За затворање на границата да одлучи Владата, хроничните болни да се вратат на работа

Петок, 03 Јули 2020 13:44 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Нема што да препорачаме за евентуално затворање на границите кон Србија и кон Косово, за тоа прашање нека одлучи владата, порачуваат извори од Комисијата за заразни болести за „НоваТВ“ чиј состанок претпладнево, според нив, минал со мноштво несогласувања меѓу членовите.

„Не успеавме да изградиме заеднички став, така што нема што да препорачаме во однос на границите. Ако сега препорачаме затворање, зошто тогаш ги отворавме. Затоа нека одлучи Владата", потенцираат извори од Комисијата за заразни болести.

Евентуалното затворање на северната граница кон Србија и кон Косово беше една од темите на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести што се наметна по влошената епидемиолошка слика во двете земји и регистрираниот пораст на новозаболени со Ковид-19.

Извори од Комисијата за заразни болести е на став дека лицата со хронични здравствени проблеми, кои својата состојба ја држат под контрола, треба да се вратат на работа. Ова, како што дополнуваат од Комисијата, не се однесува за лица со малигноми, со рак или за лица кои се наоѓаат во животно загрозувачка состојба.