Словенија создава НОВ национален авиопревозник?

Вторник, 08 Октомври 2019 13:18 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Словенечката влада е во преговори со германската компанија „Луфтханза“ и операторот на Франкфуртскиот аеродром „Фрапорт“ за продажба на одредени авио-рути на словенечката компанија „Адриа ервејс“, која прогласи банкрот на крајот на септември.

 

Порталот „exyuaviation.com“ пренесува дека „Адрија“ сообраќала кон Брисел, Франкфурт, Минхен, Виена и Цирих, и дека подружниците на „Луфтханза“ досега немале своја директна линија до Љубљана.

Словенечкиот министер за економски развој и технологија Здравко Почивалшек рече дека околу половина од рутите може да бидат наменети за „Луфтханза“ и дека во моментов преговара со најголемата германска авиокомпанија за формирање нов национален оператор.

Почивалшек оцени дека новоформираната „Ер Словенија“ би можела да ги започне операциите до крајот на февруари 2020 година со флота од 10 до 12 авиони и да лета до петнаесет дестинации. Од друга страна, министерот предупреди дека процесот може да потрае некое време и дека ќе бара политички консензус во земјата.