Берлин со намера да ја ограничи висината на киријата на 8 евра по квадрат

Вторник, 27 Август 2019 13:44 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Градските власти во Берлин планираат да ја ограничат месечната закупнина за станови на 7,97 евра за метар квадратен, како дел од планот за замрзнување на висината на киријата кој беше договорен претходно годинава, објави весникот „Тагешпигел“, повикувајќи се на нацрт-законoт.

Берлинската сенаторка за урбан развој, Катрин Ломпшер, планира ваквата мерка да ја воведе за станови изградени до 2013 година, а од неа би биле исклучени становите изградени по 2014 година, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Предлог-законот сè уште е предмет на дискусија и може да претрпи измени, наведува весникот.

Се очекува сенатот до 15  октомври да го достави нацрт-законот до градскиот парламент, а законот би требало да стапи на сила во јануари следната година.

Берлинските власти одлучија дека кириите за станови не смеат да се зголемат во наредните пет години, со цел да го контролираат вртоглавиот пораст на цените на недвижностите во германската метропола која некогаш била позната по ниските трошоци за живот.