Земјотресот во Албанија однесе најмалку 4 жртви, а направи и голема материјална штета

Вторник, 26 Ноември 2019 07:40 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Најмалку 4 жртви има во силниот земјотрес што утрово во 3.54 часот ја погоди Албанија, во кој паднаа згради, а 150 луѓе се повредени. Американскиот геолошки истражувачки центар кажа дека земјотресот со магнитуда од 6,4 степени бил со епицентар на 30 км северозападно од Тирана, на длабочина од 20 км.

Овој земјотрес кој траеше околу 20-на секунди силно се почувствува и во Македонија, како и послабиот потрес околу 7 часот утринава. Земјотресот беше почувствуван и во Бугарија, Босна, Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска и Италија.

Министерството за одбрана на Албанија кажа дека маж и жена загинале кога паднала зграда во Тумане, 36 км северно од Тирана. Едно лице загинало откако скокнало од неговиот дом за да избега од тресењето во Курбин, 50 км северно од главниот град. Уште едно лице загина во Драч, на 33 км од Тирана, кога паднала зградата, а спасувачките служби се борат да спасат и други од зградата.

Земјотресот се почувствувал вдолж албанското крајбрежје, а поради бројните афтершокови властите го повикаа населението да остане надвор. Многумина велат дека има пукнатини на ѕидовите од нивните куќи, а луѓето се собираат на отворено.

Ова е втор голем земјотрес по оној со магнитуда од 5,6 на 21 септември, кој оштети околу 500 куќи и за кој Министерството за одбрана на Албанија рече дека е најсилен во последниве 30 години.

Албанскиот претседател, Илир Мета и лидерот на Демократската партија, Лулзим Баша, изутринава пристигнаа во меноста Тумана, кадешто силниот земјотрес предизвика голема материјална штета.

„Многу драматична ситуација. Се прават напори да се извлечат луѓето од под урнатините. Посакувам да нема многу жртви. Нека секоја институција ја заврши својата работа “, рече Мета, кој беше и во локалната болница, рече Мета.

Последен пат изменето на Вторник, 26 Ноември 2019 07:49