Од Бугарија не може да се увезе ниту јакна од свинска кожа

Понеделник, 05 Август 2019 14:03 Напишано од  Објавено во СВЕТ

По појавата на болеста африканска свинска чума во Бугарија, надлежните институции во Македонија во повеќе наврати апелираа дека ситуацијата е сериозна и ги предупредија граѓаните кои патуваат да не внесуваат храна од животинско потекло. Освен храна, од АХВ информираа дека забраната се однесува и на нуспроизводи од свињи, односно кожа и преработки од кожа

По Македонија и Грција забрани увоз на свинско месо од Бугарија. Причината е што болеста африканска свинска чума се рашири во повеќе места во оваа соседна земја. Покрај забраната за увоз и транзит на домашни и диви свињи, месо и преработки од свинско месо, како што информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство Македонија засилени се и контролите на граничните премини и воведена е забрана за увоз на нуспроизводи од свињи, односно кожа и преработки од кожа.
Освен од Бугарија увоз на свињи, месо и преработки е забранет и од другите земји во кои е потврдена појава на болеста, Полска, Чешка, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Белгија, Италија и Унгарија.
Од појавата на болеста африканска свинска чума досега во Бугарија се усмртени над 100 илјади свињи. Во акцијата за спречување на ширење на болеста се вклучија и воените и полициските сили, а претседателот Румен Радев упати апел до ветеринарите и други експерти да преземат посериозни мерки против ширењето на африканската свинска чума.

И Грција ги презеде сите можни мерки против ширењето на болеста африканската чума на грчките фарми за свињи. Освен забрана за увоз на свинско месо во Грција се дезинфицираат сите автомобилите што ја минуваат границата.
Засега, како што соопшти Министерството за земјоделство нема регистриран случај во Грција, но експертите претпоставуваат дека вирусот би можел наскоро да ги зафати и фармите за свињи во Грција.
Во Македонија надлежните институции во повеќе наврати апелираа дека ситуацијата е сериозна и ги предупредија граѓаните кои патуваат да не внесуваат храна од животинско потекло, а сточарите свињите да не ги одгледуваат на отворено.
Поради сезоната на годишни одмори и почести патувања надвор од државата, АХВ побара од Царинската управа да прави поголеми контроли на багажот на патниците.

Болеста „африканска свинска чума“ е многу раширена и во Романија и во другите земји од Источна Европа. Експертите велат дека болеста не е опасна за луѓето, но го уништува добитокот и предизвикува големи економски загуби.
Вирусот се излачува преку крв, ткива, секрети од болни или угинати животни. Болеста се пренесува и шири со директен контакт помеѓу здраво и болно животно, трупови од угинати животни и луѓе, индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека.

Главните видови на животни кои се приемчиви на вирусот на африканска чума се домашните свињи, европската дива свиња и американски диви свињи, африкански диви свињи и крлежите. Периодот на инкубација трае од 4 до 19 дена.