Индустриска шпионажа во „Ербас“, отпуштени 16 луѓе

Понеделник, 02 Декември 2019 07:45 Напишано од  Објавено во СВЕТ

„Ербас” отпушти 16 вработени поради истрага за шпионирање германските воени програми, јавуваат медиумите во Минхен.

Обвинителството во Минхен ја започна истрагата во септември, откако компанијата ги извести властите за можни неправилности со документи за две трансакции.

Отпуштените 16 вработени, вклучувајќи директор на оддел, се осомничени за индустриска шпионажа и незаконско стекнување доверливи документи за идни проекти за германските вооружени сили.

Ербас е еден од главните снабдувачи за потребите на германските вооружени сили и редовно добива договори за снабдување со нови авиони и хеликоптери на армијата.

Случајот со индустриска шпионажа датира од есента 2018 година, кога еден вработен ги прашал своите претпоставени и правниот оддел дали треба да има пристап до класифициран документ што го добил. Следеше голема проверка од 1,5 милиони документи.

Првично, 90 лица беа осомничени за нелегално стекнување и поседување класифицирани документи, вклучително и некои детали за договори со војската.