Осум земји на ЕУ не ги кројат буџетите по правилата на Унијата

Четврток, 21 Ноември 2019 08:29 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Белгија, Франција, Шпанија, Италија, Финска, Словачка, Словенија и Португалија презентирале национални буџети кои се на раб на непочитување на правилата на еврозоната, предупреди Европската комисија.

Овие осум земји имаат до идната пролет да ги коригираат нацрт-буџетите и да презентираат ревидирани верзии до Европската комисија за да избегнат ситуација во која би ги прекршиле начелата на Пактот за стабилност и раст на еврозоната.

Во најкритична состојба се Белгија, Шпанија, Франција и Италија поради стапката на задолженост. Стапката на првите три е некаде под сто отсто од БДП, додека Италија веќе подолго време ја надминува стапката од сто отсто.

Комесарите задолжени за економски и финансиски прашања, Валдис Домбровскис и Пјер Московиси, предупредија дека состојбата е загрижувачка затоа што висока стапка на задолженост го ослабнува капацитетот на државите да се справат со можни макроекономски шокови.

Што се однесува до Италија, Европската комисија повтори дека земјата треба да се справи со структурните проблеми на својата економија. Од Франција исто така се бараат „поголеми суштински структурни напори“, рекоа комесарите.