресметан овој трошок во финансиските планови за 2019 затоа што измените на законот беа најавени на крајот на годината, а тоа претставува и дополнително непредвидено финансиско оптоварување.

Државата проектира секоја година се поголем буџет, растат и долговите, засега слаба е реализацијата на капиталните инвестиции. Во кои постулати од фискалната политика сметате дека има проблем. Како треба државата да ја креира политиката во следниот период.

Арсовска: Непоходно е фокусирање на реализација на капиталните инвестиции особено на инфраструктурните проекти во делот на изградбата на коридорите затоа што поврзувањето на Македонија е неопходно особено за компаните кои се извозно ориентирани и партнери имаат  во западно европските земји како традиционално најголем пазар во надворешно трговската размена. Неопходно е продуктивно трошење и фокус кон капиталните проекти затоа што тоа беше и начин на развој на градежништво кое со години е двигател на економскиот раст и како сектор директно е поврзан со над 20 други стопански гранки.

 

 

Поддршка од државата сега добиваат и домашните компании, не само странските. Каков ефект има ова за домашното стопанство?

Арсовска: Сите закони кои се во функција на поддршка на стопанството се позитивни. Оваа мерка ќе има бенефит, иако генерално де јуре и де факто и претходно, поволностите за влез во развојните зони не ограничуваа пристап на домашните компании, но самиот услов за технолошки напредна дејност беше со лимитиран опсег. Условите сега се транспарентни и олеснети така што може секоја компанија да аплицира и да биде корисник на тие поволности. Она што го детектиравме минатата година е дека и покрај тоа што таргетот беше да се стимулираат успешните компании, имаше и такви примери каде компании кои со години успешно работеле, но поради економските прилики и неизвесноста во последната година, не оствариле раст со што не се во можност да ги користат поволностите. Нашите забелешки кои ги доставуваме со цел идно подобрување на условите, се да се гледа целокупното портфолио и бонитет на компаниите кои сакаат да аплицираат.

Арсовска што му е најпотребно на стопанството во моментов?

Арсовска: Она што му треба најмногу е извесна дерегулација, особено за малите и средни претпријатија, за што постојат позитивни примери од регионот. Една од државите која беше дадена како пример за прогресивното оданочување, во исто време, е и држава во која има комплетна дерегулација во првите неколку години по основањето на компанија што е особено важно за малите компании и претприемачите. Даночно слободување во првите години и други даночни олеснувања кои им се оптоварување при отпочнување на бизнис е значајно и потребно за раст на претпријатијата.

Компаниите реагираат и на парафискалните давачки, кои се предвидени во други прописи, со кои тие секојдневно се соочуваат и им генерираат дополнителни трошоци кои не им се предвидени со секојдневното работење и сериозно влијаат на нивната конкурентност.

Борбата со сивата економија, секако е клучна. Институциите мора да изнајдат механизам за регистрирање на оние кои се во сивата зона а прават огромни профити, како би се елиминирала нелојалната конкуренција, при што најдобра е можноста да одлучат да влезат во системот доколку сакаат да работат регистрирано и да плаќаат даноци како сите регистрирани субјекти. Доколку тоа не е можно втора опција е да се спречи да вршат дејност и да се применува доследно Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност. Тоа нека биде позитивен исчекор во насока на примена на владеењето на правото и борбата во справувањето со корупцијата.

Страница 1 од 3