Русија веќе има една четвртина од светските резерви во кинески јуани

Петок, 11 Јануари 2019 11:41 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Руската централна банка се откажала да поседува 101 милијарди долари како дел од огромните резерви, насочувајќи се кон еврото и јуанот во минатата пролет во позадина на новиот круг американски санкции, соопшти „Bloomberg“.

Централната банка купила еквивалент од 44 милијарди долари од европската и кинеската валута во вториот квартал, покажува извештајот објавен од страна на централната банка, која ги открива податоците по шестмесечно одложување. Уште 21 милијарда долари беа инвестирани во јапонски јени.

Кинеската валута формираше 15% од вкупните резерви во последното читање во споредба со 5% на крајот на првиот квартал, се вели во извештајот. Ова покажува дека рускиот дел од јуанот е околу 10 пати поголем од просекот за глобалните централни банки. Во исто време сопственоста на кинеската валута претставува околу една четвртина од светските резерви во јуани, покажуваат податоците на Меѓународниот монетарен фонд. Според „Morgan Stanley“, Русија беше главен купувач на кинески обврзници во минатата година.

„Русија презема стратешка промена во резервите, насочувајќи се помалку кон долари, но повеќе кон средства во други валути“, коментира Бен Стајл, директор по меѓународна економија во „Council on Foreign Relations“ во Њујорк.

Податоците покажуваат огромно забрзување во политиката на Русија кон која се стреми земјата веќе неколку години, намалувајќи ја изложеност на средства кои можат да бидат погодени од санкциите на САД. Суровите санкции против големите руски компании во почетокот на април имаа влијание на рубљата и предизвикаа стравувања дека ќе следат уште ограничувања, на пример мерки за одделување на Москва од глобалните системи за плаќања. Руската сопственост на американските државни обврзници падна за околу 81 милијарда долари во мај и јуни, според податоците на САД.

Русија не е единствената земја која се обидува да ја намали зависноста од светската резервна валута во позадина на зголемувањето на обидите на Вашингтон да ја користи својата економска сила за политички цели. Во продлабочувањето на трговската војна со САД, минатата година Кина продаде поголем дел од американските државни хартии кои ги имаше, а официјални лица во Европа упатуваат сериозни предлози да се зголеми употребата на еврото во регионалните трансакции.

„Не се откажуваме од доларот, доларот се откажува од нас“, рече рускиот претседател Владимир Путин во ноември, додавајќи дека нестабилноста на американската валута тера многу земји да се свртуваат кон алтернативни резервни валути.

Податоците на централната банка покажуваат дека Русија намалила дел од резервите, чувани во САД, до само 10% од вкупните наспроти 29% на крајот на март. Ова сугерира дека некои преостанати доларски средства се одржуваат во други земји.

Резервите на Русија се меѓу 10-те најголеми во светот и изнесуваат 458 милијарди долари кон крајот на јуни 2018-та година. Податоците укажуваат дека на Русија се должат 90% од новите текови на кинескиот пазар на обврзници во првата половина на 2018-та година, коментираат аналитичарите на „Morgan Stanley“.

Промената, исто така, го намали кредитниот квалитет на руските резерви. Уделот на средствата со „AA“ вредност падна на 27 отсто од 43 отсто, се вели во извештајот на централната банка. Приносот е поголем кај активите во јуан – 3,2%, наспроти 0,35% на средствата во американски долари.