Германската авто-индустрија во криза, производството на коли падна на ниво од 1996 година

Четврток, 09 Јануари 2020 12:11 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Германската автомобилска индустрија е во криза. Тоа може да се види од податоците на последните квартали во 2019 година, а сега пристигна и потврдата во најновиот годишен извештај.

Годишното производство во германските фабрики за автомобили, со произведени 4,66 милиони возила, падна на нивото во 1996 година.

Според Блумберг, ова е пад од девет проценти во однос на 2018 година. Причината за падот на производството не е пониската продажба на автомобили во Германија затоа што, и покрај забавениот економски раст оваа година, продажбата се зголеми за пет проценти со вкупно продадени 3,6 милиони автомобили, што е најдобра продажба година од 2009 година.

Падот на производството кај германските производители првенствено е последица на глобалната трговска војна меѓу САД и Кина. Како резултат, падна побарувачката за германски автомобили на клучните пазари, особено Кина, како што може да се види и од извозот на автомобили во Германија, кој падна за 13 проценти во 2019 година на 3,5 милиони возила.

Но, причините за кризата во најсилната автомобилска индустрија во Европа се подлабоки од трговската војна на САД со Кина. Глобалната автомобилска индустрија, вклучително и Германија, претрпува драматични промени. Строгите еколошки барања на ЕУ, чија динамика се поттикнуваше од најголемиот скандал во автомобилската индустрија овој милениум – Дизелгејт, кога американските регулаторни органи го фатија Фолксваген во 2015 година во фалсификување податоци за издувните гасови од нивните дизел мотори. Скандалот се рашири во Европа, паднаа и шефовите на групата, а ВВ се одлучи за нова ера, електрификација.

Дополнителен удар за производителите на автомобили во Европа го донесе Европската комисија со нови регулативи, кои стапија во сила првиот ден од 2020 година. Поради сето ова, се очекува да се зголемат цените на новите автомобили. Германските производители најавија реструктуирање на бизнисот, а отпуштањата и најавите за отпуштање од работа на работниците во автомобилската индустрија започнаа минатата година.

Преминувањето кон производство на електрични автомобили неизбежно носи помалку работни места, затоа што електричните автомобили се поедноставни и имаат помалку делови од класичните, а сето тоа се прелева на добавувачите.