„Мини-Шенген“: Парцијално решение без иднина?

Вторник, 01 Октомври 2019 12:50 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Додека стопанствениците се радуваат на решенија кои можат да го поттикнат економскиот раст во регионот, политичките аналитичари се сомневаат во добрите намери на Белград кога се работи за регионалната соработка.

Иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за укинување на трговските бариери меѓу Србија, Албанија и С. Македонија добива позитивни критики од економистите и стопанствениците, но политиката и политичките аналитичари засега се воздржани. Наспроти стопанствениците кои се надеваат дека продлабочената соработка ќе доведе до зголемен економски раст во регионот, за политичките аналитичари спорни се мотивацијата, но и архитектурата на иницијативата која регионалните медиуми веќе ја нарекоа „мини Шенген“.

„Албанија и Косово нема да ја поддржат оваа иницијатива, а сигурен сум дека и С. Македонија нема да прифати парцијални решенија“, вели за ДВ, Наим Рашити, директор на Балканската истражувачка група од Приштина.

„Само полноправни иницијативи кои ги инволвираат сите земји можат да добијат поддршка, а не оние кои го подриваат суверенитетот на некои од нив“, додава тој.

Српскиот претседател ја турка оваа иницијатива веќе со години, или поточно од 2015 година.

„Мини Вишеград“

Според изјавите кои ги даде минатата недела од Њујорк, идејата на Вучиќ е оваа мини-балканска групација да настапува слично како Вишеградската група.

„Важно е земјите од регионот да разберат дека имаат корист од тоа, дека нашите луѓе разбираат дека настапуваме како блок, бидејќи така ќе бидеме повеќе почитувани во Европа“, рече Вучиќ.

Српски претставници во меѓувреме објаснуваа дека поентата е во тоа просторот на Западниот Балкан да се уреди како заеднички пазар и единствена инвестициска дестинација, со хармонизирани прописи и поедноставени процедури.

Идејата веднаш најде поддршка и од претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, кој во изјава за Танјуг порача дека „идејата треба веднаш да се реализира, во било кој формат, било кога и било каде“.

И Петар Гошев, поранешниот македонски министер за финансии и гувернер на Народната банка, гледа позитивно на предлогот.
Енергетскиот и транспортниот сектор се многу важни. Забрзувањето на протокот на стоки, намалените трошоци и отстранувањето на пречките би користеле за подобар економски развој на регионот", вели Гошев.

Спорни мотиви

Косовскиот аналитичар Рашити не го дели мислењето на економистите. Тој смета дека Србија има сосема поинаква мотивација при промоцијата на вакви проекти и истите ги сублимира во три точки:
„За да доминира на пазарот и во политиката, да ги намали разликите и политичките спорови, и да избегне решавање на билатералните спорови, како и соработката со Косово“.

Со исклучок на ЦЕФТА, останатите слични иницијативи во регионот досега минаа неславно. Во 2017 година на самитот во Трст имаше обид дополнително да се поттикнат трговијата и економската интеграција на земјите од Западниот Балкан како основа за формирање на Регионална економска зона. Досега оваа иницијатива не стигна далеку, а државите од регионот и натаму се сопнуваат на политичките спорови. Последен таков случај беше и Самитот на ЕУ во Познањ, Полска, кога Србија ја одби иницијативата за меѓусебно признавање на дипломите.

Може ли да се очекува успех на регионалните иницијативи во ситуација кога земјите од регионот имаат нерешени спорови и ниска меѓусебна доверба?

„Фокусот треба да се стави на решавање на билатералните спорови“, вели Рашити. „Северна Македонија и Грција се најдобар пример за тоа. Дури откако се реши споро сите останати агенди глатко се развија“.
„Србија ја турка регионалната соработка за да го избегне соочувањето со „слонот во собата“, а тоа е решавањето на проблемот со Косово“, вели Рашити.

Воздржаност во Скопје, критики во Тирана

Вучиќ ќе им ја презентира својата идеја на премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев на 9 и 10 октомври во Нови Сад. Случајно, почетокот на тој балкански мини-самит ќе биде означен точно пет месеци откако токму Вучиќ, на 9 мај годинава, ја критикуваше идејата за „мал Шенген“ меѓу Тирана и Приштина како „налудничава приказна“.

Владата во С. Македонија засега е воздржана за идејата на Вучиќ. Македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи за ДВ вели дека Скопје ќе го гради ставот по ова прашање со Вашингтон и Брисел.„Ние сме на чекор до почеток на преговори со ЕУ, а де факто сме и членка на НАТО, па затоа, за вакви иницијативи треба да се консултираат Брисел и Вашингтон“.

Во Албанија, некои политичари остро ја критикуваат идејата. Поранешниот пратеник на Социјалистичката партија на Рама и лидер на политичкото движење „Решение“, Кочо Кокедима оценува дека иницијативата би можела да има погубни последици за албанската економија и стопанство и бара од Рама да ја отфрли.

Наместо парцијални решенија кои опфаќаат само одредени број земји, Рашити предлага земјите од регионот да договорат целосна поврзаност, слободно движење на стоки и луѓе, отстранување на сите пречки за слободна комуникација, како и признавање на дипломите и професиите.

„Но, тоа не е можно затоа што се уште постојат ограничувања и контролирани граници, а меѓу некои земји, како што се Косово и БиХ, постои и визен режим“, заклучува Рашити.