И Данска размислува за скратена работна недела

Четврток, 16 Јануари 2020 15:17 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Во Данска има дебата за воведување на четиридневна работна недела, откако претходно, финската премиерка Сана Марин предложи за скратување на работното време на четири дена неделно.

Истражување на Агенцијата за статистика, покажа дека секое седмо лице кое работи во Данска би сакало да работи помалку часови неделно. Резултатите покажуваат дека 16 проценти од луѓето во земјата ја поддржуваат идејата за скратување на работното време.

Работната недела во Данска трае 37,5 часа, што е помалку од повеќето европски земји.

Финската премиерка Марин предложи скратување на работното време на четири дена неделно. Целта е работниците да бидат посреќни и попродуктивни. Марин повика да се воведе флексибилен работен распоред, кој ќе се состои од четири работни дена неделно и шест работни часа дневно. 

Од 1996 година финските работници имаат право да ја почнат или да ја завршат работата три часа порано или подоцна.

Шведска во 2015 година пробно воведе шестчасовно работно време и се покажа дека вработените се посреќни, побогати и попродуктивни.