Списокот на фирмите кои ја злоупотребиле државната помош се намалува

Вторник, 11 Август 2020 11:24 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

На списокот на фирмите кои државната субвенција за плати не им ја дале на своите работници останаа 344 компании, а 234 веќе ги нема. Оние што останаа на списокот може и кривично да одговараат за злоупотребата на државните пари за исплата на минималец за работниците.

Од Генералниот секретаријат на Владата информираат дека денеска финалниот список ќе биде испратен до Јавното обвинителство. Сопствениците на овие фирми ќе мора да ги вратат парите, а  им се заканува и казна затвор од 1 до 10 години.

Управата за јавни приходи најпрво објави список од 708 фирми кои за два месеци не исплатиле околу 385.000 евра на над 1.700 вработени. Денес на конечниот список кој ќе оди во обвинителство се 344 компании кои не исплатиле околу 180.000 евра на 800 вработени.

УЈП објави дека околу 3.750 компании на речиси 53.000 работници исплатиле 1,5 милиони евра помалку од парите кои ги добиле од државата. И овие компании се дел од проверката на надлежните.

Синдикатите бараат и кривична одговорност за газдите за злоупотребата на државаната помош.

А Владата најави дека ќе поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство против компаниите, кои и покрај последните опомени и рокот што им беше даден, до петокот минатата недела не ги исплатија платите на своите работени.